/ Прочитано:

1.994

СУДЕЊЕ – МУЗЕЈ: Укинат притворот на последните тројца обвинети

Понеделник, 3 ноември 2014 – Јован Кондијанов, Дарко Кржовски и Андреј Ежов, кои како членови на Комисијата за откуп на музејски материјал се товарат дека спротивно на законот вршеле откуп на монети и со тоа му нанеле штета на Музејот, по осум месеци минати во притвор од денеска ќе се бранат од слобода.

Судечкиот совет на чело со судијката Моника Бахчованска по предлог на одбраната го укина притворот за тројцата последнообвинети во  предметот за кражбата на артефактите од Музејот на Македонија, кои се товарат за сосема друго дело, односно за злоупотреба на службената положба. Имено, Јован Кондијанов, Дарко Кржовски и Андреј Ежов, според обвинението, како членови на Комисијата за откуп на музејски материјал вршеле откуп на монети од обвинетиот Часлав Кузмановиќ, колекционер на монети,  иако, како што се посочува: „знаеле дека тој немал доказ за потеклото на истите со што прибавиле корист за него и му нанеле штета на Музејот на Македонија во висина од 1.345.750,00 денари“.  По предлог на Обвинителството, на едно од минатите рочишта сведочеше вештакчиј што наод, пак, беше во прилог на обвинетите. Вештакот наведе дека предметните монети се оригинали и се истакнати во новоотворениот Археолошки музеј. Иако Обвинителството не побарало вештачење во однос на вредноста на монетите, вештакот во текот на вкрстеното испрашување, запрашан од одбраната, посочи дека цената понудена од Комисијата за откуп е сосема коректна.

Укинување на притворот, предложија и бранителите на другите четворица обвинети, но нивниот предлог беше одбиен.

Инаку, денешното рочиште продолжи со изведување на доказите на Обвинителството. Конкретно, беа гледани првите снимки од безбедносните камери поставени во ходникот, пред депо – трезорот на Музејот, кои се однесуваат на период од крајот на септември до првата недела во октомври 2013 година. На нив се гледа обвинетата Софка Кушовска – Сафитли, која ракува со депото, како од време на време отклучува и влегува во просторијата, сама или во придружба на кустоси и археолози, а на излегување секогаш ја заклучува просторијата. Според Обвинителството, кое ја гони Кушовска-Сафитли за несовесно работење, таа: „отклучувањето и влегувањето на депоата го вршела без присуство на кустосот задолжен за музејските предмети и збирки, дозволувала во депоата да влегуваат лица кои биле заинтересирани за увид и ракување со музејските предмети и збирки за кои не биле овластени и изнесувањето на предметите да се врши без претходно одобрување на раководителот на одделот, а во депојната книга не внесувала податоци за идентификација на предметите кои биле предмет на земање или ракување поради кое очигледно несовесно постапување од депоата на НУ Музеј на Македонија од непознати лица биле одземени вкупно 162 предмети“.

Судскиот процес и на следното рочиште, закажано за 5 ноември (среда), ќе продолжи со изведување на снимките од безбедносните камери.

Предметот за исчезнувањето на 162 артефакти од  Музејот на Македонија, обелоденето во ноември 2013 година, се води против седум лица, од кои речиси сите се вработени во музејските установи. Битно да се напомене е дека обвинението за овој предмет во суштината говори за наводно несовесно работење и постапување со депоата на Музејот на Македонија од страна на обвинетите, поради кое, како што се наведува, дошло до одземање/кражба на артефактите од непознати лица. Дел од обвинетите, пак, како  дел од Комисијата за откуп на музејски материјал при НУ Музеј на Македонија, се товарат за  противзаконски откуп на монети.

>> Повеќе за предметот информирајте се тука. 

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk