/ Прочитано:

858

„ПУЧ“: Кривичниот суд го известил Обвинителството за непочитување на превентивната мерка од страна на Заев

Петок, 7 август 2015 –  Основниот суд Скопје 1 во текот на вчерашниот ден испратил известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во врска со непочитувањето на превентивна мерка определена против лидерот на опозицијата Зоран Заев, четвртообвинет во „Пуч“, и неговото нејавување пред надлежниот суд во Струмица. Сега на потег е Обвинителство кое треба да се произнесе по дописот од Судот, односно надлежниот обвинител треба да достави до Судот предлог за мерка која ќе бара да му се одреди на Заев.

„Постапувајќи по барање на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при овој Суд, од страна на Основен суд Струмица доставено е известување на 30.07.2015 година во кое е наведено дека обвинетиот З.З. на 13.07.2015, 20.07.2015 и 27.07.2015 година не се појавил во просториите на Судот во Струмица, ниту го оправдал своето недоаѓање. Исто така, Судот во Струмица на барање на ОСС1 му испратил покана на обвинетиот да се јави во Судот на ден 04.08.2015 година, за да даде изјава во врска со барањето на Советот при овој Суд. Обвинетиот ја испочитувал поканата и се појавил во просториите на Судот, така што на 05.08.2015 година до Советот е доставено известување од Судот во Струмица, со прилог записник од сослушувањето на обвинетиот Зоран Заев, од 04.08.2015 година, во кој се наведени причините за неговото непочитување на определената мерка на претпазливост.

Во прилог на овој допис, ОСС1 до Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција ги достави известувањето на Основен суд Струмица од 06.07.2015 година, дописот на кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција до Судот во Струмица од 21.07.2015 година, известувањето од Судот во Струмица до овој суд од 30.07.2015 и од 04.08.2015 година, со цел целосно запознавање на Јавното обвинителство во врска со овој предмет“, се вели во соопштението.

Од Обвинителството за Академик велат дека сѐ уште не го добиле известувањето од Судот, но дека, поради големиот интерес на јавноста, ќе се произнесат со соопштение штом ќе го добијат.

Заев: во секој момент сум достапен, не мислам да се дадам во бегство

Според записникот на Основниот суд Струмица, Заев во својата изјава вели дека останува на изјавата искажана на прес-конференција дека и понатаму нема да ја почитува мерката на претпазливост поради, како што вели, политичкото одлучување во судската постапка „Пуч“, со напомена дека нема да се даде во бегство.

„Точно е дека имав задолжение да се јавувам секој понеделник во овој суд по решение IV КОК-ПП 52/15-4 од 21.01.2015 година. По тоа решение уредно се јавував во Основниот суд Струмица сѐ до 06.07.2015 година, кога јавно ја известив јавноста преку прес-конференција за понатамошно непочитување на мерката задолжително јавување секој понеделник во Судот од причини што и тогаш јавно ги посочив и сега ги потврдувам, а се однесуваат на политичкото одлучување во судската постапка „Пуч“ – насилство врз претставници на високи државни органи.

Инаку и понатаму останувам на таа изјава за непочитување на мерката на претпазливост, меѓутоа нагласувам дека сум достапен за органите на прогонот во секој момент, не мислам да се дадам во бегство и натаму останувам во Македонија и тоа на подрачјето на Општина Струмица и Општина Скопје. Во Струмица сум на адреса ул. ,,……..“, а во Скопје во седиштето на СДСМ. Тоа е сѐ што имам да кажам“, стои во записникот кој во рамки на соопштението го пренесува Основниот суд Скопје 1.

Судењето за случајот „Пуч“, кое требаше да стартува во средата, 5 август, се одложи за 7 септември поради тоа што Заев не се појави во судница.

Покрај Заев, во „Пуч“ се обвинети и поранешниот разузнавач, Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња, општинскиот службеник од Струмица, Бранко Палифров, како и Ѓорги Лазаревски, вработен во МВР. 

Обвинетите се товарат за шпионажа и насилство спрема претставници на највисоките државни органи.

>> „ПУЧ“: Заев не се појави во судница – судењето одложено за септември

E.П.