/ Прочитано:

1.613

СУДЕЊЕ „ПРЕТСЕДАВАЧ“: Седмообвинетата тврди дека не ја злоупотребила службената должност, сите обвинети од денеска во домашен притвор

Петок, 23 мај 2014 – Сите дванаесетмина обвинети опфатени со случајот „Претседавач“ од денеска се наоѓаат во куќен притвор. Судијката Џенета Бектовиќ, која го води предметот, на денешното рочиште донесе одлука за укинување на притворот и на оние обвинети кои веќе го минуваа седмиот месец во притвор, меѓу кои и Мирослав Шиповиќ. Инаку, во продолжение на судскиот процес својата одбрана ја даде седмообвинетата Сузaна Пашоска, раководител на Одделението за присилна наплата, Регионална дирекција Скопје при УЈП. Како и обвинетите пред неа, Пашоска го отфрли обвинението како неосновано притоа аргументирајќи го својот исказ многу концизно и стручно. 

„Го разбирам во потполност обвинителниот акт, но не го прифаќам, односно не сум ја злоупотребила службената должност со цел за за себе или за друг да прибавам имотна корист, ниту сум направила штета од 17 милиoни денари на име даночен долг“, рече седмообвинетата Сузана Пашоска.

Според Обвинителството, Пашоска иако знала дека се водат постапки за присилна наплата на даночен долг на АД „Машинопромет“, наместо согласно Законот за даночна постапка да ги спроведе постапките за присилна наплата  за даночен долг, дозволила трговската стока за продажба која се наоѓала на залиха во АД „Машинопромет“ да биде отпишана и отуѓена со продажба како старо железо од страна на одговорните лица во АД „Машинопромет“, со што на име на даночен долг нанела штета во износ од 17.000.003,00 денари.

Наспроти ова, обвинетата истакна дека 27 години, колку што работи во УЈП, својата работа ја извршува чесно, а во контекст на тоа и постапката АД „Машинопромет“, како што рече, била водена согласно законските прописи.

Пашоска потенцирааше дека долгот од 17 милиони денари за кои УЈП има правено попис на движните ствари е целосно наплатен. Го потврди исказот и на другите обвинети дека УЈП спровела две аукции за продажба на попишаната стока кои биле неуспешни, па се преземени повеќе дејствија за наплата на долгот. Одговорот на УЈП по барањето на Управниот одбор на „Машинопромет“ за расходување на попишната стока, како што рече,  е многу јасен.

„Одговорот на барањето е многу концизен. Движните ствари кои се попишани можат да се оттуѓуваат, УЈП не дава согласност за друг имот. Со согласноста е одредено средствата од продажбата да се распоредат на име на данок. Тоа е и сторено: средствата се стигнати распоредени на сметката на УЈП“, рече обвинетата додавајќи дека не се сеќава на точната сума.

Таа објасни дека УЈП сѐ уште си ги наплаќа долговите од „Машинопромет“ и дека всушност последниот долг на „Машинопромет“ е во висина од 17 милиони денари и  е направен во 2012 година по основ на ДДВ.

„За овој новонастанат долг, Одделението за присилна наплата донесе ново решение за присилна наплата и континуирано се наплаќа овој износ“, рече Пашоска додавајќи дека државата не може во никој случај да е оштетена.

Обвинeтата, која е правник по струка, наведе дека УЈП согласно законските прописи, има динамика на наплата која може да се остварува во рок од 10 години.

„Што значи дека новонастанатиот долг на „Машинопромет“ во 2012 година, УЈП законски може да го наплаќа до 2022 година“, истакна Пашоска.

Според обвинетата, „Машинопромет“ пред 2008 година спаѓал во категоријата „ризичен даночен должник“, но по оваа година, всушност по доаѓањето на новото раководство кое денеска седи на обвинителна клупа, долговите почнале навремено да се подмируваат и друштвото веќе не припаѓало на оваа категорија.

На прашањата на бранителот Драган Георгиев во однос на пописот на движните ствари од 2007 по основ на Данок на добивка, кои се предмет на обвинителниот акт, обвинетата уште еднаш прецизираше дека овој данок е исплатен, а пописот вонсила бидејќи долгот е наплатен.

На крајот од денешното рочиште, претседателот на судечкиот совет кој го води предметот, Џенета Бектовиќ, донесе одлука да им се укине мерката притвор и да им се замени со куќен притвор на обвинетите Мирослав Шиповиќ, Ванчо Димитровски, Слободанчо Георгиев, Стојанчо Костадинов и Ненад Шиповиќ со оглед дека досега не се осудувани, не се води друга постапка против нив, а воедно покажале и примерно однесување во текот на досегашната постапка.

Судскиот процес ќе продолжи на 27 мај во 9.30 часот со одбраната на осмообвинетиот Слободанчо Георгиев.

Предметот за случајот „Претседавач“ опфаќа 12 лица: поранешни членови на Управниот одбор на АД „Машинопромет“, вработени во УЈП, сопственици на приватни фирми. Сите се товарат за злоупотреба на службена должност. Според Обвинителството, обвинетите прибавиле значителна корист за друг и нанеле штета на „Машинопромет“ на начин што иако знаеле дека се водат повеќе постапки за присилна наплата на даночен долг од Друштвото, како и дека од Основен суд Скопје 2 биле донесени повеќе решенија за забрана за располагање со имотот на „Машинопромет“, го обезвредниле и оттуѓиле движниот имот во вредност од 64.281.043,00 денари. Случајот предизвика бурни реакции во јавност, како и протести на опозицискиот политички блок од причина што првообвинет е Мирослав Шиповиќ, претседавач на Советот на Општина Центар. Според нив, Шиповиќ е мета на политички прогон.

>> Повеќе за предметот прочитајте тука.

(Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)