/ Прочитано:

1.793

СУДЕЊЕ „ШПИОН“: Судскиот процес пред финиш, првообвинетиот првпат ќе проговори во завршниот збор

Среда, 2 јули 2014 – Судскиот процес за првата македонска шпионска афера кој стартуваше на 27 јануари годинава  е пред самиот крај. Предвидено е Обвинителството и деветнаесетмнината обвинети, кои се товарат дека давале информации на странски разузнавачки служби завршни зборови да ги дадат на три рочишта, понувајќи од петок, 4 јули. За првпат, според најавите на неговиот адвокат, се очекува да проговори и поранешниот разузнавач, првообвинетиот Марјан Ефремов, кој на почетокот од судењето наместо да ја изнесе својата одбрана го искористи правото на молчење.

Судијата Ѓоко Ристов денеска ја затвори доказната постапка за првата шпионска афера во Македонија која резултираше со обвинителен акт против 19 лица. Освен за шпионажа и оддавање државна тајни, дел од обвинетите се товарат за злосторничко здружување, уцена, изнуда, измама и злоупотреба на службената положба. Обвинението опишува како првообвинетиот Марјан Ефремов заедно со уште Иџет Абди, Алексо Ангеловски и Зоран Костадиновски, обвинети кои работеле во македонските разузнавачки служби, создале група која главно се занимавала со шпионажа соработувајќи со унгарските и грчките тајни служби. Меѓу обвинетите провејуваат и имиња што и се добро познати на јавноста:  поранешниот генерал Горан Стојков, поранешниот шеф на кабинет на собранискиот спикер, Марјан Маџовски, ексдиректор на Управата за спречување на пари и корупција, Ване Цветанов, новинарот и сопственик на „Буревесник“, Зоран Божиновски.

Поради чувствителноста на доказите, кои се со степен на тајност голем дел од рочиштата одржани во текот на овие пет месеци беа затворени, па многу од наводните дејствија на обвинетите останаа енигма за јавноста. Голем интерес предизвикаа сведоштвата на македонските бизнисмени Минчо Јорданов, Трифун Костовски, како и неговиот син Коста, кои, како што тврдеа во судница биле мета за уцени на обвинетите. Сите тројца прстот го вперија кон обвинетиот Зоран Божиновски кој според нив, со трикови и лага преку неговиот вебпортал „Буревесник“, се обидувал да изнуди пари од нив.

„Преку Ремедика се тргувало со органи, момчето на ќерката тргувало со кокаин. Срамота! Притисокот го чувствуваше целото мое семејство…“, со овие зборови Јорданов ја објаснуваше уцената упатена до него.

Првоообвинетиот Марјан Ефремов е меѓу најнепознатите лица во јавноста, за разлика од другите инволвирани во случајот. Тој е брат на велешкиот јавен обвинител, Ивица Ефремов, кој, пак, како обвинет се јавува во случајот „Ликвидација“. Според обвинителството, тој бил вработен во Агенцијата за разузнавање, но во 2009 година откако добил отказ формирал злосторничка група во која влегле поранешни или сегашни вработени во УБК, Јавна безбедност, Агенцијата за разузнавање, воената полиција, Државниот архив…

За разлика од другите обвинети,  Ефремов на почетокот од судскиот процес го искористи правото на молчење, но според најавите на неговиот бранител Еленко Миланов, ексразузнавачот ќе ја даде својата одбрана во рамки на завршниот збор.

„Никој не може да му го ускрати правото на завршен збор и тој во завршниот збор ќе ја изнесе својата целокупна одбрана, како во однос на делот на општите правни квалификации, така и поединечно во однос на секоја точка“, појасни Миланов.

На денешното рочиште беа одбиени барањата на Миланов – да се сослушаат повеќе разузнавачи, кои им биле раководители на обвинетите, да се направи вештачење на компјутерите, мобилните и сателитските телефони, како да се направи судско-медицинско вештачење на Ефремов за периодот од јануари до април 2011, кога според одбраната тој доживеал мозочен удар.

„Доказната постапка заврши премногу брзо, премногу нагло. Имавме предлог за сослушување повеќе лица, главно раководители од агенциите за разузнавање во насока на појаснување каква е постапката и која документација мора да постои за да можеме да утврдиме дека постојат докази за кривичното дело „шпионажа“. Судот одлучи да ги одбие тие докази, како и предлозите за изведување на наредбите за прибавување на посебните истражни мерки, иако доказите прибавени врз основа на тие наредби ги прифати што сметам дека е нонсенс и груба повреда на постапката“, изјави бранителот на Ефремов.

Според  Миланов, постои можност Обвинителството во својот завршен збор да смени и дел од обвинението или можеби да го прошири. На ова, како што вели, укажува фактот што текот на постапката, јавното обвинителство повикало сведоци кои се надвор од обвинението.

Обвинетите Зоран Божиновски и  Борис Перков не беа дел од судскиот процес бидејќи за нив беше прекината постапката додека не станат достапни на органите на прогонот. Божиновски, веќе неколку месеци е во екстрадициски притвор во Нови Сад. Доказниот материјал за него е испратен, но српските власти сѐ уште не одлучиле дали ќе го испорачаат или не. Перков, пак, беше екстрадиран од Чешка пред неколку месеци, но само за делото злосторничко здружување. Моментно се чека дали Чешка дополнително ќе одобри да му се суди шпионажа.

Обвинителството завршниот збор ќе го изнесе в петок, 4 јули, во 10.00 часот. Како термини за завршни зборови, судот ги одреди и 14 и 15 јули.

(Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)