/ Прочитано:

1.517

СУДЕЊЕ – МУЗЕЈ: Вештаците ги изнесоа своите наоди

Понеделник, 20 октомври 2014 –  Судскиот процес за исчезнувањето артефакти од Музејот на Македонија, но истовремено и за наводен противзаконски откуп на монети од Комисијата за откуп на музејски материјал продолжи со распит на вештаци. Не можеше, а да не се забележи задоволството на одбраната од наодите на вештаците предложени од Обвиниителството

Мошне впечатлив и исцрпен исказ на денешното рочиште имаше вештакот Катерина Христовска, нумизматичар и раководител на Нумизматичкиот музеј на Народната банка на РМ.  Имено, во обвинителниот акт се вели дека последнообвинетите Јован Кондијанов, Дарко Кржовски и Андреј Ежов, како членови на Комисијата за откуп на музејски материјал, вршеле откуп на монети од од обвинетиот Часлав Кузмановиќ, колекционер на монети, иако, како што се посочува: „знаеле дека тој немал доказ за потеклото на истите со што прибавиле корист за него и му нанеле штета на Музејот на Македонија во висина од 1.345.750,00 денари“.

Христовска, која беше повикана на предлог на Обвинителството, наведе дека нема дилема дека пет златни монети – статери од времето на Филип II и Александар Ш, кои биле предмет откуп, се оригинали и се одлично зачувани.

„Република Македонија во своја сопственост има исклучително скромен број на статери. Квалитетни нумизматички збирки во државна сопственост се формираат преку откуп. Ако го земете предвид дека овие статери имаат значајно место во новоотворениот Археолошки музеј на Македонија ќе сфатите од какво значење е конкретниот откуп“, рече Христовска и подвлече дека нема никаква дилема во однос на тоа дали овие статери требале да бидат откупени и од приватна да преминат во државна сопственост.

Таа исто така наведе дека во Македонија постојат нумизатички друштва, каде колекционери ги разменуваат предметите, како и тоа дека е сигурна дека овие монети биле сукцесивно собирани.

„Постојат нумизматички друштва во Македонија. Пасионираните колекционери на монети се сретнуваат и разменуваат предмети“, рече вештакот.

Монетите, како што појасни, можат да бидат категоризирани како национално богатство, но дека ова не ја детерминира сопственоста, која може да биде приватна и државна.

„Секој музеј има право да врши ваков откуп. Секој граѓанин, пак, треба да ги понуди првин на државата“, наведе вештакот.

Иако, на општо чудење на присутните во судницата со оглед на наводите во обвинението, Обвинителството не побарало вештачење за вредноста на монетите, Христовска во текот на вкрстеното испрашување посочи дека цената понудена од Комисијата за откуп за петте златни статери е сосема коректна.

„Фактот што сите овие пет, од вкупно осум во сопственост на државата, се изложени во Археолошкиот музеј говори за нивната вредност. Јас ја подготвував поставката, бидејќи моите колеги, кои ја подготвуваа години наназад, се денес тука – притворени“, одговори Христовска на прашање од одбраната.

Вештакот го образложи својот наод и во однос на другите монети – предмет на обвинение, а одземени од обвинетиот Кузмановиќ.

Според Обвинителството: „обвинетиот Кузмановиќ во перидот од 2004 година до месец ноември 2013 година, во повеќе наврати од непознати лица купил повеќе археолошки предмети кои преставуваат културно наследство за кои знаел дека потекнуваат од кривично дело и претходно биле ископани од археолошки локалитети во РМ и тоа 132 бронзени монети и 2 златни монети од римски период ковани во монетарница Стоби“.

За првите 132 монети, Христовска потврди дека се од бронза и се оригинали чија заедничка карактеристика е тоа што сите биле произведени во Монетарницата Стоби. Сепак, таа појасни дека не станува збор за монети кои биле откриени на едно место.  Ова свое тврдење, вештакот го поткрепи со фактот што освен на територијата на Македонија, монети ковани во Монетарницата Стоби се среќаваат на поширокиот балкански регион – од Јужна Грција, па се до Дунав.

 „Монетите се засебно културно добро, кое не треба и не може секогаш да има третман на археолошки предмет. Оваа збирка секако дека има културно-историска и колекционерска вредност и би можела да има третман на национално богатство“, го дополни својот исказ вештакот.

Во однос другите две монети одземени од Кузмановиќ, Христовска истакна дека едната е копија, додека другата – најверојатно оригинал.

„Другата е статер на Александар III. За неа имав одредени сомнежи, но склона сум да мислам дека е оригинал“, рече таа.

Појасни дека се работи за многу чест тип на статер, кој може да се најде на повеќе континенти. Во контекст на ова наведе дека е запознаена дека постојат интернет аукции на кои се нудат вакви предмети, потенцирајќи дека таа лично не е колекционер на монети, ниту пак некогаш купувала на овие онлајн аукции.

„Од аспект на монетарна историја не е ретка, на локално ниво би можела да биде третира како национално богатство“, истакна Христовска.

Во текот на вкрстеното испрашување, вештакот прецизираше дека вештачените монети теоретски можат да потекнуваат од Србија, но и Романија, како и тоа дека можат да бидат во приватна сопственост.

Таа исто така наведе дека и другите монети кои биле откупен од Кузмановиќ, а се предмет на обвинението, се изложени во Археолошкиот музеј на Македонија.

„Дали лицето кое нуди монети на Музејот или на НБРМ треба да достави доказ за потеклото на доброто пред да се состави договорот за откуп?“, праша судијката Моника Бахчованска.

„Колку што мене ми е познато, во ниту еден член не стои дека тој мора со себе да носи доказ. Законодавецот му ја отежнува работата на кустосот без претходно да утврди правилник како тој да го стори тоа… Ние, во НБРМ, бараме нотарска изјава дека не потекнува од нелегални археолошкии ископувања, а кустосот нема правна моќ да го стори тоа“, одговори Христовска.

Во однос на другите предмети одземени од Кузмановиќ, главно секири и боздогани, во улога на вештак зборуваше доц. д-р  Бошко Ангеловски.

Како што наведе, бидејќи станува збор за предмети кои се реконструирани од други материјали и им е нарушен автентичниот изглед, иако се значајни од научен аспект, немаат посебна вредност од археолошки аспект.

„Со оглед дека не можам да кажам дали потекнуваат од територијата на Република Македонија, а исто така не е извршена нивна категоризација,  не можам да кажам ниту дали овие предмети преставуваат културно наследство на државата“, појасни Ангеловски.

Уште еден сведок на Обвинителството тврди дека првообвинетиот совесно си ја вршел работата

Во рамки на денешната расправа  сведочеше и Цветанка Вучкова, археолог, која била ангажирана од програмскиот директор на Музејот на Македонија, првообвинетиот Златко Видески, за изработка на каталошки единици за предмети од археолошкиот локалитет Исар Марвинци. Таа појасни дека нејзиниот ангажман се одвивал во периодот од март до септември 2013 година. Како и сведокот на минатото рочиште, колешка со која заедно работеле на овој проект, наведе дека при првото влегување во депото салите биле евидентирани во книгата за евиденција.

„Во депо салите ни’ отклучуваше Златко, кој, како програмски директор, исто така го надгледуваше нашето работење. Кога Златко и мојата колешка заминаа на терен, тогаш ми отклучуваше и ме надгледуваше ракувачот на депото Софка Кушовска-Сафитли. Во неколку наврати, таа од здравствени причини мораше да се замине порано, па бидејќи имаше два клуча  од депото едниот ми го даде на мене, а за тоа рече дека таа ќе го информира Златко“, рече сведокот.

Сведокот зборуваше и на околност – документарниот филм кој се снимал на 16 октомври минатата година и после кој е утврдено дека недостасуваат златните предмети од Исар Марвинци, кои исто биле предмет на снимање. Наведе дека Перо Арџанлиев, кустос-археолог кој сведочеше на минатото рочиште и кој бил дел од организацијата за филмот, ја прашал дали може да се фотографира и златниот накит од Исар Марвинци. За оваа таа добила одобрение од Видески, кој во моментот имал теренска работа,  а истовремено е одговорен за музејската збирка од овој локалитет.

Појасни дека за златниот накит, односно за локацијата и кутијата во која бил депониран, знаеле само таа, нејзината колешка со која ги евидентирале предметите од Исар Марвинци, како и Видески. Посочи дека за предметите кои биле снимани, рачно составила и список по кој подоцна и ги вратила истите на своите места. Списокот, како што рече, подоцна исчезнал.

На 5 ноември, како што раскажа, и’ се јавил Видески, кој и’ пренел дека обвинетата Кушевска-Сафитли му кажала дека надвор од депото нашла златен прстен кој бил сниман за потребите на филмот, но дека го вратила во кутијата со накит.

„Првично не мислев дека е толку сериозна работата. Го побарав списокот со предметите што беа снимани, но не го најдов. Потоа забележав дека е чепкано во кутијата во која беше сместен накитот од Исар Марвинци. Кутијата беше оставена на масата, а јас не ја оставив таму“, рече сведокот и додаде дека подоцна утврдиле дека недостасуваат повеќе предмети.

Сведокот и во текот на вкрстеното испрашување беше децидна дека за првпат на снимањето бил извадени златните предмети на Исар Марвинци  и дека за истите знаеле само таа, нејзината колешка и Видески. Како што наведе, по снимањето, откако ги вратила на своите места во депото, си заминала.

Судскиот процес ќе продолжи на 27 октомври за кога е предвидено да биде сослушан уште еден вештак.

Предметот за исчезнувањето на 162 артефакти од  Музејот на Македонија, обелоденето во ноември 2013 година, се води против седум лица, од кои речиси сите се вработени во музејските установи. Битно да се напомене е дека обвинението за овој предмет во суштината говори за несовесно работење и постапување со депоата на Музејот на Македонија од страна на обвинетите, поради кое, како што се наведува, дошло до одземање/кражба на артефактите од непознати лица.

>> Повеќе за предметот информирајте се тука. 

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk