/ Прочитано:

2.561

СУДЕЊЕ „РОВЕР“: Бошкоски бара псхијатриско вештачење на судијата Илија Трпков

Среда, 5 ноември 2014 – Наместо објективен судски процес, овде имаме халуциноген процес. Имаме халуцинации кај лицето Илија Трпков и кај т.н. членови на судски совет. Барам психијатриско вештачење на лицето Илија Трпков за да се оцени дали може да го води овој процес. Неговата необјективност е мотивирана од страв. При изрекувањето на 12 годишната затворска казна за мене, ми идеше да му помогнам лицето Илија Трпков кое се препотуваше од страв, наместо јас да бидам тој што се поти… – ова го истакна Љубе Бошкоски на денешното продолжение од повторениот судски процес „Ровер“ и побара изземање на судијата. Сепак, предлогот за изземање на судијата кон кој се приклучија и дел од останатите обвинети, како и нивните бранители беше одбиен од претседателот на Кривичниот суд, како неоснован.

„Барам изземање на лицето Илија Трпков поради необјективност во овој судски процес. Тој води монтиран политички процес, воден од лични страсти и побуди, не се води според начелото на правната наука. Тука се води пристрасен процес во кој брутално се крши  највисокиот правен акт – Уставот на РМ, а  не се почитуваат и билатералните договори, што ги има потпишано Македонија со Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина, за испорачување на нивните граѓаним во случајот првообвинетите“, рече Бошкоски.

Според него, обвинетиот Зоран Трајковски, кој се наоѓа повеќе од две години во притвор се држи во заложништво, односно станува збор за „класично киднапирање“.

„Треба да му се помогне на Трпков да се ослободи од стравот, за негово добро“, рече уште Бошкоски.

Обраќајки се кон новинарите и споредувајќи ги новинарството и судството во Македонија, уште еднаш порача дека станува збор за политички монтиран процес. 

„Исто како што написи од ова судење се пристрасни и необјективни, бидејќи така ви е наредено од  уредникот кој е исплашен, истото се случува  и со лицето Илија Трпков.  Јас искрено сочувствувам со страдањата на  Илија Трпков. И во овој случај ако не бидеш пристрасен, ќе бидеш сменет од „главниот уредник“ – една политичка фигуретка која се вика Никола Груевски““, наведе Бошкоски.

Поранешниот министер за внатрешни работи на кого му се суди за помагање на убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев, што се случи пред 12 години, продолжи со вербалните напади врз судијата по што настана и жестока кавга меѓу него и судијата Трпков, па тој, како и на минатите рочишта  беше остранет од судница. 

„Види како се нервираш, тебе не ти треба вештачење само за стравот, туку комплетно психијатриско вештачење“, му се обрати Бошкоски на судијата на излегување од судницата.

Судијата Трпков изјави дека тој го води предметот „сосема коректно“ и појасни дека тој воопшто не одлучувал за притворот, туку за тоа одлучувал Апелациониот суд, а за продолжувањето на притворот одлучувал Кривичниот совет на Основен суд Скопје 1 Скопје.

„Јавноста е сведок на кого треба да му се направи психијатриско вештачење“, рече судијата.

Инаку, денешнното судско рочиште, на кое е предвидено да се изнесат завршните зборови, стартуваше со барање на адвокатот на Зоран Трајковски, Љупчо Веселиновски, Апелациониот суд да одлучи по нивната жалба за укинување на притворот на неговиот клиент, кој беше шеф на обезбедувањето на Бошкоски, додека овој беше министер за внатрешни работи во периодот од 2001 до 2002 година. Според Одбраната, Трајковски незаконски е држен во притвор две години од покренувањето на обвинението.

„Денеска е 836 ден како сум во притвор“, рече Трајковски и исто така побара изземање на судијата, поради, како што наведе, необјективност.

Судијата Илија Трпков истакна дека веднаш штом предметот ќе му биде побаран од Апелација, тој ќе го предаде за да се одлучува во однос на притворот.

Кон барањето за изземање на судијата се приклучија и бранителите на Трајковски и Бошкоски, но истото беше одбиено од претседателот на Основен суд Скопје 1, како неосновано. Разочаран од одлуката, адвокатот Владимир Ракочевиќ побара изземање на претседателот на Судот, но судијата посочи дека ова барање не дозволиво согласно ЗКП.

По ова се пристапи кон изнесување на завршните зборови. Застапникот на обвинението, Лидија Раичевиќ-Вучковска, остана на претходно дадениот завршен збор бидејќи, како што рече, не биле изведени нови докази.

Бранителите и обвинетите завршните зборови ќе ги дадат на 10 октомври.

Предметот за случајот „Ровер“ се води против десет лица, меѓу кои поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски. Обвинетите се  товарат за двојното убиство на Марјан Тушевски и Киро Јанев што се случи во скопски Капиштец во јули 2001 година.  Во април годинава, скопска Апелација ја укина првостепената пресуда со која обвинетите беа прогласени за виновни и осудени на затворски казни кои се движат во распон од 6 години до доживотен затвор.

>> Повеќе за предметот информирајте се тука.

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk