/ Прочитано:

1.819

РЕГИОНАЛНИОТ НАТПРЕВАР „БИГ ДИЛ“ ОВАА ГОДИНА ЌЕ СЕ ОДРЖИ ВО СКОПЈЕ: Интервју со адвокатката Ана Хаџиева-Ангеловска

Соработката помеѓу адвокатурата и правните факултети неминовно води кон успех. За тоа најдобро говори минатогодишниот успех на македонските студенти – натпреварувачи на регионалниот натпревар по деловно право кој се одржа во Хрватска. Оваа година македонските студенти се исправени пред нов предизвик, но овој пат на домашен терен. Популарниот натпревар „Биг дил“ оваа ќе се одржи во Скопје, во организација на Адвокатското друштво „Дебарлиев, Дамески и Ќелешоска“.

akademik foto 1

„Регионалниот карактер на натпреварот Биг дил  овозможува да се одржува во различни градови во регионот каде што всушност се седиштата на адвокатските друштва членки на Регионалната мрежа на водечки адвокатски друштва.  Минатата година натпреварот се одржуваше во два дела, па така првиот дел (квалификациите) се одржа во Загреб, а финалето во Белград. Оваа година натпреварот ќе се одржи во Скопје, во организација на Адвокатското друштво Дебарлиев, Дамески и Ќелешоска, и тоа квалификациите ќе се одржат на 24 ноември, а финалето на 25 ноември. Можноста да се биде домаќин на ваков реномиран натпревар преставува особена чест за Адвокатското друштво Дебарлиев Дамески и Ќелешоска“, вели во интервјуто за Академик адвокатката Ана Хаџиева-Ангеловска од Адвокатското друштво „Дебарлиев Дамески и Ќелешоска“.

foto akademik

Адвокатке Хаџиева-Ангеловска, натпреварот „Биг дил“ претставува оригинален сублимат на правната теорија и адвокатската практика. Каков е концептот на натпреварот и во кои области македонските студенти ќе ги одмерат своите знаења со колегите од регионот?

Биг дил преставува натпревар на студенти од правните факултети во регионот, кој веќе втора година се одржува на регионално ниво, во организација на Регионалната мрежа на водечки адвокатски друштва, (Top Tier Legal Adriatic – TLA). Станува збор за актуелен предизвик кој ги подготвува студентите за реални ситуации во деловниот свет низ практична едукација од страна на ментори, професори од Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје и адвокати од Адвокатското друштво „Дебарлиев, Дамески и Ќелешоска“. Студентите ќе имаат можност да ги збогатат и да ги презентираат своите знаења од повеќе области на правото на натпреварот преку изготвување на извештај за правна анализа (Legal Due Diligence Report), како и нацрт на договор за пренос на удел (Draft Share Purchase Agreement). За таа цел се работи на симулација на анализа на документи и правни прашања кои треба да се одговорат, односно проблеми кои треба да се решат пред да се случи преземањето на соодветното фиктивно трговско друштво, трансакции коишто претходат  на статусни промени и преземања  на  фиктивни трговски друштва. Студентите работат на правната анализа како тим во соработка со менторите.

slika

Минатогодишните учесници постигнаа голем успех на натпреварот

 Од кои правни факултети од регионот ќе има студенти – учесници на натпреварот?

 Со оглед на регионалниот карактер на натпреварот, значајно е да се напомене дека оваа година на натпреварот ќе учествуваат студенти од правните факултети од Скопје, Белград, Крагуевац, Загреб и Љубљана.  Големата популарност на овој натпревар помеѓу студентите од Скопје се должи на големиот успех кој минатата година го постигнаа нивните колеги, кои на првиот натпревар „Биг дил“ на регионално ниво се пласираа во финалето и рамноправно со нивните колеги од регионот се бореа за победа.

Што значи одржувањето на овој натпревар од аспект на правната едукација и адвокатурата?

Кооперативноста помеѓу адвокатурата, како претставник на практичниот дел на правото, и правната едукација во примената на правото понудена од врвни адвокати, од една страна, и експертските теоретски знаења и вештини од правото дадени од страна на професорите од Правниот факултет, нудат голем степен на напредок во знаењето на еден млад правник. Тоа најмногу се однесува и е видливо при неговото стручно усовршување кога треба да ја примени својата теоретска подлога низ призмата на реални секојдневни, но и невообичаени правни моменти. Низ самиот натпревар младиот правник учи како да биде борбен, уникатен и натпросечен во својата амбиција. Оттука, сметаме дека овој натпревар е само еден од начините на кои може да се доближи адвокатурата до студентите и до младите правници кои располагаат со високи теоретски познавања, но на кои во тој период им е потребна и дополнителна стручност и искуство во спроведувањето на правото.

akademik foto

Колку е потребна соработката помеѓу адвокатурата и правните факултети за успешно претставување на натпреварот?

Добро воспоставената платформа на Биг дил се должи токму на поврзаноста и меѓусебната соработка помеѓу адвокатурата и правните факултети. Македонскиот тим, како минатата така и оваа година, ќе соработува со проф. д-р Димитар Гелев,  со доц. д-р Билјана Петреска, како и со адвокатите Емилија Ќелешоска-Шољакоска и Ана Хаџиева-Ангеловска од Адвокатското друштво „Дебарлиев Дамески и Ќелешоска“.  Вака воспоставените организација и соработка веќе се докажаа како успешни и сметаме дека се неминовни за постигнување на врвни успеси. Спојот на теоретските знаења на професорите, практичното искуство на адвокатите и посветеноста и трудољубивоста на студентите, како и нивната жед за учење преку практична работа, неминовно водат кон успех.

akademik foto 1

Кои се едукативните придобивки за студентите од учеството на еден ваков натпревар?

Образовниот процес проследен со вакви активности претставува одлична основа за влез во правната професија. Кога ќе излезе младиот правник од студентската клупа со добра теоретска основа, за него уште поголем предизвик ќе претставува стекнувањето со практично знаење во областите со коишто би сакал да се занимава во иднина. Несомнено, едукативните придобивки се големи и значително придонесуваат за квалитетот на знаењето и за настап на правната сцена. Овој натпревар му овозможува на студентот да навлезе во правните предизвици со кои ќе се соочува секојдневно.

СОРАБОТКАТА ПОМЕЃУ АДВОКАТУРАТА И ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ ВОДИ КОН УСПЕСИ: Разговор со финалистите на меѓународниот натпревар по деловно право

М.В