/ Прочитано:

1.130

СУДЕЊЕ „Фими медиа“: „Зошто браните вештак кој лажно сведочи?“ – Санадер во конфронтација со судијката

Вторник, 28 јануари 2014 – Судскиот процес за случајот „Фими медиа“ продолжи со сведочењето на вештакот Зринка Ручевиќ која зборуваше за разликата меѓу приходите и имотот на семејството на поранешниот премиер и претседател на ХДЗ, Иво Санадер, пренесуваат хрватските медиуми.

Одбраната на поранешниот премиер приговараше на наводите на вештакот бидејќи во разликата на заработеното и тоа што тој го поседува не ги пресметал износите кои ги споменуваат сведоците, но и самиот Санадер, како и листата на слики кои обвинетиот ги даде со вистинските вредности.

Ручевиќ на ова одговори дека сите искази за приходите ги запишала, но не ги одземала бидејќи за нив нема документација како доказ. Се работи за износ од вкупно два милиони евра, па судот сега мора да одлучи дали тие искази ќе ги земе за релевантни и ќе ги одземе од вкупната разлика од 24 милиони куни која е утврдена во во првите наоди. Доколку судот донесе одлука во корист на одбраната, тогаш разликата би била околу 8 милиони куни. 

Санадер, пак, викајќи и се обрати на судијката и го обвини сведокот дека лаже. 

„Ручевиќ работела на моја штета. Зошто браните вештак кој работел тенденциозно и лажно?“, ја праша тој судијката. 

Неговото однесување ја налути судијката Ивана Чалиќ.

„Дали јас воопшто донесов одлука по предлогот за дополнување? Не сум донела, а вие викате и се карате со вештакот. Постои ЗКП, прашајте што сакате, ама не на овој начин!“, му порача таа на Санадер.

Судскиот процес инаку по речиси две години влегува во завршна фаза, се очекува веќе на следните рочишта својата одбрана да ја дадат останатите обвинети бидејќи Санадер веќе го го стори тоа. 

„Фими медиа“

Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и директор на Царинската управа на Хрватска –Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од  кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ .  Дел од обвинетите ја признаа вината, а  има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.

>> Повеќе за предметот прочитајте тука.