/ Прочитано:

1.445

СУДЕЊЕ „ПРЕТСЕДАВАЧ“: „Не сум виновен за ништо, верувам дека Судот ќе донесе ослободителна пресуда!“ — својата одбрана ја даде обвинетиот Ненад Шиповиќ

Вторник, 10 јуни 2014 – „Не сум виновен за ништо! Во живототов сѐ сум створил со чесна работа и верувам дека судот ќе донесе ослободителна пресуда“, истакна единаесетообвинетиот Ненад Шиповиќ, брат на првообвинетиот Мирослав Шиповиќ, на денешното продолжение од судскиот процес „Претседавач“. Го отфрли обвинението како целосно неосновано, истакнувајќи дека тој лично нема никаква врска со АД „Машинопромет“, ниту, пак, се интересирал за стоката на залиха која е предмет на обвинението. Истакна дека единствено му е познато дека со кредит земен на име на неговата фирма, во која деловен партнер е и неговиот брат Мирослав, „Машинопромет“ бил спасен од стечај. 

„Осум месеци  во притвор се обидувам да го разберам обвиниението кое Јавното обвинителство го покрена против мене. За жал, не можам да ја разберам мојата вина, па затоа обвинението го отфрлам во целост како неосновано“, истакна денеска  во своја одбрана единаесетообвинетиот Ненад Шиповиќ.

Ненад Шиповиќ, според Обвинителството, како и другите управители на фирмите опфатени со обвинителниот акт, се товари дека на обвинетите кои биле дел Управниот одбор на АД „Машинопромет“ им ставил средства на располагање за извршување на кривично дело, во случајов – злоупотреба на службената положба. Во обвинението исто така се наведува дека обвинетиот Слободанчо Георгиев од сметката на неговата фирма „Ин-Ком“ на сметката на Друштвото „Сиком Ненад ДООЕЛ“ на кое управител е Ненад Шиповиќ исплатил вкупен износ од 250.000 денари по основ на цесија, средства кои, како што се вели: Ненад ги примил и прифатил.

Обвинетиот појасни дека е основач на  „Сиком Ненад ДООЕЛ“, фирма кон која, како што рече, во 1999 година се приклучил и неговиот брат – Мирослав Шиповиќ.  Наведе дека фирмата иако има една сметка, тие двајца имаат различни клиенти, фактурите ги означуваат со различни ознаки и дека никој никому не се меша во деловната политика. Поентираше, наведувајќи дека тој нема никава врска со „Машинопромет“.

„Лично, со „Машинопромет“ и лицата од таа фирма, немам никака врска. Тоа е проект на Мирослав. По барање на брат ми станавме акционери во „Машинопромет“. Секој од нас знаеше со колку средства располага во „Сиком“, па така акциите на „Машинопромет“ се исплатени исклучиво од средства на Мирослав. Знам само дека во една прилика земавме кредит од банка за да се спаси „Машинопромет“ од стечајна постапка. „Сиком“ го зема тој кредит, но отплатата се врши исклучиво на товар на профитот на Мирослав и овие средства и денеска се враќаат. Сѐ што ми е познато е дека со овие средства, „Машинопромет“ е спасен од стечај“, појасни обвинетиот.

Нагласи дека во врска со стоката на залиха на „Машинопромет“ ништо не му е познато, ниту, пак, се интересирал за истата. Обвинетиот исто така негираше дека потпишал цесија за прифаќање и примање на 250.000 денари на сметка на „Сиком“.

„Имајќи предвид дека парите се пристигнати на сметка од деловен субјект и имајќи предвид дека не се работи за голема сума, сум претпоставил дека се работи за комитент на мојот брат и тука згаснал секаков интерес од моја страна за овие парични средства“, рече обвинетиот, додавајќи дека не ги познава ниту лицата на која е продадена стоката, односно дека првпат за нив дознал во текот на оваа постапка.

„За да се префрлат парите треба да постои некаков формален основ. Во случајов се вели по основ на цесија што не е вистина, бидејќи јас, како управител, не сум потпишал договор за цесија. Затоа, делот од обвинението каде се вели дека сум прифатил парични средства не можам да го разберам. Никаква цесија не е ниту изготвена, ниту потпишана!“, истакна Ненад Шиповиќ.

Според зборовите на обвинетиот, овие 250.000 денари во сметководството на „Сиком“ се воделе како нераспоредени бидејќи не постоел правен и економски основ за нив и истите се вратени, но тоа никаде не е наведено во обвинителниот акт.

„Јас не знаев дека парите се вратени сѐ до моето приведување. За тоа дека парите се вратени е приложена и документација која е дел од доказниот материјал. Парите добиени од „Ин-Ком“, се вратени лично од Мирослав Шиповиќ“, рече Ненад Шиповиќ.

На крајот од изнесувањето на својата одбрана, тој повторно потенцираше дека е невин.

„Не сум виновен за ништо! Во животов сѐ сум створил со чесна работа! Впрочем, и мојата имотна состојба ќе ве увери во тоа. Верувам дека судот до крајот на оваа постапка во мене ќе гледа чесен човек и ќе донесе пресуда со која ќе ме ослободи од обвинение“, подвлече единаесетообвинетиот.

Судскиот процес ќе продолжи на 17 јуни во 9.30 часот со распит на обвинетиот Ненад Шиповиќ, како и на последнообвинетиот Миле Клинчаров.

Предметот за случајот „Претседавач“ опфаќа 12 лица: поранешни членови на Управниот одбор на АД „Машинопромет“, вработени во УЈП, сопственици на приватни фирми. Сите се товарат за злоупотреба на службена должност. Според Обвинителството, обвинетите прибавиле значителна корист за друг и нанеле штета на „Машинопромет“ на начин што иако знаеле дека се водат повеќе постапки за присилна наплата на даночен долг од Друштвото, како и дека од Основен суд Скопје 2 биле донесени повеќе решенија за забрана за располагање со имотот на „Машинопромет“, го обезвредниле и оттуѓиле движниот имот во вредност од 64.281.043,00 денари. Случајот предизвика бурни реакции во јавност, како и протести на опозицискиот политички блок од причина што првообвинет е Мирослав Шиповиќ, претседавач на Советот на Општина Центар. Според нив, Шиповиќ е мета на политички прогон.

>> Повеќе за предметот прочитајте тука.

(Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)