/ Прочитано:

1.144

СУДЕЊЕТО ЗА „ПУЧ“ ПОВТОРНО ОДЛОЖЕНО: Oбвинителството бара на Заев да му се одземе пасошот

Понеделник, 7 септември 2015 – Стартот на главниот претрес за „Пуч“ и денеска се одложи, откако лидерот на опозицијата и четвртообвинет во случајот, Зоран Заев, повторно не се појави во судница.

Судијката Љубинка Башевска го одложи судењето за 5 октомври, откако претходно констатираше дека Заев не се појавил во судница иако примил уредна покана.

Таа исто така го прочита предлогот на застапникот на обвинението Златко Биковски, на Заев да му се укине мерката за претпазливост според која требаше секој понеделник да се јавува во струмичкиот Суд, а да му се одреди мерка за одземање на патната исправа. По предлогот на обвинителот треба да се произнесе кривичниот совет при Основниот суд суд Скопје 1.

Заев, уште кога беше позитивно оценет обвинителниот акт, изјави дека не го признава судот и дека нема да присуствува на закажаните судски рочишта, ниту, пак, ќе ја почитува мерката, која му беше определена.

Еден од неговите бранители, адвокатот Ангеле Илиевски, денеска изјави дека во согласнoст со политичкиот договор предметот ќе го преземе специјалниот обвинител кој до 15 септември треба да биде избрaн. Според него,  мерката за одземање на пасошот е во ред, бидејќи шетањето до Струмица на обвинетиот, како што рече,  е бесцелно.

Во судскиот процес „Пуч“, покрај Заев, обвинети се и поранешниот разузнавач, Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња, општинскиот службеник од Струмица, Бранко Палифров, лидерот на СДСМ, Зоран Заев и Ѓорги Лазаревски, вработен во МВР. Тие се товарат за шпионажа и за насилство спрема претставници на највисоките државни органи.

Ексразузнавачот Верушевски минатиот месец беше осуден на тригодишна казна затвор за службениот пиштол од МВР што го пронајде полицијата во неговиот дом. Заев, пак, го очекува почетокот и на вториот судски процес против него под обвинение за поткуп од 200 илјади евра од струмички бизнисмен.

E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk