/ Прочитано:

774

Груевски и Заев денеска ќе се соочат во судница

Вторник, 2 септември 2014 – Во Основниот суд Скопје 2 за денеска е закажано продолжението на судскиот процес за клевета и навреда – Груевски против Заев. Се очекува да се појават  и тужителот – премиерот, но и тужениот – лидерот на СДСМ кои треба да дадат исказ. Груевски од Заев бара отшета во висина од половина милион евра за претрпена душевна болка. 

Вчерашното рочиште помина во знакот на исказот на исказот на сведокот  Јовица Стефановиќ – Нини, кој  беше повикан  како сведок на тужениот, а сведочеше во корист на тужителот. Стефановиќ уверуваше дека  не го познава Никола Груевски, ниту пак Зоран Заев и дека никогаш со нив за ништо и не разговарал, ниту пак за продажбата на „Македонска банка“. 

„Добив покана од Суд и бев непријатно изненаден кога прочитав зошто сум повикан. Не го познaвам ниту тужителот, ниту тужениот лично, со никој од нив двајца се немам ниту видено, ниту слушнато“, тврдеше Стефановиќ во својот исказ пред Судот, а негираше дека познава и Ден Дончев. 

Заев на пресконференција пред неколку месеци обвини дека Груевски лично ја продал „Македонска банка“ на Стефановиќ, а при продажбата, добил 1,5 милиони евра во готово. Како доказ беше понудена аудио-снимка на која според тврдењата на Заев, се работи за договор помеѓу Груевски и Ден Дончев. Ниту снимката, ниту Дончев не беа прифатени како докази од Судот на подготвителното рочиште кое се одржа во јули.