/ Прочитано:

1.565

СУДЕЊЕ – МУЗЕЈ: Се изведуваат докази на одбраната

Понеделник, 1 декември 2014 – Судењето за кражбата на артефактите од Музејот на Македонија од непознати лица што, пак, се води против неколку вработени во оваа установа, поради чие наводно несовесно постапување, според ОЈО, дошло до одземање на 162 археолошки предмети, продолжи со изведување на докази на одбраната.

Пред судот во улога на сведок зборуваше Мито Богдановски, вработен како самостоен стручен соработник за одбрана и заштита во Музејот на Македонија. Богдановски,  меѓу другото, во рамки на своите овластувања, како што рече, врши координација помеѓу Музејот и Агенцијата. Тој појасни дека Агенцијата е должна да го обезбедува имотот, културното наследство и вработените во Музејот и доколку има насилни дејствија да интервенира и да ги извести надлежните органи. Наведе дека запечатувањето на клучевите на обезбедувањето од сите простории, вклучително депоата, го вршел тој. Сведокот исто така наведе дека обезебедувањето е сместено во посебна просторија, како и тоа дека, членовите на обезбедувањето, секретарот на Музејот и тој, како координатор, имаат пристап до обработени податоци од безбедносните камери. 

Во однос  на прашањето на одбраната, дали сведокот вршел контрола на обезбедувањето и врз основа на истата составувал записник, тој одговори дека има такво овластување, но дека тоа се прави само по барање на директорот на Музејот. Појасни дека годишниот извештај за работата на обезбедувањето се доставува до директорот, но не знаше да одговори дали истиот го усвојува Управниот одбор. 

 По сведочењето, постапката, која се води по новиот ЗКП, продолжи со изведување на писмени докази на одбраната за првообвинетиот Златко Видески, програмскиот директор на Археолошкиот музеј при НУ Музеј на Македонија и кустос. Иако Обвинителството го товари Видески за несовесно работење, сведоците кој досега беа распитани дадоа една сосема друга слика за него.

Обвинителството на едно од минатите рочишта заврши со изведување на своите докази, па судскиот процес со доказите на одбраната ќе продолжи на 15 декември. 

Предметот за кражабата  на 162 артефакти од  Музејот на Македонија, обелоденета во ноември 2013 година, се води против седум лица, од кои речиси сите се вработени во музејските установи. Битно да се напомене е дека обвинението за овој предмет во суштината говори за несовесно работење и постапување со депоата на Музејот на Македонија од страна на обвинетите, поради кое, како што се наведува, дошло до одземање/кражба на артефактите од непознати лица.

>> Повеќе за предметот информирајте се тука. 

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk