/ Прочитано:

1.961

СУДЕЊЕ „ПРЕТСЕДАВАЧ“: Директорката на Одделението за големи даночни обврзници во УЈП ја даде целосно својата одбрана, последнообвинетиот пуштен во куќен притвор

Четврток, 15 мај 2014 – По цели четири рочишта исцрпен распит, директорката на Одделението за големи даночни обврзници во Управата за јавни приходи (УЈП), шестообвинетата Елена Јанева-Димова заврши со давањето на својата одбраната. Дванаесеттообвинетиот Миле Клинчаровски од денеска е во куќен притвор.

На денешното продолжение од судскиот процес за случајот „Претседавач“ својата одбрана целосно ја даде Елена Јанева-Димова која, како и останатите обвинети се товари за злоупотреба на службената положба. Голем дел од прашањата кои и’ беа поставени на шестообвинетата, која според Обвинителството дозволила стоката која се наоѓала на залиха во АД „Машинопромет“ да биде отпишана и оттуѓена со продажба како старо железо од страна на УО во ова претпријатие и со тоа нанела штета на име на даночен долг, веќе беа одговорени на претходните рочишта.

Јанева-Димова образлагаше зошто таа, како одговорно лице, потпишала согласност попишаната магацинска стока на „Машинопромет“ да може да се  оттуѓува од страна Управниот одбор. 

Според нејзините зборови, во 2007 имало две лицитации организирани од УЈП, но тие биле неуспешни, по што оваа стока му е дадена на слободно располагање на претпријатието. На овој начин, како што рече, настанува замена на една мерка со друга, односно обврската е парите од евентуална зделка да бидат исклучиво за даночен долг кон УЈП, а произнесувањето во согласноста не се однесува на третманот на стоката. 

Обвинетата и на денешното рочиште посочи дека  продажбата на стоката која даночниот обврзник ја остварил во 2011 година  е предмет на контролирање на Даночниот инспекторат. Рокот за контрола, како што рече, е период од 5 години пред 2011 година и 5 години по 2011 година. 

„Постапките за наплата на долг сѐ уште траат. Еден долг се наплатува, друг се товари. Од аспект на оваа постапка не постои штета од 17 милиони денари спрема УЈП“, заклучи шестообвинетата Јанева-Димова.

Судот на денешното рочиште, меѓу другото, донесе  решение за укинување на притворот и замена со куќен на дванаесетообвинетиот Миле Клинчарски, даночен извршител во УЈП. Останатите обвинети, освен неколкумина, во притвор се наоѓаат веќе 8 месеци.

Судскиот процес ќе продолжи на 23 мај во 09.30 часот со распит на седмообвинетата Сузана Пашовска, раководителка на Одделението за присила наплата при УЈП, 

Предметот за случајот „Претседавач“ опфаќа 12 лица: поранешни членови на Управниот одбор на АД „Машинопромет“, вработени во УЈП, сопственици на приватни фирми. Сите се товарат за злоупотреба на службена должност. Според Обвинителството, обвинетите прибавиле значителна корист за друг и нанеле штета на „Машинопромет“ на начин што иако знаеле дека се водат повеќе постапки за присилна наплата на даночен долг од Друштвото, како и дека од Основен суд Скопје 2 биле донесени повеќе решенија за забрана за располагање со имотот на „Машинопромет“, го обезвредниле и оттуѓиле движниот имот во вредност од 64.281.043,00 денари. Случајот предизвика бурни реакции во јавност, како и протести на опозицискиот политички блок од причина што првообвинет е Мирослав Шиповиќ, претседавач на Советот на Општина Центар. Според нив, Шиповиќ е мета на политички прогон.

>> Повеќе за предметот прочитајте тука.

(Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)