/ Прочитано:

3.711

СЛУЧАЈ ЕМРА КУРТИШОВА: Класичен случај на дискриминација – сметаат адвокати со искуство во антидискриминациони постапки

Петок, 20 јуни 2014 – Зошто јас имам пасош, кога не смеам да излезам од државава, прашува младата актерка Емра Куртишова, вработена во Театарот за деца и младинци која била спречена да отпатува кај нејзината сестра во Германија, откако, како што вели, вработен на пасошка контрола ја поништил нејзината карта и не и дозволил да го продолжи своето патување. Од она што го видовме, се работи за класичен случај на дискриминација, велат за Академик адвокати со искуство во предмети за утврдување на дискриминација.

Куртишова: Вратена сум од скопскиот аеродром бидејќи сум Ромка

„Денес требаше да патувам кај сестра ми во Констанц – Германија, од потребна документација имав потврда од работа, гарантно писмо во кое беше наведено дека финансиски ќе ме издржува таа(копија, бидејќи градот каде што живее сестра ми не издава гарантни писма, но имаше печат од градот) и 500 евра во кеш. Вработениот на пасошка контрола процени дека не е валидно гарантното писмо, па му ја дадов потврдата од работа, се подзамисли па ме праша каде се наоѓа Театар за деца и младинци, му објаснив… Потоа ме праша дали имам пари, му ја кажав сумата и ми рече дека тоа не е доволно, во истиот момент стана и ме однесе во просторија за да ја поништи картата и направи копија од пасошот, ме симна долу и ми рече да си го пречекам багажот. Бев единствената што ја вратија! Па луѓе, зошто јас имам пасош, кога не смеам да излезам од државава?!“, пишува Куртишова на својот фејсбук профил.

Куртишова е убедена дека службеникот така одлучил затоа што е Ромка и вели дека се работи за очигледен случај на дискриминација и дека не постои ниту една причина зошто била вратена од скопскиот аеродром.

„Никогаш не сум се осетила толку понижена, не сум се почувствувала толку посрамена. Ги имав сите потребни документи, но службеникот бараше „влакно во јајцето“ само за да не ме пушти во авионот“, вели таа.

МВР: Граѓанката не ги исполнувала формалните услови

Според МВР, граѓанката не ги исполнувала формалните услови и  е вратена од аеродромот Александар Велики согласно член 15, став 4 од Законот за гранична контрола, откако било утврдено дека има недоволно парични средства за предвидениот престој, како и несоодветно гарантно писмо. Тие упатуваат дека како и секој граѓанин и посоченото лице може да упати претставка во внатрешната контрола на МВР.

Се работи за класичен случај на дискриминација, коментираат адвокати

Мислењето и убедувањето на Куртишова го поткрепуваат и адвокати и правни тимови кои веќе имаат искуство во антидискриминацијата и антидискриминациските судски постапки и кои, како што велат, од она што го дознале од информациите и изјавите на Куртишова препознаваат дека се работи за класичен случај на дискриминација.

„Веќе има ваков предмет и се работи за истото. Не постои никаков доказ дека таа ќе оди како мигрант. Се работи за класичен случај на дискриминација. Како прво не постои задолжение да се бараат документи за излез од државата, затоа што единствен потребен документ е пасошот. Тие документи се бараат при влез во држава, не при излез. Едноставно таква регулатива не постои. Индикативно е што како во минатите случаи на дискриминација не постои печат, па доколку би се повела постапка ќе треба да постојат одредени сведоци и снимки“, нагласуваат тие, кои се на мнение дека можно е и да постои извесна наметната тенденција и скриена „директива“ од други надворешни центри за креирање на ваквата гранична практика.

„Случај со актерката е класичен и чист случај на директна дискрминација врз основа на национална припадност. Службеникот својата одлука ја донел само врз основа на претпоставка дека лицето ќе бара азил во друга земја и покрај доказите дека поседува парични средства и гарантно писмо. Во овој случај многу би помогнало и ситуационото тестирањето кое го има направено ERRC и истото може да биде изложено како доказ во постапката. Верувам дека ова не е излоиран случај зошто МВР во континуитет врши дискрминација врз припадниците од Ромска националност. Но охрабрувачки е што постои позитивна судска пракса и што ваквите случаи добиваат судска разгрешница“, потенцира адвокатката Павлина Зефиќ, која подолго време ја проучува и практикува антидискриминационата област. Таа додава дека многу е важно што веќе постојат судски одлуки во таа насока со што лицата кои се жртви на дискриминација се охрабруваат, а не треба да се занемари ни култутолошкото влијание за градење на јавната свест.

Неодамна се донесе првата судска пресуда со која се утврдува дискриминација

Минатиот месец, Основниот суд Скопје 2 Скопје утврди повреда на правото на еднаквост во праксата на граничните служби да го ограничуваат правото на определени категории на граѓани да ја напуштат територијата на Република Македонија под неоправдано сомнение дека се работи за лажни баратели на азил, што всушност беше првата судска пресуда со која се утврдува дискриминација.

Имено, тужителот во јуни 2013 година, патувајќи заедно со неговото семејство на свадба на близок роднина во Италија, на граничниот премин Табановце од страна на граничните служби бил спречен да ја напушти територијата на РМ, без никакво посебно образложение. Истиот во себе поседувал преведена и заверена потврда од општината каде е закажана свадбата и поседувал доволно парични средства за неколку дневен престој во земја од ЕУ (иако за излез од територијата на РМ не е потребно да се поседуваат никакви потврди и сл.). На тужителот, со печат во пасошот прецртан со две коси линии, му билo забрането да ја напушти територијата на Македонија.

Според судот, Министерството за внатрешни работи (МВР) како тужен со тоа што го спречило тужителот, лице припадник на ромската националност да ја напушти територијата на РМ постапувајќи спротивно на членот 8 од Законот за гранична контрола и му го ограничило правото на слободно движење како и правото на еднаквост, права загарантирани со член 9 и член 27 од  Уставот на Република Македонија.

М.В / veljanoskim@akademik.mk