/ Прочитано:

883

На сведок му се слоши за време на судењето „Претседавач“, почина во болница

Вторник, 26 август 2014 – Сведок во предметот „Претседавач“ денеска почина во болница откако претходно, за време на распитот, ненадејно му се слоши. Од Градската општа болница 8-ми Септември, каде беше пренесен, за Академик велат дека тој се наоѓал во критична состојба и дека обидите за реанимација биле безуспешни.  

Сведок на Обвинителството во предметот „Претседавач“, поранешен магационер во „Машинопромет“, денеска почина во ГОБ 8-ми Септември, откако за време на сведочењето ненадејно му се слоши при што се струполи на подот. 

Присутните во судската сала, меѓу кои адвокатите и обвинетите, експресно реагираа и се обидуваа  да му помогнат на секој начин – најпрвин го прскаа со вода, а малку потоа пристапија кон масажа на срце и вештачко дишење, но тој едвај даваше знаци на живот. За неколку минути во судницата пристигна екипата на Итната медицинска помош која на лице место реагираше давајќи му адреналински инекции и вршејќи постапка на реанимација. Сведокот потоа беше пренесен во ГОБ 8 Септември од каде за Академик велат дека неговата состојба била критична, а обидите за реанимација на лекарите биле безуспешни. Оттаму појаснуваат дека тој не бил пациент на болницата и истакнуваат дека на починатиот ќе му биде извршена обдукција со што и официјално ќе се знаат и објават причините за смртта.  

Пред започнувањето на распитот сведокот напомена дека е премногу растревожен, по што Судот нареди кратка пауза со цел тој да се смири и да се освежи. Тој зборуваше речиси еден час пред да се случи трагичниот настан при што ги потврди наводите на обвинетите дека добар дел од стоката која е предмет на обвинението била купена од приватните фирми на семејството Пајмаковски кога тие управувале со АД „Машинопромет“. Според неговите зборови стоката била внесувана во повеќе наврати од 2003 до 2005 година, но за истата немало книговодствена евиденција и тој не бил задолжен за неа. Според обвинетите во „Претседавач“, кои исто така се поранешните членови на Управниот одбор на „Машинопромет“, Пајмаковски се одговорни за тоа што тие денес седат на обвинителна клупа. 

(E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)