/ Прочитано:

851

Српските адвокати со протест и на улица: Зачудува твојата правна неписменост, му велат на министерот за правда

Четврток, 25 септември 2014 – Белградските адвокати, поддржани и од нивните колеги во земјата, на денешниот состанок во српската адвокатска комора одлучија и следната недела да продолжат со штрајкот, а за денес најавија и протест пред Палатата на правдата. Велат дека ултиматумот од министерот за правда е неоправдан и контрадикторен, а за него истакнуваат дека со таквите тврдења тој само покажува дека е некомпетентен и правнички неук. Адвокатите се зачудени од очигледната „правна неписменост“ за ова прашање од страна на министерот, кој пак дополнително најавува и измени на Законот за парнична постапка.

Децидно „НЕ“ за новата даночна политика и дискриминацијата врз адвокатите

Адвокатите истакнуваат дека отпорот кон новите законски решенија, кои, како што потенцираат, ја понижуваат и дискриминираат адвокатската дејност, ќе биде проширен и на улиците како знак на револт кој ќе биде искажан пред Палатата на правдата.

Српските адвокати се изненадени од  „некомпетентноста и незнаењето на министерот“, затоа што како што подвлекуваат, Законот за штрајк, на кој се повикува министерот во обидот да го спречи и укаже на незаконитоста на протестот и штрајкот, не може да се примени врз и за адвокатурата. Тие, преку претседателот на адвокатската комора, испратија и писмо до српскиот премиер Александар Вучиќ.

Драгољуб Ѓорѓевиќ, претседател на адвокатската комора на Србија

Имено, претседателот на Адвокатската комора на Србија, Драгољуб Ѓорѓевиќ, во писмото кое го испрати од име на адвокатската заедница до српскиот премиер, жестоко ги нападна новите законски измени и новости во врска со нотаријатот и даночната политика врз адвокатите.

„Во првите 20 дена од денот на спроведувањето на Законот за нотари во Србија има колапс на правните трансакции“, се наведува во адвокатското писмо, во кое се вели дека адвокатите не се против нотарите, туку против одземањето на надлежностите кои се однесуваат на составувањата на актите, кои треба да се составуваат од адвокатите, а само да бидат заверувани од нотар затоа што тоа е „логичен правен редослед“.

Министерство за правда дава ултиматуми – адвокатите велат министерот е „правно неук“

Никола Селаковиќ, српски министер за правда

Министерот за правда, Никола Селаковиќ, пак, контра ваквите ставови на адвокатите.

„Некои работи се премногу очигледни за да бидат случајни“, изјави министерот, додавајќи дека адвокатите го кршат законот – на штета на сите.

Според него, штрајкот е политизиран и им порачува на адвокатите дека под итно ќе се пристапи кон изменување на Законот за парнична постапка со што ќе се овозможи странката да ја застапува и оној кој не е адвокат.

Српскиот министер за правда, исто така, опоменува дека ќе поведе иницијатива за оценување на уставноста на Упатството за постапување и однесување кое Драгољуб Ѓорѓевиќ го испратил до адвокатите – доколку тоа под итно не биде повлечено.

„Јас првпат слушам некој да поднесува иницијатива за оценување уставност на Упатство. Тоа говори за компетенциите на министерот. Тоа ни даде до знаење дека овој човек не знае и не го интересира што е тоа адвокатура. Можеби мисли дека работиме во рудник или на железничка станица“, одговара Ѓорѓевиќ на прозивките од министерот.

Парализирано правосудство, празни судници, упорност во барањата

Инаку, во Србија деновиве, работата на полицијата, обвинителството и судовите во Србија заради адвокатскиот штрајк се потполно парализирани. Одложени се стотици судења и буквално владее, како што известуваат тамошните медиуми – „правосуден хаос“. Одложени се скоро сите судења и истраги, а нема да има ниту сослушувања во полицијата за случаите во кои е непходно присуство на адвокат.

Солидарно, тие се против повеќекратното оданочување на нивната дејност и бараат од Министерството за финансии да ги стави вон сила новите решенија, а кои се однесуваат на адвокатурата и плаќањето на новите финансиски обврски, но исто така бараат и измени на законите за нотаријатот и вонпарнична постапка.

Покрај новите оданочувања, причина за штрајкот е и донесувањето на разни прописи со кои се одземаат надлежностите на адвокатите и им се доверуваат на нотарите и медијаторите.

Адвокатите се револтирани и од самиот начин на утврдување на новите давачки кои според нив, се засновани на „нејасни и неодредени критериуми“, а реформите во правосудството ги оценуваат како тенденциозни, дискриминирачки и неуспешни, за што и бараат оставка од министерот за правда, Никола Селаковиќ.

(М.В)