/ Прочитано:

1.470

Распитот на обвинетиот за убиството на матурантот Ангел одложен за во понеделник

Петок, 12 јуни 2015 – Иако денеска се очекуваше за првпат на главната расправа да проговори обвинетиот за убиството на матурантот Ангел Петковски од Ѓорче Петров, Насер Ештрефи, рочиштето се одложи поради отсуството на неговиот бранител, адвокатот Ангел Георгиев.

Судијата пјасни дека адвокатот кратко пред почетокот на рочиштето доставил до Судот поднесок за одложување на судењето.  Како што беше посочено, причината била ангажираност на бранителот во друг притворски предмет од организиран криминал, како и заморот и исцрпеноста од ангажманите кои ден претходно адвокатот Георгиев ги имал со клиенти од акцијата во кумановско Ваксинце.

На ова жестоко реагираше обвинителот Дарко Јакимовски, кој го оцени барањето на адвокатот како несериозно и побара да се провери вистиноста на тврдењата наведени во поднесокот. Според обвинителството, не е првпат  да се одлага судењето на барање на одбраната. 

„Секое судење предизвикува непријатности и лоши спомени кај семејството, и ова барање треба многу сериозно да се оцени. Ова се веќе серизни трошоци за постапката. Законот ви дава можност да казнувате“, се обрати обвинителот на судскиот совет.  

Образложувајќи дека без бранител е невозможно да има распит на обвинетиот, судијата Илија Трпков судењето го презакажа за 12 јуни,  понеделник.

На минатото рочиште и психијатарот и психологот, т.н. технички советници, предложени од одбраната на обвинетиот за убиството на Ангел Петковски го потврдија психијатриското вештачење на обвинителството, според кое Ештрефи  бил пресметлив кога го убил Ангел.

Убиството на матурантот Ангел Петковски се случи на 19 мај минатата година во скопската населба Ѓорче Петров.  Сè почнало со кражба на велосипедот на Ангел од семејната куќа на Петковски. Според обвинението, Ештрефи откако го украл велосипедот од дворот, бил забележан од таткото на Ангел и побегнал кон мостот што води кон Сарај.

„На патеката на насипот го пречекале таткото на сега покојниот, кој го блокирал патот обвинетиот да не побегне кон мостот, и Ангел кој го блокирал патот во правец спрема течението на реката Вардар. Обвинетиот извадил нож со едностран сечивен дел и замавнал два пати кон Ангел нанесувајќи му убодна рана на десната страна на градниот кош. Обвинетиот потоа бил нападнат со дрвен стап од страна на таткото на сега покојниот и му биле нанесени телесни повреди, по што успеал да избега“, се вели во обвинението.

Залудни биле обидите за помош пред Очната клиника. Поради обилно внатрешно и надворешно крвавење, Ангел починал на скалите од болницата.

 Ештрефи,  на самиот почеток на судењето, призна дека го украл велосипедот, но негираше вина за убиство со умисла. Судот, кој ја раздвои постапката за овие две дела, го осуди на условна казна за кражбата, па затоа моментно му се суди само во однос на обвинението за убиство. Клучниот доказ, ножот со кој е сторено убиството, и покрај пребарувањето на теренот, до денес не најден.

Судскиот процес, кој почна во јануари годинава, се води по новиот ЗКП.

 Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk