/ Прочитано:

1.277

СУДЕЊЕ „РОВЕР“: Рочиштето одложено – на обвинет му се слоши во судница

Среда, 8 октомври 2014 – Итната медициска помош денеска интервенираше во судница за време на рочиштето во случајот „Ровер“, откако обвинетиот Ивица Ристиќ се пожали на здравствени проблеми.

Ристиќ, кој првично беше осуден на 8 години затвор за помагање убиство, во судница беше донесен од Клиниката за торакална хирургија, каде бил префрлен од затвор поради влошена здравствена состојба. Иако судијата добил лекарска белешка дека обвинетиот е во состојба да го следи рочиштето, обвинетиот се жалеше на вртоглавици, по што интервенираше екипа на Итната медицинска помош која му даде инјекција за смирување со заклучок дека тој треба да биде хоспитализиран.

Според информациите на дел од медиумите Ристиќ треба да биде опериран од жолчка, но во меѓувреме му бил откриен и сериозен здравствен проблем со срцето.

Судијата го одложи судењето за 13 октомври, за кога се одложи и сослушувањето на последниот сведок.

Предметот за случајот „Ровер“ се води против десет лица, меѓу кои поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски. Обвинетите се  товарат за двојното убиство на Марјан Тушевски и Киро Јанев што се случи во скопски Капиштец во јули 2001 година.  Во април годинава, скопска Апелација ја укина првостепената пресуда со која обвинетите беа прогласени за виновни и осудени на затворски казни кои се движат во распон од 6 години до доживотен затвор

Инаку, законскиот рок за држење во притвор на обвинетите во „Ровер“ истекува на 22 октомври, па ако дотогаш не биде донесена пресуда, обвинетите ќе треба да бидат бидат пуштени да се бранат од слобода. 

>> Повеќе за предметот информирајте се тука. Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk