/ Прочитано:

1.289

СУДЕЊЕ МУЗЕЈ – ЗАВРШНИ ЗБОРОВИ НА ОДБРАНАТА: Обвинението е параван за покривање на немоќта да се најдат сторителите на кражбата!

Понеделник, 9 март 2015 – Обвинението е параван со кој треба да се покријат несоодветното работење на органите на прогонот и нивната немоќ да ги најдат сторителите на кражбата во НУ Музејот на Македонија. Ова денеска беше посочено во завршните зборови на одбраната на судењето за исчезнувањето на артефактите од Музејот на Македонија. Адвокатите жестоко го нападнаа обвинението, според кое, поради несовесно работење на обвинетите, вработени во оваа установа, меѓу кои истакнати експерти во својата област, дошло до одземање на 162 предмети од непознати сторители. Крадците и предметите и по повеќе од една година од обелоденувањето на кражбата не се најдени, а првите четворица од вкупно седум обвинети веќе една година се во притвор. Држењето во притвор на овие лица, одбраната во завршен збор го оцени како „ноншалантно и непрофесионално, со призвук на одмаздољубивост“. 

„По изведувањето на предложените докази, како на оние од страна на Обвинителството, така и на оние од страна од одбраната, сметав дека обвинението ќе претрпи сериозни измени, како по однос на околноста кој е сторител на кривичните дела кои му се ставаат на товар пред сè на обвинетиот Златко Видевски, така и по однос на описот на дејствијата за кои е поднесено обвинение. Но пребогатата доказна постапка, безбројните изведени докази како да не допреа до Обвинителството, што го оправда моето сомнение изнесено во воведниот збор дека обвинението треба да претставува параван со кој треба да се покријат несоодветното работење на органите на прогонот и нивната немоќ да ги најдат сторителите кои противправно ги присвоиле предметите сопственост на НУ Музејот на Македонија, иако за тоа имале доволен број на индиции, а ова го тврдам и за обвинението, па со овој настан би требало на некој начин да се покрие овој чин, а при тоа спротивно на изведените докази, определени учесници да бидат привилегирани колку што го допушта тоа постапката“, рече во својот завршен збор Светлана Савиќ, бранител на првообвинетиот Златко Видески, програмски директор во Музејот на Македонија.

Според Обвинителството, Видески постапувал спротивно на членот 17 од Правилникот за заштита на движното културно наследство и користење на музејскиот материјал, така што дозволувал во депоата да влегуваат вработени во Музејот, лица ангажирани по договор за дело, студенти, како и други лица без посебни писмени овластувања, и дозволувал клучевите од депоата да бидат користени од соработници, без присуство на ракувачот на депото и на кустосот задолжен за предметите.  Како последица на ова, смета Обвинителството, од  збирката од Исар Марвинци за која тој е одговорен, како и од музејските збирки на кустосите Мила Шурбановска, Горан Санев, Лидија Блажевска и Цоне Крстевски, од страна на непознат сторители се одземени предметите од непознати сторители.

„Ова воопшто не произлегува од изведените докази. Укажавме, а тоа се покажа и основано, дека предметите кои се наведени во обвинението од збирката на Исар Марвинци се наоѓале во Музејот до 16.10.2013 година“, рече Савиќ.

Таа, исто така, истакна дека се потврдило оти Златко Видевски воопшто немал клуч од Античкото и од Праисториското депо, каде биле сместени дел од предметите кои недостасуваат.  Ова, како што рече,  произлегува од тоа што од него не се одземени клучеви од овие депоа,  од исказите на сите сведоци на Обвинителството, како и од снимките од безбедносните камери.

Спротивно на Обвинителството, Видески во својот исказ тврдеше дека ниту влегол во трезорот без ракувач на депото, ниту пуштил друг археолог да влезе во депо-трезорот, што беше потврдено и од сведоците.

„Тоа можеше да се утврди од исказите на лицата кои чуваа свои предмети во депо-трезорот, Мила Шурбановска и Горан Санев, од увидот во депојната книга и од камерата број 5 од депо-трезорот, од чија содржина може да се види дека Златко Видески никогаш не влегувал во депо- трезорот без ракувач на депото и дека никого не пуштал таму. Впрочем, тоа го потврдија и сите сослушани сведоци – археолози предложени од обвинението“, потенцираше адвокатката.

„Зачудува како барем малку не проработи професионалната љубопитност кај обвинителството“

Според одбраната на Видески, второобвинетата, ракувачот на депото, Софка Кушовска-Сафитли, која исто така се товари за несовесно работење, без негово сознание, додека тој бил на терен, им ги давала клучевите на соработниците. Ова, како што рече, го потврдиле и сведоците на главната расправа.

„Тука некаде можеби и ќе беше крајот на мојот завршен збор доколку исказот на обвинетата Софка Кушовска-Сафитли и видеозаписите од камерите 5, 13, 14, за деновите 29.10, 1.11 и 16.10.2013 не укажеа на определени диспропорции и на зачудувачкиот факт зошто сето ова не го забележа јавниот обвинител. Ценејќи ги снимките од првите камери, застапникот на обвинението на чудесен начин ги повлече како доказ “, истакна адвокатката.

Савиќ, исто така, обвини дека второобвинетата одговарала на нарачани и целно поставени прашања од обвинителот, како и тоа дека од снимките се гледало дека Кушовска-Сафитли влегувала сама во депо-трезорот и во депо-салите, а притоа во депојната книга не е запишана никаква активност.

„Зачудува фактот како кај органите на прогонот и на Обвинителството барем малку не проработи попрофесионалната љубопитност со вакви индиции да извршат проверки на определени факти и околности за да можат да ја утврдат правилно и потполно фактичката состојба“, рече таа.

Одбраната, како паушална и недокажана, ја отфрли и втората точка на обвинението, во која се тврди дека Видески во 2011 година им помогнал на третообвинетиот ексдиректорот Перо Јосифовски и четвртообвинетиот, златарот Часлав Кузмановиќ да прикријат оттуѓување на неколку златни предмети. Според Обвинителството, Кузмановиќ никогаш не вратил неколку од дваесетината предмети кои му биле дадени на реверс за изработка на музејски копии, а Јосифовски и Видески го прикриле ова. Не е јасно на што Обвинителството го темели ова тврдење со оглед дека за враќањето предметите е составен реверс кои беше изведен во текот на постапката, а тие исто така не се најдени при претресот кај Кузмановиќ. Станува збор за обетки со гулабици, обетки со протом на лав, обетки со претстава на ероси и дијадема од збирката на Видески од Исар Марвинци, што тој на 6.11.2013 ги пријавил како украдени од непознат сторител. 

„Од изведените докази не може да се утврди дека Видески го сторил кривичното дело наведено во точка 2 од причини што предметите и денес се наоѓаат во Музејот, биле во музејот во 2013 година и дел од златните предмети, а посебно што ниту еден предмет не е најден кај Часлав Кузмановиќ во оригинал, како што тврди обвинението “, рече Савиќ. 

„Држењето во притвор – недопустливо и со призвук на одмаздољубивост“

Тоа што Видески се наоѓа во притвор веќе една година, Савиќ го оцени како ноншалантно и непрофесионално, со призвук на одмаздољубивост.

„Ноншалантниот и непрофесионален однос да се држи во притвор Златко Видевски, археолог, досега неосудуван, од 28.2.2014 за вакво кривично дело и да се има ваков однос е недопустливо и со призвук на одмаздољубивост“, истакна таа.

„Да беше застапникот на обвинението матурант, ќе му кажеа дека ја погрешил темата“

Адвокатката, резимираше коментирајќи го завршниот збор на Обвинителството изнесен на минатото рочиште.

„Во неговата изработка обилно се користени придобивките на новата технологија, па се препишани предложените и изведени докази, веројатно, за да му остави впечаток на Судот со својата импозантност, но ако го погледнете убаво, ќе видите дека, покрај ова што го наведов, наликува на сликовница исто така препишана од одбраната, во која се наведени слики од реверсот и од збирката од Исар Марвинци. Правејќи анализа на изведените докази, да беше застапникот на обвинението матурант, обработувачите на темата ќе му кажеа дека ја погрешил и не ја разбрал темата на матурскиот труд. Застапникот на обвинението не го разбрал членот 17 од Правилникот за заштита на културно движно наследство“, потцрта Савиќ и побара ослободителна пресуда од Судот.

„Никој не ги бара исчезнатите предмети“

Програмскиот директор на Музејот и виш кустос – археолог, Златко Видески во својот завршен збор рече дека постоела селективност на доказите од страна на Обвинителството во истрагата и во доказната постапка.

Тој на Судот му појасни дека сам ја формирал збирката од Исар Марвинци, односно дека не ја наследил од друг археолог и дека таа ѝ е многу пати презентирана на пошироката јавност, како и дека следната дестинација ѝ била изложба во Германија која никогаш не се случила од причина што беше приведен и обвинет.

„Најтешко ми паѓа дека во оваа збрка никој не ги бара и никого не го интересираат исчезнатите предмети, ова посебно се однесува на полицијата и на Јавното обвинителство. Се надевам дека Судот ќе ги цени доказите изведени во текот на главната расправа и дека ќе го прекине ова лудило“, рече Видески.

Димитар Дангов, бранителот на второобвинетата, ракувачот на депото Софка Кушовска-Сафитли, наведе дека се докажало дека таа совесно си ја вршела работата. Тој истовремено остро ги осуди обвинувањата упатени кон неа од страна на одбраната на Видески.

„Дали треба да се верува дека оваа жена со гимназиско образование, ако имала клучеви, дека е задолжена за сите предмети од непроценлива вредност. Никој од кустосите не може да се амнестира од тоа дека е вистински ракувач со предметите“, рече Дангов.

Бранителот исто така наведе дека Кушовска-Сафитли ги внесувала сите податоци во депојната книга по диктирање на кустосите, како и тоа дека таа не можела да им забранува влегување во депоата.

Тој го потсети Судот дека другите обвинети, нејзини надредени, кажале дека таа била добар работник.

„Доколку е Кушовска-Сафитли прогласена за виновна, тоа нема да биде победа на обвинението, туку правдата ќе изгуби“, рече бранителот, барајќи ослободителна пресуда.

Кушовска-Сафитли остана во целост на одбраната на нејзиниот бранител.

„Обвинителството сака да создаде привид во јавноста дека се најдени виновниците“

„Оваа кривична постапка започна како еден голем медиумски настан и како шоу на надлежните институции и се води по нивна иницијатива, без притоа да се има предвид реалната состојба. Без да се ценат доказите на одбраната во текот на постапката. Преку магла на докази Обвинителството има цел да создаде привид во медиумите и во јавноста дека се најдени виновниците, наспроти фактот наведен во Обвинителниот акт дека предметите се одземени од непознати лица. Текот на постапката требаше да послужи како патоказ за пронаоѓање на тие непознати сторители, меѓутоа трудот на Обвинителство не покажа таков резултат “, рече Соња Петрушева, бранител на третообвинетиот, поранешниот директор на Музејот и кустос Перо Јосифовски.

Како и претходните бранители, Петрушева потенцираше дека сведоците на обвинителството не ги дале посакуваните одговори.

„На Судот му посочувам да пристапи со особено внимание кон оцена на сите докази подеднакво предложени од страна на сите учесници во постапката, со примена на начелото на контрадикторност, а според принципите на непристрасност, објективност, еднаквост и еднаков третман на сите учесници во постапката и да не дозволи да се оправда неоткривањето на непознатите сторители“, рече таа.

Наводите на Обвинителството дека Јосифовски прикрил дека во Музејот не биле вратени предмети кои му ги дал на реверс на обвинетиот Кузмановиќ, Петрушева ги оцени како паушални, произволни, контрадикторни, конфузни.

„Во однос на дилемата која ја наметнува Обвинителството за враќање на предметите, му посочуваме на Судот дека обвинетиот Перо Јосифовски ги вратил сите предмети во депото на НУ Музеј на Македонија на датум 21.2.2012 година, а видно од реверс за вртени предмети 03 -249/1 според список и слики. Од увидот во списите на предметот неспорно е дека Перо Јосифовски му ги вратил предметите на надлежниот кустос Златко Видевски и тоа е забележано со ракопис на второобвинетата Софка Кушовска “, рече Петрушева.

Одбраната го отфрли обвинението дека откупот на монети во неколку наврати не се вршел во согласност со процедурите предвидени со закон, за што Јосифовски, како тогашен директор, е обвинет за злоупотреба на службената положба.

„Третообвинетиот не е виновен за делото кое му се става на товар бидејќи работел во согласност со Законот за музеи и со Законот за заштита на културно наследство. Обвинителството воопшто нема земно предвид дека овие статери и монети кои се откупени се строго предвидени во програмата на Министерството за култура за секоја година поединечно“, рече Петрушева.

Барајќи ослободителна пресуда, адвокатката се осврна и на личноста на обвинетиот, посочувајќи дека станува збор за истакнат експерт во областа на нумизматиката, кој зад себе има бројни значајни трудови.

„Петте златните статери, кои се предмет на обвинување во овој дел, се гордоста на Република Македонија и се изложени во новата поставка на Археолошкиот музеј“, истакна Петрушева.

За одбраната, меѓу другото, е индикативно што во периодот од пет години ниту еднаш не е влезено во Годишната програма на инспекциската служба при Министерството за култура да има контрола на работењето на НУ Музеј на Македонија.

„Полиграфското тестирање покажа дека ја зборуваме вистината“

Обвинетиот, Перо Јосифовски, во својот завршен збор го отфрли обвинението, наведувајќи дека не се чувствува виновен.

„Со колегите во предистражната постапка, без присуство на адвокати, прифативме полиграфско тестирање кое покажа дека ние не сме сторители на некакво кривично дело“, рече тој.

Обвинението го нарече „фабрикувано“, запрашувајќи се кој е мотивот да отуѓи предмети кои постојано биле во центарот на вниманието преку изложби и фотографирања за потребите на медиумите.

„И по речиси една години сè уште се згрозувам од ваквиот чин, а уште повеќе од помислата дека јас би можел да учествувам во вакво нешто“, истакна Јосифовски.

Го негираше и обвинението дека тој, како поранешен директор, и последните тројца обвинети, како членови на Комисијата за откуп на музејски материјали, овозможиле откуп на монети не запазувајќи ги процедурите за работа.

„Обвинителството заборава да истакне дека реализираниот откуп е спроведен во рамки на проектот на Министерството за култура, за што постои целосна документација“, потенцираше Јосифовски.

Заврши, велејќи дека тој и неговите колеги, исто така обвинети во овој предмет, се неправедно ставени во процес кој целосно им го нарушил достоинството, кредибилитет и волјата за понатамошна работа.

Судењето ќе продолжи на 11 март, среда, со завршните зборови на останатите четворица обвинети и нивните бранители. Пресудата, според најавата на судскиот совест, се очекува да биде изречена на 20 март.

Предметот за кражбата на 162 артефакти од  Музејот на Македонија се води против седум лица, од кои речиси сите се вработени во музејските установи. Битно да се напомене е дека обвинението за овој предмет во суштината говори за наводно несовесно работење и постапување со депоата на Музејот на Македонија од страна на обвинетите, поради кое, како што се наведува, дошло до одземање/кражба на артефактите од непознати лица. Дел од обвинетите, пак, како  членови на Комисијата за откуп на музејски материјал при НУ Музеј на Македонија, се товарат за сосема друго дело, односно дека во неколку наврати, при откуп на монети, не прибавиле доказ за потеклото на истите. 

Првите четворица обвинети, Златко Видески, Софка Кушовска-Сафитли, Перо Јосифовски Часлав Кузмановиќ, се во притвор веќе една година. 

>> Повеќе за предметот информирајте се тука. 

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk