/ Прочитано:

2.153

ЗАШТИТА НА АДВОКАТУРАТА: Адвокатската тарифа не се менува на „обуки“ на судии – таа е во исклучива надлежност на УО на АКРМ

Управниот одбор на АКРМ е единствениот овластен да ја толкува Тарифата и тоа законско право го користи заради елиминирање на нападите врз адвокатурата со чии било обиди за менување на износите утврдени со Тарифата, велат од Адвокатската комора, нагласувајќи дека тоа е во исклучува надлежност на Управниот одбор. Во функција на заштита на адвокатурата, Адвокатската комора на Република Македонија се обратила и до Бирото за јавни набавки и до Државната комисија за жалби по јавни набавки и го доставила својот став, истовремено укажувајќи и на релевантната регулатива.

АКРМ: Тарифата не се менува на „обуки“ на судии

„Во функција на заштита на адвокатурата, УО најостро се спротивставува на обидите под форма на „обуки“ на судиите, од страна на проект на УСАИД, преку судии на Врховниот суд да се менува Тарифата на адвокатите која , во согласност со Законот за адвокатура, е во исклучува надлежност на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија и која се применува така како што е донесена за сите видови на давање правна помош и ниту еден закон не дава можност на кој било орган со поединечен акт да ги менува износите наведени во Тарифата доколку е преземено тарифираното дејствие “, велат од АКРМ.

Оттаму потенцираат дека Управниот одбор на АКРМ е единствениот овластен да ја толкува Тарифата и додаваат дека Управниот одбор го користи тоа законско право заради елиминирање на нападите врз адвокатурата со чии било обиди за менување на износите утврдени со Тарифата.

Адвокатите ја остваруваат својата егзистенција исклучиво од примената на Тарифата

„Адвокатите ја остваруваат својата егзистенција исклучиво од примената на Тарифата и нема да се дозволи загрозување на нивната егзистенција со навлегување во Тарифата надвор од законската регулатива, која е јасна дека е во исклучива надлежност на Управниот одбор на АКРМ“, истакнуваат од АКРМ.

Во таа насока, од АКРМ велат дека Управниот одбор на АКРМ веднаш по воочувањето на појавата на, како што подвлекуваат, драстично рушење на угледот на адвокатурата, зазел став по ова прашања.

Драстично рушење на угледот на адвокатурата

Управниот одбор на АКРМ веднаш по воочувањето на појавата на драстично рушење на угледот на адвокатурата така, што на јавни повици се аплицира со понуди од 0,00 и 0,01 денари за правни дејствија, го зазеде следниот став:

„Најнискиот износ на наградата и трошоците за дадената правна помош се износите определени во Адвокатската тарифа. Адвокатот и странката можат слободно да ги договорат наградата и трошоците, како и начинот и средствата за плаќање, но да не бидат пониски од тоа како што е предвидено со Тарифата. Плаќањето на адвокатската награда, како фиксен месечен надомест (често нарекуван како паушал), претставува склучување договор за адвокатска награда и плаќање трошоци и договор не може да се склучи во износ понизок од износите на адвокатската награда и трошоците за дадената правна помош предвидени во Тарифата. Во таа смисла, корисникот на адвокатските услуги прави предвидување на адвокатските дејствија кои се преземаат за фиксниот надомест (паушал) и не смее да склучи договор на износ понизок од наградата и надоместокот на трошоците предвидени во Тарифата за тие дејствија, затоа што таквиот договор е спротивен на Законот за адвокатура и Тарифата за награда и надоместок на трошоци. Понудите од 0,00 или 0,01 денари претставуваат нудење бесплатни адвокатски услуги кои адвокатите имаат право да ги даваат само на странка која по законот може да биде ослободена од трошоци во постапката (сиромашно право), па поради тоа склучувањето договори на такви износи, како и на кој било износ понизок од Тарифата, се спротивни на Законот за адвокатура и Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите” , велат од Адвокатската Комора.

АКРМ се обратила и до Бирото за јавни набавки

Адвокатската комора на Република Македонија се обратила и до Бирото за јавни набавки и до Државната комисија за жалби по јавни набавки и го доставила својот став, истовремено укажувајќи и на релевантната регулатива.

Ваквиот став на АКРМ е објавен на веб-страницата на Бирото за јавни набавки, со забелешка дека  е потребно договорните органи при спроведувањето на постапките за доделување на договор, освен прописите од Законот за јавните набавки, да ги почитуваат и одредбите од материјалните прописи што го уредуваат предметот на набавка.

Бришкоска – Бошковски: Нема дилеми околу Адвокатската тарифа

Во врска со Адвокатската тарифа, и заменик-министерката за правда Билјана Бришкоска – Бошковски вели дека за Министерството за правда не постојат дилеми околу Адвокатската тарифа.

„Адвокатската тарифа е неприкосновено право на адвокатите и на Адвокатската Комора на Република Македонија“, вели Бришкоска – Бошковски.

ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА ВО ИНТЕРЕС НА АДВОКАТУРАТА: Активности, предлози и констатации М.В / veljanoskim@akademik.mk 27.5.2015