/ Прочитано:

1.273

СУДЕЊЕ – МУЗЕЈ: Обвинението е производ на немоќта на надлежните да ги најдат вистинските сторители, смета одбраната

Среда, 3 септември 2014 – По минатото одложување, денеска стартуваше судскиот процес за исчезнувањето на артефактите од Музејот на Македонија. Според одбраната, обвинението со кое се опфатени седум лица е производ на немоќта на органите на прогонот да ги најдат вистинските сторители. Обвинителството, пак, тврди дека сите обвинети се сторители на делата за кои се товарат. 

Денеска во Основниот суд Скопје стартуваше судскиот процес исчензувањето на 162 археолошки предмети од Музејот на Македонија кое беше обелоденето во ноември минатата година. 

Со oглед дека судењето се води според новиот ЗКП, странките во постапката на денешното рочиште ги изнесоа воведните говори.

„Од увидот во депоата и во реверсите со кои биле внесувани и изнесувани предмети од Музејот на Македонија, преку материјални докази и вербални искази на сведоци, ќе докажеме дека сите обвинети го сториле делото за кое се товарат“, рече застапникот на обвинението Лиле Стефанова.

Според Обвинителството  и покрај тоа што се обвинети седум лица во случајот со исчезнувањето на артефактите од Музејот на Македонија, сите дејства, како нарачување, поттикнување и директно извршување се вртат околу обвинетиот златар Часлав Кузмановиќ, единственото лице што не е вработено во музејските институции. Стефанова истакна дека во текот на истрагата кај Кузмановиќ биле пронајдени: „132 бронзени монети и две златни монети од римскиот период ковани во монетарница Стоби, 8 средновековни секири и средновековно оружје.“

Бранителите во своите воведни говори истакнаа дека обвинетите совесно си ја вршеле работата и дека работеле согласно законските прописи. 

Според Светлана Савиќ, адвокат на првообвинетиот Златко Видески, виш кустос и програмски директор во Музејот на Македонија, кој е обвинет за несовесно работење и оттуѓување на културно наследство, обвинението е производ на немоќта на органите на прогонот да ги најдат вистинските сторители. 

„Обвинението претставува параван кој треба да го покрие несоодветното работење и немоќта на органите на прогонот да ги најдат сторителите кои ги одзеле предметите од Музејот на Македонија“, рече Савиќ.

Таа додаде дека нејзиниот клиент Видески е носител на капитални археолошки проекти кој со својата работа допринел многу за Македонија, но наместо да се радува и гордее на отворањето на новиот Археолошки музеј учествува како обвинет во оваа постапка. 

Савиќ истакна дека во постапката од страна на одбраната ќе бидат спорени наводите дека тој сторил било какво кривично дело, како и  и ќе биде докажано дека постапувал согласно законските прописи. Во однос на обвинението дека го пуштил обвинетиот Кузмановиќ во депото, адвокаткта рече дека тоа не се случило и дека тој  немал контакт со златарот. 

„Сите предмети од реверсот на Златко Видески се вратени и се’ уште се наоѓаат во Музејот“, потенцираше Савиќ и додаде дека ценејќи го наводите во обвинението како докази ќе се изведуват и видео снимки, а ќе се бара и сослушување на лицата одговорни за обезбедување на Музејот. Таа исто така посочи дека доколку има потреба во обид за докажување на невиноста на Видески и расчистување на одредени околности како сведок во улога на тогашен директор на Управата за заштита на културно наследство ќе биде повикан и Паско Кузман. 

И другите бранители наведоа дека во оваа постапка им се суди на  невини луѓе, а вистинските сторители се на слобода. 

„Со доказите кои ќе бидат изведени, одбраната има намера да му помогне Јавното обвинителство, да му биде патоказ за евентуално пронаѓање на вистистинските виновници“, истакна бранителот на обвинетиот Перо Јосифовски, ексдиректор на Музејот на Македонија кој се товари за Злоупотреба на службената положба и Оттуѓување на културното наследство. 

Според одбраната,  на обвинетите неосновано им се става на терет исчезнување на предметите, а тоа, како што истакнаа бранителите, го пишува и во обвинителниот акт каде се наведува дека од предметите од депото на Музејот на Македонија се одземени од непознато лице. 

Со обвинение се опфатени  и Софка Кушоска- Сафитли, ракувач во депото – обвинета за несовесно работење, потоа Јован Кондијанов, Андреј Ежов и Дарко Кржовски како членови на Комисијата за откуп на музејски материјал – обвинети за злоупотреба на службената положба.

Во обвинителниот акт се наведува дека Кондијанов, Кржовски и Ежов, како членови на Комисијата за откуп на вршеле откуп на монети од златарот Кузмановиќ иако знаеле дека тој немал доказ за потеклото на истите со што прибавиле корист за него и му нанеле штета на Музејот на Македонија во висина од 1.345.750,00 денари.

 Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk