/ Прочитано:

1.378

СУДЕЊЕ – МУЗЕЈ: Сведочеа вработени во Музејот, притворот на обвинетите продолжен за нови 30 дена

Среда, 24 септември 2014 – Судењето за исчезнувањето на 162 артефакти од Музејот на Македонија што беше обелоденето во ноември минатата година и денеска продолжи со распит на сведоци на Обвинителството. Пред Судот зборуваа вработени во Музејот.

Најпрвин сведочеа вработени во Одделението за сметководство при Музеј на Македонија кои беа викнати на околност да објаснат како се врши исплата на средства за откуп на музејски предмети. Имено, во обвинителниот акт се наведува дека последнообвинетите Јован Кондијанов, Дарко Кржовски и Андреј Ежов, како членови на Комисијата за откуп на музејски материјал вршеле откуп на монети од  златарот Часлав Кузмановиќ, исто така обвинет во предметот, иако, како што се наведува: „знаеле дека тој немал доказ за потеклото на истите со што прибавиле корист за него и му нанеле штета на Музејот на Македонија во висина од 1.345.750,00 денари“. 

Сведоците појаснија дека една година однапред до Министерството за култура се поднесува програма за реализација на проектите на Музејот која претходно ја усвојува Управниот одбор. Кон оваа програма, како што наведоа, се доставува и барање за одобрување на финасиски средства за реализација на проектите, како и комплетен финасиски извештај.  Тие исто така посочија дека од страна на Министерството за култура никогаш немале никаква реакција за неисправност на овие финансисики извештаи.

Спротивно на Обвинителството, сведоците тврдат дека прообвинетиот не им ги давал клучевите од депоата 

Пред Судот, на денешното рочиште исто така зборуваше виш кустос-археолог Горан Санев oд чија збирка биле одземени повеќе златни предмети кои се наоѓале во кутија која се чувала во депо-трезорот во Музејот на Македонија.

Тој објасни дека предметите од злато, сребро и бронза ги чувал во сеф во својата канцеларија, за што, како што рече, единствено го известил првообвинетиот, програмскиот директор Златко Видески. Заради поголема безбедност, како што наведе, златните предмети му ги предал на Видевски со цел тие да бидат сместени во депо-трезорот, но во ноември минатата година утврдиле дека истите недостасуваат.

„Најголем дел од предметите се се’ уште во сефот, освен кутијата во која беа собрани златни предмети која ја предадов на програмскиот директор Видевски за побезбедно депонирање“, изјави сведокот. 

Имено, според неговите зборови на 1 ноември во неговата канцеларија која ја дели со кустосот Мила Шурбановска, која сведочеше на претходното рочиште, дошла обвинетата Софка Кушовска-Сафитли која во Музејот работи како ракувач на депото и со себе носела 11 златни обетки за кои мислела дека се од збирката на Шурбановска. Откако заедно ги погледнале сфатиле дека всушност тоа не се обетките кои Шурбановска ги барала и за ова го известиле програмскиот директор Видески, кој во тој период бил на археолошко истражување. Откако било утврдено дека недостасуваат предмети од збирката на Шурбановска била повикана полиција по што следело запечатување на трезорот.

„По испрашувањето од страна на инспекторите, Златко утврди дека недостасува златниот накит од Исар Марвинци. Го прашав програмскиот директор што е со златниот накит од мојата збирка, но не можеше веднаш да ми одговори бидејќи полицијата го запечати трезорот. Потоа се формираа внатрешни комисии за да се утвди што се недостасува“, раскажа сведокот Санев.

На прашање на Обвинителството дали е вообичаено, кустосите – предметите да ги предаваат на програмскиоот директор без да имаат реверс и без да знаат каде се сместени, тој одговори:

„Во нашата пракса тоа не е невообичаено, бидејќи делиме кров, храна при нашите истражувања… и заедно ги носиме тие предмети во институцијата, заедно ги обработуваме и од тие причини довербата е апсолутна.“

Санев исто така појасни дека бил дел од едната комисија која утврдувала кои предмети недостасуваат.

„Кога влегов во трезорот погледот веднаш го насочив кон полицата каде се наоѓаше кутијата со златни предмети од мојата збирка, но таа беше празна“, рече сведокот.

Одбраната реагираше на исказот на сведокот Санев, поради, как0 што беше истакнато – грубо кршење на постапката која се води според новиот ЗКП од страна на Обвинителството.

„Сакам да му укажам на овој Суд дека исказот на овој сведок е проширен и дополнет. Исто така му се сугерираат одредени прашања и одговори. Ние согласно Законот сме требале да бидеме повикани на тоа дополнително испрашување за да можеме да подготвиме одбрана. Ова претставува грубо кршење на постапката, односно нарушување на принципот – еднаквост на оружјата“, рече Светлана Савиќ, бранител на првообвинетиот Видевски.

По ова следуваше директно и вкрстено испрашување на сведокот од страна на одбраната.

Санев уште еднаш потврди дека на негово инсистирање кутијата со златни предмети од неговата збирка се чувала во депо-трезорот. Од депоата, како што рече сведокот, Видевски, како програмски директор надлежен меѓу другото и за ракување со овие простори,  никогаш не му давал клучеви сам да влегува. Тој исто така потврди дека обвинетата Софка Кушовска-Сафитли на 1.11.2013 кога дошла со обетките во неговата канцеларија, спомнала и некаков прстен.

„Прстенот го нашла на 16 октомври при фотографирање на збирката од Исар Марвинци“, појасни сведокот истовремено потврдувајќи дека му е познато дека на 16 октомври минатата година е вршено снимање  на одредени предмети за потребите на документарен филм.

Сведокот, меѓу другото, посочи дека Музејот има приватно обебедување, како и видео надзор во ходниците кои водат кон депоата.

Програмскиот директор на Археолошкиот музеј  при НУ Музеј на Македонија и кустос Златко Видески се товари за  несовесно работење и за оттуѓување на културно наследство, додека второобвинетата, ракувачот на депото Софка Кушовска-Сафитли за несовесно работење. Според обвинителниот акт, Видески и Кушовска-Сафитли биле задолжени за клучевите од депоата  и другите простории во кои се чуваат музејските предмети, но постапувале несовесно  на начин што во ракувањето со депоата и клучевите од истите постапувале спротивно на член 17 од Правилникот за заштита на движното културно наследство и користење на музејскиот материјал, музејските предмети и музјската документација на НУ Музеј на Македонија. Имено, спротивно на наводите на досегашните сведоци, Обвинителството тврди дека Видевски клучот го давал на надворешни соработници и други вработени со цел да ракуваат со музејските предмети и збирки. Во обвинението исто така се наведува дека, пак: „Кушовска-Сафитли отклучувањето и влегувањето на депоата го вршела без присуство на кустосот задолжен за музејските предмети и збирки, дозволувала во депоата да влегуваат лица кои биле заинтересирани за увид и ракување со музејските предмети и збирки за кои не биле овластени и изнесувањето на предметите да се врши без претходно одбрување на раковдителот на одделот, а во депојната книга не внесувала податоци за идентификација на предметите кои биле предмет на земање или ракување поради кое очигледно несовесно постапување од депоата на НУ Музеј на Македонија од непознати лица биле одземени вкупно 162 предмети“.

Во однос на Перо Јосифовски, ексдиректорот на Музејот на Македонија и златарот Часлав Кузмановиќ, единственото лице од седуммината обвинети кое не е вработено музејска установа, во обвинителниот акт се наведува:

„Во текот на втората половина на 2011 година, обвинетиот Перо Јосифовски искористувајќи ја службената положба како директор на НУ Музеј на Македонија, со умисла поттикнат од Часлав Кузмановиќ, трајно отуѓил културно наследство од особено значење во државна сопственост, во што со однапред ветено прикривање на трагите и предметите прибавени со кривично дело со умисла му помогнал обвинетиот Златко Видески, на начин што Кузмановиќ, златар од Скопје, откако претходн0 во депото на Музејот ги видел златните предмети од Исар Марвинци, а кои биле дел од збирката на Видески, од обвинетиот Јосифовски побарал да му дел од истите, по што обвинетиот Перо на 20.06.2011 од депоата го зел златниот накит што го барал обвинетиот Часлав за што составил реверс со кој како директор на Музејот на Кузмановиќ со други предмети заради изработка на музејски копии без да го наведе инвентарниот број и прецизно да ги опише предметите му ги предал и златните предмети кои Кузмановиќ ги присвоил и не ги вратил со што обвинетиот Перо истите како културно наследство од особено значење во државна сопственост трајно ги отуѓил, па за да истото го прикрие на 21.02.2012 направил реверс во кој навел дека обвинетиот Златко Видевски заедно со други предмети му ги предава и златните предмети, а Видевски, иако знаел дека овие предмети не му биле вратени, го потпишал реверсот, а фактот дека предметите не се вратени го криел до 06.11.2013, кога истите ги пријавил како украдени од непознат сторител“.

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 денеска донесе одлука за продолжување на притворот на обвинетите за нови 30 дена поради опасност од бегство, попречување на кривичната постапка и евентуално повторување на кривичното дело. Седуммината обвинети беа уапсени на крајот на февруари годинава.

Судскиот процес со доказна постапка ќе продолжи на 3 октомври во 9.30 часот.

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk