/ Прочитано:

796

ПРЕВЕДЕН ТЕКСТ НА ПРЕСУДАТА ЗА ПРЕДМЕТОТ ПЕТРЕСКА ПРОТИВ РМ: Поранешна вработена во Агенцијата за разузнавање ја доби правдата во Стразбур

Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП ја објави пресудата за предметот „ПЕТРЕСКА против РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“. Се работи за случај во кој на поранешна вработена во Агенцијата за разузнавање на Република Македонија во 2001 година ѝ престанал работниот однос во Агенцијата врз основа на Правилник за систематизација кој во моментот на престанокот на работниот однос сè уште не бил во правна важност. Пресудата е во корист на жалителката.

slika

„Предметот започна со жалба (бр. 16912/08) против Република Македонија, поднесена до Судот согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на македонски државјанин, Десанка Петреска („жалител“), на 26 март 2008 година. Жалителката беше застапувана од г. Ј. Војчески, адвокат од Скопје.

На 28 февруари 2001 година Десанка Петреска била отпуштена од работа и прогласена за технолошки вишок поради интерна регулатива – Правилник за систематизација на работните места („прописи““ од 27 февруари 2001 година), со кој се намалил бројот на вработени за работните позиции како работната позиција на жалителката.

На 9 април 2001 година жалителката го оспорила нејзиното отпуштање пред Основен суд Скопје („првостепен суд“). После три наредби за препраќање на предметот, на 29 ноември 2005 година судот во прв степен го одбил тужбеното барање на тужителката, констатирајќи дека таа била отпуштена на 28 февруари 2001 година врз основа на прописите кои биле усвоени од работодавачот и кои биле одобрени од Владата на 27 февруари 2001 година. Понатаму, утврдил дека согласноста од Владата била примена од работодавачот на 2 март 2001 година, но тоа било ирелевантно поради тоа што само датумот кога согласноста била дадена од Владата бил важен за стапување на сила на прописите“…Целосниот текст на пресудата преведена на македонски јазик .

foto

Адвокатот Јане Војчески за случајот и пресудата

„Се работи за спор од работен однос кој 7 години се решаваше низ македонските судови. Постапката траеше неразумно долго, а во целиот период првостепената пресуда трипати беше укинувана додека конечно сите судови ги „усогласија“ ставовите на штета на тужителката. Имено, на тужителката како вработена неправедно ѝ престанал работниот однос врз основа на Правилник за систематизација кој во моментот на престанокот на работниот однос сè уште не бил во правна важност. Ваков став имал заземено апелациониот суд во неколку други постапки кои биле покренати од колеги на тужителката, а кои биле вратени на работа. За жал, во случајот на тужителката судот зазел став дека истиот тој Правилник бил во правна важност во моментот на донесување на одлуката за престанок на работниот однос и дека одлуката е законита“, образложува адвокатот Јане Војчески, правен застапник на жалителката.

Правдата, вели Војчески, одлучивме да  ја бараме пред Европскиот суд за човекови права, пред кој ги изнесовме сите факти и околности кои укажуваат на неразумното времетраење на постапката, од една страна, како и на различна пракса и дијаметрално спротивни одлуки во исти спорови.

фото

„Судот донесе пресуда со која утврди дека постои повреда на членот 6 од Конвенцијата и досуди соодветен надомест за претрпената нематеријална штета, како и надомест на трошоците на постапката. Во однос на другиот дел од апликацијата, Судот не најде дека постои неконзистентност во домашните одлуки, и покрај фактот што некои од поранешните колеги кои воделе исти постапки биле вратени на работа. Причина за ваквиот став е што во случајот на тужителката финалната одлука била донесена од Врховниот суд, а во останатите од апелациониот суд и не била водена постапка по ревизија. Генерално, имајќи ја предвид целокупната комуникација во постапката пред Европскиот суд за човекови права, како и праксата на Европскиот суд за човекови права во слични апликации, одлуката која е донесена беше очекувана и со неа делумно се надомести штетата која беше нанесена пред 15 години“, истакнува адвокатот Војчески.

ПОРАНЕШНА ВРАБОТЕНА ВО АГЕНЦИЈАТА ЗА РАЗУЗНАВАЊЕ ЈА ДОБИ ПРАВДАТА ВО СТРАЗБУР

М.В