/ Прочитано:

1.227

СУДЕЊЕ „ПРЕТСЕДАВАЧ“: „Обвинет сум за нешто што не сум го сторил!“, тврди десетообвинетиот

Вторник, 2 јуни 2014 – На денешното продолжение од судскиот процес „Претседавач“ одбраната ја дадоа девето и десетообвинетиот кои во целост го отфрлија обвинението изјаснувајќи се за невини. 

„Не се чувствувам виновна и го отфрлам обвинението во целост“, рече на денешниот главен претрес деветообвинетата Сузана Георгиева, управител на „Интеркомерц“ ДОО Штип.

Горгиева ја потврди верзијата на нејзиниот сопруг Слободанчо, кој својата одбрана ја даде на минатото рочиште. Појасни дека заедно со сопругот ја основале фирмата „Интеркомерц“ ДОО Штип чии што управител била таа од единствена причина да нема прекин во работниот стаж, односно поради здравственото осигурување. Како што кажа и нејзиниот сопруг и Георгиева истакна дека  и двајцата биле потписници на сметката на фирмата, но дека тој ги водел сите деловни односи.

„Јас сум домаќинка и чувам внуци. Немам познавања од трговијата, едниствено како управител ги потпишував завршните сметки и некои пропратни документи“, наведе Георгиева.

Оттука, како што објасни, немала ни сознанија за фирмите со кои „Интеркомерц“ има деловни односи, меѓу кои и АД „Машинопромет“.

„Фирмата „Машинопромет“ ми беше непозната се’ до повикувањето во полициска станица. Кога го прашав сопругот зошто сме повикани, тој ми рече дека претпоставува дека станува збор за некоја стока што сме ја купиле од таа фирма“, рече обвинетата.

Обвинението го отфрли и десетообвинетиот Стојанчо Костадинов, управител на фирмата на ДОО „Би-Метали“ Штип.

„Обвинет сум за нешто што не сум го сторил! Во целост го негирам и отфрлам обвинението“, нагласи Костадинов.

Раскажа како ја основал фирмата „Би-Метали“, која се занимава со откуп и продажба на отпадно железо, како дошло до соработка со фирмите на Георгиеви, како и тоа – како дошло до откупот на трговската стока на залиха од „Машинопромет“.

Како што рече, преку Слободанчо Георгиев во месец јуни 2011 година дознал дека АД „Машинопромет“ има за продажба отпадно железо, по што заедно се упатиле во Скопје на средба со четвртообвинетиот Ванчо Димитровски, кој во тоа време е член на Управниот одбор на Друштвото.

„Тогаш за првпат дојдов во „Машинопромет“ и се запознав со Ванчо Димитровски кој ми се претстави како одговорен. Ми беше појаснето дека имаат отпадно железо, да го видам и ако сум заинтересиран да го купам“, рече обвинетиот додавајќи дека откако ја разгледал стоката која имала отпаден карактер му понудил на Димитровски да ја откупи по цена од 12 денари за килограм, на што неколку дена подоцна добил позитивен одговор.

Околу транспортот на стоката, како што рече, му помогнал Георгиев од кој исто така зел заем за да ги подмири финансиските обврски спрема „Машинопромет“.

За испорачаната стока, како што нагласи, му била изготвена фактура од Димитровски која и двајцата ја потпишале.

„Ванчо ми нагласи дека фактурираната сума треба да ја уплатам на УЈП од причина што „Машинопромет“ е должник на Управата. Колку што се сеќавам, во истиот момент беше изготвена цесија. Наредниот ден ми беше кажано дека се’ е во ред со цесијата и ми беше дадена жиро сметка од УЈП на која треба да ја платам фактурата. Износот на фактурата беше околу 264.000 денари“, рече Костадинов.

Во 2012 година, како што посочи, почнал да се соочува со финансиски проблеми кои се рефлектирале врз деловните односи кои ги имал со Слободанчо Георгиев, односно не бил во можност да му ги врати позајмените средства.  Прецизираше дека во еден наврат, за да ја исплати стоката од „Машинопромет“, позајмил од Георгиев 290.000 денари, додека во друг – 60.000 денари, но за сосема друга намена.

„Сакам да нагласам дека средствата во висина од 60.000 денари, кои Слободан мислам дека ми ги позајми од „Ин-Ком“,  му ги побарав по основ на позајмица бидејќи во тој момент имав неодложна обврска кон трето лице. Ова го нагласувам за да се разјасни дека сумата од 290.000 денари е посебна позајмица и да не се третираат тие 60.000 денари како позајмица за купување на стоката од „Машинопромет“, истакна обвинетиот.

Тој потенцираше дека секогаш работел согласно законските прописи, но пречестата измена на регулативата, како што рече, го довела до се’ поголеми финансиски загуби и потешкотии во фукционирањето на фирмата. 

„Поради неможноста на Слободан да му ги вратам парите, иако ми беше многу незгодно, му понудив да купи дел од складираната стока со цел да подмирам дел од своите обврски кон него. Слободан негодуваше, но бидејќи немаше друго решение, прифати. Неговиот брат, кој работи како магационер во една од неговите фирми, направи спецификација на стоката за која се заинтересирани и врз основа на таа спецификација се направени испратници и фактури спрема „Интеркомерц“ ДОО Штип и „Ин-Ком“ ДОО““, подвлече десетообвинетиот.

Обвинителството, пак, тврди дека сопружниците Георгиеви, како управители на  фирмите „Интеркомерц“ ДОО  и „Ин-Ком“ ДОО“, Костадинов, како управител на „Би-Метали“, како и Ненад Шиповиќ, управител на „Сиком Ненад“ ДООЕЛ Скопје, на членовите на Управниот одбор на „Машинопромет“ им ставиле средства на располагање за извршување на кривичното дело. Имено, според ОЈО: „откако Слободанчо Георгиев со обвинетиот Ванчо Димитровски се договорил за продажба на трговската стока на залиха, во текот на месец април 2011 година со поголем број на испратници ја презел целата количина на резервни делови од АД „Машинопромет’ и истите ги сместил во магацините на неговото друштво. По ова, обвинетиот Мирослав Шиповиќ до Костадинов, а на име на неговата фирма „Би-Метали“ испоставил фактура од 12.07.2011 дека резервните делови кои биле испорачани на Георгиев во текот на месец април се продадени како старо железо во количина од 18.660 килограми во вредност од 264.226 илјади денари, а Костадинов ја прифатил и ја прикажал во евиденцијата на неговото друштво иако знаел дека ваква стока во неговата фирма не е испорачана“. Понатаму во обвинението се вели дека: „Георгиев од сметката на „Ин-Ком“ на сметката на „Сиком“, исплатил вкупен паричен износ од 250.000,00 денари по основ  на цесија, кои Ненад Шиповиќ, братот на првообвинетиот, ги прифатил, а обвинетата Сузана Георгиева од сметката на нејзината фирма на име на аванс на сметката на „Би-Метали“, пренела парични средства во износ од 290.000 денари. Во јули 2011 година Георгиев од сметката на „Ин Ком“ на сметката на „Би-Метали“ пренел паричен износ од 60.000,00 денари, кои управителот на оваа фирма, обвинетиот Костадинов ги прифатил, за еден ден подоцна по основ на цесија помеѓу „Машинопромет“, „Би-Метали“ и Управата за јавни приходи (УЈП) на сметката на УЈП да се пренесе паричен износ од 264.226,00 денари …“

Судењето ќе продолжи на  10 јуни во 9.30 часот со распит на обвинетиот Стојанчо Костадинов. 

Предметот за случајот „Претседавач“ опфаќа 12 лица: поранешни членови на Управниот одбор на АД „Машинопромет“, вработени во УЈП, сопственици на приватни фирми. Сите се товарат за злоупотреба на службена должност. Според Обвинителството, обвинетите прибавиле значителна корист за друг и нанеле штета на „Машинопромет“ на начин што иако знаеле дека се водат повеќе постапки за присилна наплата на даночен долг од Друштвото, како и дека од Основен суд Скопје 2 биле донесени повеќе решенија за забрана за располагање со имотот на „Машинопромет“, го обезвредниле и оттуѓиле движниот имот во вредност од 64.281.043,00 денари. Случајот предизвика бурни реакции во јавност, како и протести на опозицискиот политички блок од причина што првообвинет е Мирослав Шиповиќ, претседавач на Советот на Општина Центар. Според нив, Шиповиќ е мета на политички прогон.

>> Повеќе за предметот прочитајте тука.

(Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)