/ Прочитано:

1.227

СУДЕЊЕ „ПРЕТСЕДАВАЧ“: Обвинението лексички го разбирам, но суштински не го разбирам и не го прифаќам! — Својата одбрана ја даде петтообвинетата

Вторник, 15 април 2014 – Во продолжение на судскиот процес за случајот „Претседавач“, својата одбрана ја образложи петтообвинетата Вера Видинова, поранешен член на Надзорниот одбор на АД „Машинопромет“. Таа истакна дека не го прифаќа обвинението и во голем дел ги потврди наводите изнесени од обвинетите кои веќе ја дадоа својата одбрана. Видинова, која исто така се товари за злоупотреба на службената положба, тврди дека била запознаена со Решението за привремена забрана со недвижниот имот на „Машинопромет“, но не и со Решението за привремена забрана со располагање со целиот имот на фирмата. Нејзиниот исказ, рече дека во фаза на доказна постапка ќе го поткрепи и со материјални докази. 

Главниот претрес продолжи со исказ на петтообвинетата Вера Видинова, независен член Надзорниот одбор на АД „Машинопромет“ од 2008 до 2011 година, како и поранешна вработена во оваа фирма од 1982 до 2002 година. Според Обвинителството, Видинова ја злоупотребила службената положба на начин што „како член на Надзорниот одбор на АД „Машинопромет“ не презела дејствија за укажување на незаконитоста на одлуките на Управниот одбор“.

„Обвинението лексички го разбирам, но суштински не го разбирам и не го прифаќам“, го започна својот исказ обвинетата.

Видинова хронолошки раскажа што се случувало во компанијата за време додека таа била член на Надзорниот одбор. Посочи дека во 2008 година, на годишното Собрание на акционери биле разгледувани неколку точки, меѓу кои годишниот извештај за работата на „Машинопромет“ и Одлуката на Управниот одбор за нивелација на цените на магацинската роба. Според зборовите на обвинетата, четвртообвинетиот Ванчо Димитровски како тогашен претседател на Управниот одбор подробно ја образложил оваа Одлука. Тој објаснил дека робата е неупотреблива, непрофитабилна, со нереални цени и поради тоа е потребно нивелација на цените за што добиле и согласност од Управата јавни приходи (УЈП).

„Претседателот истакна дека дел од оваа стока треба да се расходува, а дел стопанисува. Беше презентирана и многубројна писмена коресподенција меѓу Управниот одбор и УЈП“, рече обвинетата.

Овие точки, како што потенцираше Видинова, на годишнното Собрание биле усвоени без ниту еден глас против.

Видинова истакна дека била запознаена со Решението за привремена забрана за располагање со недвижниот имот на „Машинопромет“ од 2006 година на Основниот суд Скопје 1, коешто тврдење рече дека ќе го потврди и со материјални докази во фаза на доказна постапка. Негираше дека била запознаена со Решение од Основен суд Скопје 2 со кое се става привремена забрана за располагање со целиот имот на оваа фирма, по што Судот и го предочи овој документ.

„Не сум запознаена со ова решение, ниту, пак, ми било презентирано…, првпат го гледам денеска во судница“, рече обвинетата додавајќи дека адвокатот на фирмата главно се занимавал со правните работи. 

На прашање на судскиот совет дали била запознаена што имало во трите магацини, обвинетата одговори дека во еден наврат во 2008 година со извршен судија, дел од вработените меѓу кои и таа како член на Надзорниот одбор направиле обиколка при што судијата констатирал дека не е најдена никаква документација. Со ова таа ги потврди наводите на претходните обвинети кои веќе ја дадоа својата одбрана – дека претходното раководство, Пајмаковски, ја однеле со себе целата документацијата .

„Немаше никаква документација во фирмата, дури ни моето работно досие го немаше“, истакна таа.

Наведе дека била запознаена со фактот дека „Машинопромет“ бил  должник спрема УЈП, но дека магацините на фирмата биле изнајмени и дека Управата имало приоритет по однос на наплата на долг.

Обвинетата потврди дека биле изготвени два извештаи од Управниот одбор за направен попис кои исто така биле доставени до Надзорниот одбор, но дека не е запознаена со извештајот изготвен од најмената проценителска куќа. Сепак, таа прецизираше дека била запознаена дека се вршело проценка за објективнта состојба во друштвото, и дека претходно зборувале  и со членовите на Управниот одбор дека мора да се изврши проценка, но дека таа лично не извршила увид во извештајот.

Видинова, меѓу другото, раскажа дека поради нејзината влошена здравствена состојба во 2010 година барала разрешување, но согласно статутот и законските норми нејзиниот мандат завршил во 2011, па оттогаш немала никакви контакти со другите кои се’ уште на некои начин биле дел од „Машинопромет“.

Предлогот за укинување на притворот доставен од страна на четвртообвинетиот Ванчо Димитровски, судот не го прифати. 

Судскиот процес ќе продолжи на 29 април во 9:30 часот. Својата одбрана треба да ја дадат уште седуммина обвинети.

Предметот за случајот „Претседавач“ опфаќа 12 лица: поранешни членови на Управниот одбор на АД „Машинопромет“, вработени во УЈП, сопственици на приватни фирми. Сите се товарат за злоупотреба на службена должност. Според Обвинителството, обвинетите прибавиле значителна корист за друг и нанеле штета на „Машинопромет“ на начин што иако знаеле дека се водат повеќе постапки за присилна наплата на даночен долг од Друштвото, како и дека од Основен суд Скопје 2 биле донесени повеќе решенија за забрана за располагање со имотот на „Машинопромет“, го обезвредниле и оттуѓиле движниот имот во вредност од 64.281.043,00 денари. Случајот предизвика бурни реакции во јавност, како и протести на опозицискиот политички блок од причина што првообвинет е Мирослав Шиповиќ, претседавач на Советот на Општина Центар. Според нив, Шиповиќ е мета на политички прогон.

>> Повеќе за предметот прочитајте тука.

(Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)