/ Прочитано:

1.378

ССРМ: Суспензија за приведените судии до правосилност на постапката

Среда, 9 октомври 2014 – Судскиот совет на РМ (ССРМ) едногласно донесе одлука за суспензија на вчера приведените судии  од Одделот за прекршоци при Основниот суд Скопје 1 до правосилно окончување на постапката.

„Судскиот совет денеска постапуваше по Известие на судијата на претходна постапка на Основниот суд Скопје 1 во врска со вчерашните случување кога беа приведени  судии од Основен суд Скопје 1, како и вработени лица во Одделот за прекршоци. Советoт требаше да се произнесе во делот за изречената мерка забрана за преземање на определени активности поврзани со работното место. Согласно законот се донесе одлука за времено оддалечување на судиите за вршење на судската функција“, информираше денеска претседателката на ССРМ, Александра Зафировска.

Како што наведе Зафировска, состојбите во прекршочните оддели биле тема на обработка на ССРМ веќе неколку години со оглед дека имало сознанија дека голем дел од прекршочните предмети биле застарувани по што следеле контроли кои позитивно се одразиле во останатите судови од регионот, но не и во прекршочниот Оддел при Основен суд Скопје 1.

„Ова не се одрази на Основниот суд Скопје 1, односно врз Одделот за прекршоци, каде и понатаму имаше голем број на предмети кои застарува. Поради ова вршевме контрола врз судиите од овој Оддел, укажувавме на состојбите, баравме и и изјави од судиите за секој предмет за кој беше запрена прекршочната постапка и можевме да забележиме дека нивните изјави не се согласуваат со фактичката состојба на терен“, истакна претседателката на ССРМ. 

Таа појасни дека всушност претседателот на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски бил тој кој доставил известување до Советот за недоследности во работата на Одделот за прекршоци.

„Морам да истакнам дека заслугата е на претседателот на Основниот суд Скопје 1, кој во 2013 година изврши внатрешна контрола и ја откри состојбата бидејќи ние преку извештаите кои судиите ги доставуваа не можевме да видиме дека тоа се застарени предмети, бидејќи не беа претставени како решени. Судиите сакаа да ја избегнат одговорноста за начинот на работењето и да не ја прикажат реалната состојба и  заради таа контрола откривме дека на овој начин во 2013 година се работело“, посочи Зафировска.

ЗАФИРОВСКА: Најголемиот дел од судиите беа оценети со негативни оценки

Според Зафировска, во 2012 и 2013 година,  најголемиот дел од прекршочните судии во Основниот суд Скопје 1 биле оценети со негативна оценка.

„Иако овие судии во 2012 година беа оценети со негативна оценка тие продолжија да работат по тој систем, со тоа што го променија начинот на работа, па не ги прикажуваа предметите како застарени, тука ги прикажуваа како предмети  во кои на обвинетите им е изречена парична глоба и мерка за забрана за управување со моторно возило или било која друга мерка. Ваквите одлуки не ги доставуваа до обвинетите, ги доставуваа до подносителите на барањата. Подносителот на барањето бил задоволен со таквата одлука – немал жалба, а обвинетиот не добил одлука. Овие одлуки биле проследени откако биле застарени и откако биле доставени до архивата. Значи судиите постапиле несовесно на начин што при преземање на процесните дејствија: од изготвувањето на одлуката до нивното префрлање на предметот и нивното доставување до странките и архивирањето имало подолг временски период  кој овозможил да дојде до застарување на предметите“, рече Зафировска.

Таа додаде дека ССРМ оваа состојба ја следел перманентно и како резулат на ова дека дел од судиите биле разрешени.

„Можам да кажам дека неколку години наназад Советот, од 2009 година ССРМ има поведено постапки разрешено вкупно 10 судии од одделите за прекршоци, токму заради вакви работи. Најголем дел од судиите кои се приведени вчера се оценети со негативна оценка“, прецизираше Зафировска.

Празните судиски места најверојатно ќе ги пополнат колеги на приведените од скопското апелационо подрачје

Со оглед дека Одделот за прекршоци времено останува без девет судии, бидејќи останатите 5 осомничени не се во работен однос или претходно биле суспендирани, ССРМ моментно ја испитува состојбата како да се пополнат овие места.

„Она што сега е за нас е битно е што Одделот за прекршоци останува без 9 судии, а ССРМ прави анализа за состојбите во судовите кои се наоѓаат на апелационото подрачје Скопје и најблиску што се до Основен суд Скопје 1 со цел да ја процениме можноста за делегирање на судии од останатите судови за да го ублажиме овој удар, со оглед дека Одделот за прекршоци при Основниот суд Скопје 1 има најмногу предмети на територијата на РМ“, наведе претсдателката на ССРМ.

Во акцијата под оперативно име Јустиција“, спроведена вчера, беа приведени  25 лица од Одделот за прекршоци при Основен суд Скопје 1. Станува збор 14 судии и 11 судски службеници кои се осомничени за несовесно работење со што го оштетиле Буџетот за повеќе од еден милион и триста илјади евра. 

„Пријавените во својство на судечки судии во Основен суд Скопје 1 во Одделот за прекршоци, во текот на 2012 и во првото тромесечје од 2013 година, заедно со останатите пријавени во својство на службени лица кои работеле со нив, постапувајќи по прекршочни предмети кои се примени во судот во текот на 2010 година, искористувајќи ја својата службена положба и овластувања и со неизвршување на својата службена должност, нанеле штета на Буџетот на Република Македонија од значителен износ, односно во износ од 1.308.515,00 евра за ненаплатена, а пресудена глоба, и 3.773.500,00 денари за ненаплатен, а претходно пресуден паушал за околу 8.000 застарени предмети“, истакна на пресконференција минситерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Доцна синоќа по целодневниот распит, судија во претходна постапка на сите 25 осомничени  им одреди  превентиввна мерка забрана за напуштање на местото на живеалиште.  

E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk