/ Прочитано:

1.400

СУДЕЊЕ Музеј: Обвинетите негираат вина — апелираат МВР да внимава на одземените археолошки материјали

Среда, 4 февруари 2015 – Иако беше спектакуларно најавен, случајот со кражбата во Музејот на Македонија во судница добива друга димензија. Вработените во Музејот, на кои најгрубо им беше прекршена пресумпцијата на невиност од страна на дел од медиумите и кои веќе беа  прогласени за крадци, а се обвинети за несовесно работење поради кое, според Обвинителството, дошло до одземање на 162 артефакти од непознати сторители, почнаа со образложување на своите верзии на настаните.

Судскиот процес што почна пред пет месеци и се води по новиот ЗКП, моментно е во фаза на распит на обвинетите. Досега искази дадоа првообвинетиот Златко Видески, програмски директор на Археолошкиот музеј при НУ Музеј на Македонија и кустос, како и Софка Кушовска, ракувач на депото во Музејот.

Во Обвинението се наведува дека Видески и Кушовска биле задолжени за клучевите од депоата  и од другите простории во кои се чуваат музејските предмети, но постапувале несовесно. Обвинителството тврди дека Видески, спротивно на Правилникот за заштита на движното културно наследство и користење на музејскиот материјал, клучевите ги давал на надворешни соработници и на други вработени со цел да ракуваат со музејските предмети и збирки.

Видески: Никогаш на соработник не сум дал клуч

Видески во својот исказ пред судот негираше дека им давал клучеви од депоата  на надворешните соработници. Тој појасни дека додека бил на терен, односно на археолошко истражување, ѝ дал јасни упатства на Кушовска, како ракувач на депото, да овозможи на надворешна соработничка, која доработувала каталошки единици, да влегува во т.н. депо-сали, но да биде присутна и да заклучува кога таа ќе заврши со работата.

„Никогаш на друг археолог не сум му дал клуч да ракува, односно да влегува во депоата на НУ Музејот на Македонија“, категоричен беше Видески.

Посочи дека клучеви поседува само од депо-сали и депо-трезор,  но не и од праисториското депо и од античкото, од каде што исто така недостигаат предмети.  Според неговите зборови, во депо-трезорот никогаш не ракувал без присуство на ракувач на депото, ниту пак дал некому клуч од работната просторија депо-сали.

„За давањето на клучот од работната просторија депо – сали јас дознав по настанот од колешката Марија Атанасова, која дојде кај мене, го донесе клучот и ми кажа дека ѝ бил даден од ракувачот на депото Софка Кушовска. Ѝ реков да напише изјава за тоа и да ја стави во плик, кој ѝ го предадов на полицијата. Исто така по настанот разбрав дека во периодот кога бев на терен, Цветанка Вучкова исто така добила клуч од Кушовска да влегува т.н. депо–сали, за што јас не бев известен. Тоа го дознав по настанот“, раскажа тој.

Видески појасни дека други неправилности немало, но дека при првиот сомнеж од кустосот Мила Шурбановска на крајот на месец октомври во 2013 година дека недостасуваат археолошки  предмети од нејзината збирка го известил тогашниот директор Дарко Кржоски, исто така обвинет во овој случај,  формирале комисии и ја известиле полицијата.

Тој наведе дека, кога Шурбановска дознала дека недостасуваат предмети, Кушовска им раскажала дека по снимањето на збирката од Исар Марвинци, што се одвивало на 16 октомври 2013 година, во Музејот нашла прстен кој го вратила во една од кутиите во депоата, но, не му одговорила зошто за овој настан не го известила тогаш.

На прашањето на Димитар Дангов, бранител на Кушовска, дали таа била добар работник, Видески одговори потврдно.

„Категорично тврдам дека сите предмети дадени на реверс се вратени, постои и запис“

Видески го негираше обвинението дека на Перо Јосифовски, поранешен директор на Музејот кој е исто така обвинет, му дал на реверс златни предмети од локалитетот Исар Марвинци за изработка на комерцијални копии и го потпишал реверсот, иако предметите не му биле вратени. Според Обвинителството, фактот дека предметите не се вратени го криел до 6.11.2013, кога ги пријавил како украдени од непознат сторител.

„Категорично тврдам дека сите предмети, предмет на реверсот, Перо Јосифовски ми ги врати, а ја ги вратив во депо-трезорот за што постои запис во депојната книга“, рече тој.

Додаде дека на реверсот биле 18 предмети од кои 4 недостасуваат, а останатите 14 се наоѓаат во Музејот, па поради тоа е нелогично зошто само тие 4 предмети се издвоени.

„Не сум бил присутен на земањето на предметите, меѓутоа тие предмети јас ги имам селектирано, така што бев целосно запознаен со нивното земање. Сакам да нагласам дека покрај овие 18 предмети за изработка на комерцијални копии беа земени уште 20 други предмети“, одговори Видески на прашање на обвинителот дали бил присутен на земањето на предметите.

Додаде дека директорот Јосифовски имал негова согласност, како и дека според Правилникот, раководителот на Одделот или директорот се тие што треба да бидат известени за изнесување на предмети.

Тој исто така објасни дека материјалот од капиталниот проект Исар Марвинци, за кој бил одговорен, е презентиран во годишните изложби во од 2008 до 2012 година, во кои централен дел претставуваат токму златните предмети, како и во стручната археолошка јавност преку симпозиуми, дека снимен документарен филм за овој материјал, како и дека дел е презентиран во Рим.

Поплави во музеите и одземање на изворна документација – ако се изгуби археолошкиот материјал, не може да се надомести

Во текот на вкрстеното испрашување, Видески потврди дека во Музејот на Македонија секоја година се случуваат по две-три поплави што оставаат последици и на депоата и на предметите во нив.

„И новиот Археолошки музеј доживеа поплава. Дел од материјалот што по судска одлука беше преселен не знам дали е спасен. Се работи за издвоен археолошки материјал, кој ако се изгуби, со ништо нема да се надомести. Не мислам само на предметите, туку и на археолошката документација. Немам информации што се случи со него. Сакам да влезе во записник дека при апсењето, од полицијата беше одземена и изворната археолошка документација, што за мене е недопустливо, ниту знаеме во какви услови и каде е чувана. Шестгодишната работата на 50 археолози ќе биде фрлена, а предметите ќе бидат изгубени“, рече Видески.

Кушоска: Совесно си ја вршев работата

Второобвинетата, ракувачот на депото Софка Кушовска, во својот исказ истакна дека работата си ја вршела совесно. Потврди дека влегувала и сама во депо-трезорот, без присуство на кустос, посочувајќи дека тоа е нејзино работно место.

Според обвинителството, Кушовска, спротивно на Правилникот за заштита на движното културно наследство и користење на музејскиот материјал, отклучувањето и влегувањето во депоата го вршела без присуство на кустосот задолжен за музејските предмети и збирки, дозволувала во депоата да влегуваат лица што биле заинтересирани за увид и за ракување со музејските предмети и збирки за кои не биле овластени и дозволувала  изнесувањето на предметите да се врши без претходно одобрување на раководителот на одделот, а во депојната книга не внесувала податоци за идентификација на предметите што биле предмет на земање или ракување.

„Не е точно дека сум постапувала несовесно. На барање на кустосите сум ги отклучувала депоата, запишував што ми било кажано.  Сè запишував. Кој кога влегува и каков материјал бил земан“, рече таа во своја одбрана, посочувајќи извадоци од депојната книга.

Тврдеше дека на трети лица не им дозволувала да влегуваат.

„Јас сум била одговорна за тие предмети. Имало примери трети лица да влезат, но влегувале со кустоси“, рече Кушовска.

Спротивно на тврдењето на Видески дека таа им дала клуч на надворешните соработници што ги изработувале каталошките едиции без негово знаење, Кушовска тврдеше дека тоа било на негово инсистирање.

Таа потврдно одговори на прашањето на адвокатката Светлана Савиќ, бранител на Видески, дека по снимањето на златните предмети од Исар Марвинци, уште еднаш се вратила сама во депото при што нашла златен прстен.

„По снимањето, археологот Перо Арџанлиев ги собра предметите во кутија, излеговме, но јас се вратив по цигари при што најдов прстен и го оставив во кутијата“, рече таа. Иако не можеше да се сети точно кога, тврдеше дека го известила Видески за прстенот.

„Никогаш не ми дале Правилник да видам кои се моите обврски во тој хаос“

На прашање дали е запознаена со своит обврски и работни задачи како ракувач на депото, Кушовска се пожали дека никогаш не ѝ бил даден Правилникот за да се запознае.

„Никогаш не ми дале Правилник за да видам во тој хаос кои се моите обврски“, истакна второобвинетата.

На ова следуваше прашање од Савиќ дали ѝ е познато дека одговара за бројноста и за предметите во депото.

„Во тој хаос никој не ми кажал колку предмети имаат, а постојано носеа предмети. Може да се каже дека имало 2.000 предмети, а всушност имало 400.000“, одговори Кушовска.

Таа раскажа и за настанот кога кустосот Мила Шурбановска утврдила  дека недостасуваат предмети од нејзината збирка, всушност кога почнува да се открива дека во Музејот недостасуваат многу повеќе предмети.

Според нејзината верзија, тие најпрвин заедно пребарувале во депо-трезорот, но не нашле ништо.  Потоа, како што раскажа, по директива на Шурбановска, сама пребарувала при што пронашла неколку предмети, меѓу кои прстен, златни лажички и сл. и веднаш  ѝ јавила на Шурбановска.

„Во трезорот тврдеше дека предметите се нејзини, а во канцеларија не беше сигурна,  па почна да ги споредува и дојде до констатација дека нешто е нејзино, а нешто не“, наведе Кушовска.

За потсетување, Шурбановска, која беше сведок во постапката, наведе дека првпат утврдила дека недостасуваат предмети од нејзината збирка на крајот на месец октомври, 2013 година, кога заедно со конзерватори и со Кушовска, ракувач на депото, се упатиле во депото бидејќи одредени предмети требало да се конзервираат.

„По отворањето на кутиите забележав дека одредени предмети се поместени од кутија во кутија. Со конзерваторите се договоривме во однос на она што сакав да го работат и тие си заминаа без притоа да земат ништо. Истиот ден, штом заминаа конзерваторите, јас и Софка направивме проверка, при што констатирав дека недостасуваат единаесет златни обетки“, истакна Шурбановска.

На 31 октомври 2013 година, според сведочењето на Шурбановска, обвинетата Кушовска ѝ соопштила дека ги нашла обетките, односно дека биле залепени на кутии обложени со леплива лента, но сепак се покажало дека најдените обетки биле од збирката на Видески.

Предметот за кражбата на 162 артефакти од  Музејот на Македонија се води против седум лица, од кои речиси сите се вработени во музејските установи. Битно да се напомене е дека обвинението за овој предмет во суштината говори за наводно несовесно работење и постапување со депоата на Музејот на Македонија од страна на обвинетите, поради кое, како што се наведува, дошло до одземање/кражба на артефактите од непознати лица. Дел од обвинетите, пак, како  членови на Комисијата за откуп на музејски материјал при НУ Музеј на Македонија, се товарат за сосема друго дело, односно противзаконски откуп на монети.

Првите четворица обвинети, Златко Видески, Софка Кушовска, Перо Јосифовски Часлав Кузмановиќ, се во притвор речиси една година. 

>> Повеќе за предметот информирајте се тука. 

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk