/ Прочитано:

1.259

СУДЕЊЕ „ШПИОН“: Претресот денеска затворен за јавноста — се изведуваа докази прибавени со ПИМ мерки

Петок, 25 април 2014 – Судскиот процес за првата шпионска афера во Македонија денеска продолжи зад затворени врати за јавноста. Судечкиот совет донесе решение со кое се исклучува јавноста од причина што се изведуваа материјални докази обезбедени со посебни истражни мерки: вештачење на интернет комуникациите (скајп и меил) на првообвинетиот Марјан Ефремов. Доказната постапка продлжува и на следниот главен претрес закажан за 12 мај во 10:00 часoт.

За потсетување – на вчерашното рочиште сопственикот на порталот „Охрид скај“ Сашо Денесовски, во улога на сведок на Обвинителството, упати обвинувања за шпионажа, освен кон дел од обвинетите и кон познати македонски политичари и новинари. Според него, првообвинетиот Марјан Ефремов заедно со актуелен политичар, во периодот од 1997 година до 2002, кога наводно и самиот бил дел од уредништвото на „Фокус“, биле главни информатори на овој весник при што за доверливи информации наплаќале и по илјадници евра. Денесовски исто така тврдеше новинари и уредници продавале државни тајни на грчката разузнавачка служба. Одбраната во целост го спореше исказот на Денесовски, нарекувајќи го „лажго“.

>> СУДЕЊЕ „ШПИОН“: Сведокот Денесовски со тешки обвинувања кон актуелни политичари и новинари 

Предметот за случајот „Шпион“ опфаќа 19 лица. Освен за шпионажа и оддавање државна тајни, дел од обвинетите се товарат за злосторничко здружување, уцена, изнуда, измама и злоупотреба на службената положба. Обвинението опишува како првообвинетиот Марјан Ефремов заедно со уште Иџет Абди, Алексо Ангеловски и Зоран Костадиновски, обвинети кои работеле во македонските разузнавачки служби, создале група која главно се занимавала со шпионажа соработувајќи со унгарските и грчките тајни служби. Меѓу обвинетите провејуваат и имиња што и се добро познати на јавноста:  поранешниот генерал – Горан Стојков, поранешниот шеф на кабинет на собранискиот спикер – Марјан Маџовски, поранешниот директор на Управата за спречување на пари и корупција – Ване Цветанов, новинарот и сопственик на „Буревесник“ – Зоран Божиновски.

>> Повеќе за предметот прочитајте тука.