/ Прочитано:

1.937

СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО: „Мал дел од случаите се пријавуваат и одат на судење – незначителен дел се казнуваат“

Среда, 11 ноември 2015 – Националниот совет за родова рамноправност (НСРР) денеска во Скопје одржа регионална конференција на тема „Заштита и поддршка на жените жртви на родово базирано насилство – моментални состојби и добри пракси”. Конференцијата е организирана како дел од регионалниот проект „Со здружени напори – кон новите Европски стандарди во заштитата на жените од родово базирано насилство”, финансиран од Европска унија.

На Конференцијата се говореше за состојбите за заштита на жените жртви на родово базирано и семејно насилство во земјата и размена на добри практики во земјите од регионот и ЕУ поврзано со имплементација на стандардите воспоставени со Конвенцијата на Совет на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство.

Закони има, но не се применуваат доследно

Клучната порака од Конференцијата е дека кон прашањето за заштитата на жените од семејното насилство не треба да се гледа само од аспектот на постоење на регулативата, туку од нејзината примена, особено од страна на институциите, што од суштинско значење за борбата против семејното насилство. Во таа насока, на настанот беше нагласено дека  законодавстсвото за заштита на жените од насилство постои, но тоа не се почитува доволно, што укажува на фактот дека неопходна е примена преку засилени институционални активности, во смисла на доследно почитување и  имплементација на стандардите за заштита на жртвите.  Тоа значи дека потребно е постоење на повеќе центри кои ќе се грижат за жртвите од семејното насилство и ќе им помогнат да ги надминат проблемите со кои се соочиле.

Неопходно е ратификување на Истанбулската конвенција

На Конференцијата беше акцентирано дека од особено значење е ратификувањето на истанбулската конвенција, за чие потребно ратификување се апелира веќе подолг период од страна на невладините органзации и експертите од областа на заштитата на семејното насилство.На настанот беше нагласено дека само мал дел од случаите на родово насилство во Македонија се пријавуваат, а уште помал дел од жртвите одат на судење. Како податок се посочи дека Македонија во однос на родовите прашања отишла 50 места подолу и сега се наоѓа на 70-тото место, наспроти лидерската позиција пред десетина години.

„Женското движење во Македонија од 1991 година напредна во процесот и беше лидер во регионот пред десет години. Постигнавме 30 проценти квота, отворање на СОС линии на НВО сектор, проблемот да го поставиме и во државните институции за прифаќање на жртвите на семејното насилство, а истовремено ги ставивме и женските студии на факултетите“, вели Савка Тодоровска, претседателка на Националниот совет за родова рамноправност. Таа, во име на Националниот совет за родова рамноправност, повика за ратификување на Истанбулската конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство.

„Мал дел од случаите се пријавуваат, ретко се оди на судење“

Според Луиза Винтон, координатор на УНДП за Македонија, борбата на невладиниот секотор против семејното насислтво Македонија заслужува признание, но додаде дека од голема важност е ратификување на Истанбулската конвенција, а како проблем го нагласи тоа што жртвите на семејно насилство во голем дел  не ги пријавиуваат случаите.

„Засега само мал дел од случаите на родово насилство во Македонија се пријавуваат, уште помал дел одат на судење, а само незначителен дел се казнуваат. Сметам дека ратификацијата на Истанбулската конвенција во Македонија е потребен и значаен чекор“,  вели Луиза Винтон.

Неефикасна системска заштита на жртвите

Според Неда Чаловска од Хелсиншкиот комитет, активностите на невладиниот сектор се значајни и интензивни, но потенцира дека постои евидентна неефикасност на институционалната заштита на жените како жртви на насилство и зголемување на бројот на родово базирани убиств.

„Тоа говори за институционалните слабости и неприменувањето на законските одредби. Неопходното законско регулирање и примена, мора да се надополни со итно ратификување на Истанбулската конвенција и да се спроведат обврските кои произлегуваат од неа“, вели Чаловска.  Таа истакнува дека како Хелсиншкиот комитет се на стојалиште дека примерите на зачестено семејно насилство се како директна последица на неефикасна системска заштита на жртвите од родово базирано насилство.

Според Комитетот, државата има обврска да обезбеди навремено информирање, згрижување и помош на жртвата на семејно насилство, со цел да го спречи сторувањето на фемицид, како и да прави проценка на ризик на состојбата во кој се наоѓа жртвата. Дополнително, сметаат од Хелсиншкиот комитет, при случаите на фемицид, неопходно е државата да спроведе детална истрага за околностите на случајот, да ја утврди вината на сторителот, но и на сите кои не обезбедиле соодветна заштита и соодветно да ги казни за стореното дело.

„Овие обврски на државата се предвидени во Истанбулската конвенција за спречување и борба со насилство врз жените и семејно насилство, која е потпишана од страна на Република Македонија. Во таа насока непходно е да се регулира и дефиницијата за силувањето, но и законскиот контекст и регулирањето на демнењето“, вели Чаловска, повикувајќи на што поскора ратификација на Конвенцијата.

Ратификувањето на  Истанбулската конвенција е важно од кривично-правен аспект

Тања Кикерекова од Министерството за правда, согласна е дека потребно е усогласување со Истанбулската конвенција, особено од аспектот на  кривичното законодавство на Македонија и примената на европските судски стандарди.

„Постојниот Закон за заштита и превенција на семејно насилство содржи компатибилни одредби со Конвенцијата. Усогласување со Истанбулската конвенција е потребно во кривичното законодавство на Македонија. Понатаму, дефиницијата за силување кај нас не е усогласена со оваа Конвенција и еврпоските судски стандарди. Ова прашање ќе треба да се апсолвира во догледно време“, истакна Тања Кикерекова од Министерството за правда.

Итно ратификување на Истанбулската конвенција, летово побараа и 27 организации, кои посочија дека потребно е и итно криминализирање на насилството врз жената.

Бараме итна ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа на спречување и заштита од насилство врз жени и домашно насилство (Истанбулска конвенција) која ги третира овие видови насилство, специјално насочени кон жените и девојките, низ повеќе одредби, а особено во членот 3 Дефинирање на насилството врз жената (а и г) и во членот 36  Сексуално насилство, вклучувајќи и силување. Ратификацијата на овој документ ќе доведе до соодветно регулирање на силувањето и адекватно казнување на ваквите случаи, а воедно ќе понуди и едно системско менување на институционалниот одговор кон сите видови насилство врз жената и семејно насилство“, посочија од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Што претставува Истанбулската конвенција?

Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство, популарно нарекувана Истанбулска Конвенција, е меѓународен документ со досега најсеопфатни законски решенија и политики за заштита од насилство врз жените.

Конвенцијата досега е потпишана од 29 земји членки на Советот на Европа, а ратификувана од 13. Македонија оваа конвенција ја потпиша на 08.07.2011 година без резерви.

За државите коишто ја ратификувале оваа Конвенција се предвидуваат низа обврски во смисла на целосно третирање на сите облици на насилство врз жената и превземање на сите соодветни мерки за заштита на жртвите и казнување на сторителите. Притоа, правата на жртвата треба да се во центарот на сите мерки кои се спроведуваат по пат на ефективна соработка и координација со сите надлежни органи, институции и организации.

27 организации бараат итно криминализирање на насилството врз жената Семејно насилство низ нишанот на легално оружје Ратификацијата на Истанбулската конвенција – пат кон засилена и поефективна борба против семејното насилство

Кон потребата за ратификација на Истанбулската конвенција

М.В / veljanoskim@akademik.mk