/Прочитано:

2.786

Интервју со д-р Јелена Ристиќ, адвокат, професор и автор на книгата „Структура и функционирање на Европскиот суд за човековите права“

Европскиот суд за човекови права има централна улога во европскиот систем за заштита на основните права и слободи. Во оваа смисла, тој има важна улога во заштитата на основните слободи и права на граѓаните на Република Македонија, при што Европската конвенција за човекови права стана неопходен инструмент за заштита на човековите права во Република Македонија, вели во интервјуто за Академик д-р Јелена Ристиќ, адвокатка, заменик-претседател на АКРМ и професорка на Универзитетот „Американ колеџ“. Повод за разговорот со Ристиќ е објавувањето на нејзината книга „Структура и функционирање на Европскиот суд за човековите права – со посебен осврт на критериумите за допуштеност“.

Кој беше мотивот за создавање на книгата „Структура и функционирање на Европскиот суд за човековите права“?

Мојот интерес за Европската конвенција за човекови права и Европскиот суд за човекови права, кој е воспоставен со оваа конвенција како контролен механизам во насока на обезбедување заштита на слободите и правата заштитени со Конвенцијата и нејзините протоколи, потекнува уште од студентските денови. Тој интерес ми беше главен двигател да го продолжам моето понатамошно образование на постдипломски студии, а потоа и на докторски студии во областа на меѓународното право за човекови права.

Набргу по дипломирањето на Правниот факултет ми се укажа ретка можност да работам во Европскиот суд за човекови права. За мене тоа беше искуство од непроценлива важност и уникатна можност да учам за системот на Конвенцијата и конвенциското право на местото на нивниот извор. Бев фасцинирана од концептот на работа на овој меѓународен суд, кој произлегува од системот воспоставен со Европската конвенција за човекови права како уставен инструмент на европскиот јавен поредок.

Мојата работа во Судот, меѓу другото, се состоеше и во прегледување на индивидуалните жалби кои потекнуваат од правниот систем на Република Македонија, во контекст на исполнувањето на критериумите за допуштеност предвидени со Конвенцијата како услови чие исполнување е потребно за Судот да може да се впушти во мериторно одлучување. Уште тогаш забележав дека најголем дел од жалбите поднесени до Судот беа отфрлани како недопуштени поради неисполнување на некој од критериумите за допуштеност. Уште повеќе, во однос на некои жалби кои беа прогласувани за недопуштени беше очигледно дека можеби и би се констатирала определена повреда, доколку жалбата би ги исполнила критериумите за допуштеност и би стигнала до фаза на мериторно одлучување, односно доколку би имало поголемо познавање на критериумите за допуштеност од страна на подносителите на жалбите. Исто така, беше очигледно и дека постои недоволно познавање на улогата на Судот, кој не претставува Суд од четврта инстанција, односно дека тој не е следен суд во низата на национални судови и дека неговата работа, пред сè, е втемелена на принципот на супсидијарност.

Околу десет години подоцна, не би можело да се каже дека ситуацијата е  драстично променета во тој поглед. Така, според последната анализа на статистиката на Европскиот суд за човекови права за 2017 година, Судот постапил по 296 жалби во однос на Република Македонија, од кои 286 биле прогласени за недопуштени или симнати од листата на случаи на Судот. Значи, Судот мериторно одлучил со пресуда само во однос на 10 жалби. Статистиката е слична и во однос на претходните години. Имено, податоците во однос на Република Македонија покажуваат дека помалку од 5% од вкупниот број на жалби поднесени до Европскиот суд за човекови права завршуваат со пресуда.

Оваа ситуација има повеќе негативни ефекти. Прво, Судот е спречен да постапува во разумни временски рокови во однос на оние случаи кои бараат проверка на основаноста поради фактот што треба да одговори на секоја жалба. Второ, жалбите на стотици жалители неминовно се отфрлаат, честопати по неколкугодишно чекање. И конечно, сето ова носи потенцијал негативно да се одрази врз заштитата на човековите права во Република Македонија, имајќи предвид дека пресудите на Судот се коректор на проблемите во однос на почитувањето на стандардите за заштита на човековите права.

Во секој случај, анализата на статистиката на Европскиот суд за човекови права јасно покажува дека недостасува доволно знаење во однос на правилното применување на критериумите за допуштеност и судската практика на Европскиот суд за човекови права, воопшто.

Имајќи го предвид сето ова, како и фактот дека долги години во Република Македонија постои недостиг од сеопфатна, консолидирана и ажурирана литература за целокупното функционирање на Европскиот суд за човекови права достапна на македонски јазик, неминовно се наметна потребата за изготвување на една ваква публикација, која ги вклучува промените што се случија во последните неколку години во однос на системот на Конвенцијата. Имено, со цел да се разберат и правилно да се применат критериумите за допуштеност, потребно е да се има и добро познавање за целокупното функционирање на Европскиот суд за човекови права, особено во поглед на неговата надлежност и постапката пред Судот, како и во однос на опфатот, толкувањето и примената на Европската конвенција за човекови права.

Во оваа смисла, би сакала да ја изразам својата благодарност на претставниците на Фондацијата „Фридрих Еберт“ Скопје, кои ја препознаа огромната важност и потреба од една ваква публикација и ја презедоа одговорната задача да ја поддржат, да ја отпечатат и да ја промовираат во јавноста.

Колку е значајно прашањето за ЕСЧП и постапката пред овој суд за стручната јавност и за граѓаните?

Европската конвенција за човекови права, како меѓународен договор кој е ратификуван од страна на Собранието на Република Македонија и кој станал дел од правниот систем на Република Македонија, е директно применлива и има директен ефект. Директната применливост на меѓународните договори пред националните судови и предноста на меѓународните договори во случај на конфликт со одредби на законите е предвидена со членот 118 од Уставот на Република Македонија, според кој „меѓународните договори кои се ратификувани во согласност со Уставот, се дел од внатрешниот поредок и не може да се менуваат со закон.” Притоа, треба да се има предвид и членот 98 од Уставот на Република Македонија, кој предвидува дека „судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.”

Европскиот суд за човекови права има централна улога во европскиот систем за заштита на основните права и слободи. Во оваа смисла, тој има важна улога во заштитата на основните слободи и права на граѓаните на Република Македонија, при што Европската конвенција за човекови права стана неопходен инструмент за заштита на човековите права во Република Македонија. Имено, имајќи предвид дека Република Македонија е членка на Конвенцијата, секое лице во нејзина надлежност кое смета дека неговите човекови слободи и права гарантирани со Конвенцијата се повредени, има можност да поднесе индивидуална жалба до Европскиот суд за човекови права. Според тоа, правото да се поднесе индивидуална жалба до Судот со право се смета за најкарактеристичен белег и најголемо достигнување на Европскиот суд за човекови права.

Во оваа смисла, кога се разговара за важноста на Европскиот суд за човекови права и Конвенцијата во однос на правниот систем на Република Македонија, треба да се разговара, пред сè, од аспект на граѓаните. Имено, бидејќи Конвенцијата е ратификувана од страна на Република Македонија, граѓаните сега имаат можност да ги заштитат своите права во постапка пред Европскиот суд за човекови права. Колку се заинтересирани нашите граѓани за овој вид меѓународна правна заштита на нивните права најдобро се гледа од бројот на жалби поднесени до Судот. Ваквите податоци сведочат за зголемената свест за важноста на човековите права и зголемениот интерес на граѓаните за заштита на нивните права. Секако, ратификацијата на Европската конвенција е исто така многу важна и од аспект на судовите и на останатите правосудни и државни органи, кои, од моментот на нејзината ратификација, имаат можност да ги имплементираат принципите и стандардите коишто се дефинирани од страна на Европскиот суд за човекови права.

Дали вашата книга посветена на ЕСЧП ќе биде користена и за едукацијата на студентите и зошто е важно прашањето за ЕСЧП за студентското образование?

Едукацијата во однос на структурата и функционирањето на Судот, содржините на Конвенцијата и судската практика на Судот има исклучително значење за добро да се разбере конвенциското право. Во оваа насока, позитивен чекор претставува вметнувањето на определени содржини од Конвенцијата и судската практика на Судот во рамките на програмата за полагање правосуден испит, програмата за квалификациски испит за запишување на Академијата за судии и обвинители, програмата за континуирана едукација на судиите и јавните обвинители при Академијата за судии и обвинители и слично. Имено, едукацијата на судиите, адвокатите, обвинителите и останатите правни професии во оваа смисла претставува неопходен услов за зацврстување на владеењето на правото и градењето на демократско општество. Од овие причини, многу е важно во рамки на образовните програми, особено во рамки на правните факултети, да се вклучат предмети што ќе ја опфаќаат Европската конвенција за човекови права и судската практика на Европскиот суд за човекови права

Во оваа смисла, оваа книга, имајќи го предвид посебниот фокус на критериумите за допуштеност, е наменета да им биде од корист на адвокатите, со оглед на тоа што, вообичаено, тие се оние кои ги советуваат потенцијалните жалители за изгледите за успех на жалбата и ги застапуваат пред Судот. Исто така, оваа книга е наменета и за судиите, обвинителите и останатите правни професии, како и за сите оние кои на каков било начин се вклучени во активности за заштита на човековите слободи и права или, едноставно, се само љубопитни (со право) да научат нешто повеќе за заштитата на своите основни слободи и права пред Судот во Стразбур.

И секако, веројатно и најважно, оваа книга е наменета и за едукација на студентите по право. Имено, обезбедувањето на идните адвокати, судии, обвинители и останатите заштитници на слободите и правата на граѓаните со доволно знаење и сеопфатни информации за конвенциското право и функционирањето на Судот е најдобрата инвестиција во однос на обезбедување на почитувањето на човековите права и владеење на правото во Република Македонија.

Во оваа смисла, јас веќе започнав да ја користам книгата за целите на предметот Меѓународни човекови права во рамките на Факултетот за правни науки при Универзитетот „Американ колеџ“ Скопје, при што со моите студенти започнавме да работиме и на анализа на конкретен случај и подготовка на жалба до Судот во Стразбур, како и подготовка на симулирано судење пред Судот. Се надевам дека оваа книга ќе најде своја примена и во програмите на останатите правни факултети.

Зошто е важна практиката на ЕСЧП за македонскиот правен систем и за македонското правосудство?

Секоја пресуда и одлука на Судот, без оглед дали со неа се утврдува или не се утврдува повреда, праќа сигнал до засегнатата држава за постоењето на определен проблем во правниот систем или отстапување од минималните стандарди за заштита на човековите права гарантирани со Конвенцијата и нејзините протоколи. Во оваа смисла, пресудите и одлуките на Судот во однос на Република Македонија претставуваат одраз на состојбите во однос на определени сегменти од целокупното општествено живеење, вклучувајќи го судството, администрацијата, правните политики и слично. Со други зборови, тие се огледало на нивото на развој на конвенциските стандарди во Република Македонија и претставуваат важен патоказ за подобрување на правото и зајакнување на правдата во нашата држава.

Освен тоа, не треба да се заборави дека Република Македонија има статус на држава кандидат за членство во ЕУ. За да биде примена како полноправна членка во семејството на ЕУ, Република Македонија треба да исполни одредени критериуми за пристап, познати како „Копенхашки критериуми“, кои се состојат од политички критериуми, економски критериуми и критериуми во однос на административниот и институционалниот капацитет за ефективна имплементација на acquis и способноста да се преземат обврските за членство.

Според политичките критериуми, за пристап кон членството во ЕУ државите кандидати се должни да обезбедат стабилност на институциите, гарантирање на демократијата, владеењето на правото, човековите права и почитувањето и заштитата на малцинствата. Иако сите критериуми се важни, политичките критериуми претставуваат conditio sine qua non во насока на отворање на пристапните преговори.

Европската конвенција за човекови права, како дел од внатрешниот правен поредок на Република Македонија, ужива директна примена пред националните судови. Притоа, судската практика на Судот во Стразбур, настаната како резултат на толкувањето и примената на Конвенцијата од страна на Судот, претставува неопходно сознание во контекст на исполнување на обврските на една држава членка на Конвенцијата и примената на Конвенцијата. Имено, ЕКЧП не може да се сведе само на нејзиниот текст, туку текстот мора да се земе предвид заедно со неговото толкување од страна на Судот. Во оваа смисла, би било погрешно Конвенцијата да се користи само во нејзиниот текстуален контекст, како што обично се користат домашните закони, без повикување на судската практика на Судот.

Извештаите на ЕУ за напредокот на Република Македонија ја истакнаа повеќе пати употребата на судската практика на Европскиот суд за човекови права во контекст на постигнување поголема конзистентност на судската практика во Република Македонија. Во врска со ова, треба да се има предвид дека судската практика на Судот во Стразбур е призната како извор на човекови права во рамките на ЕУ и во таа смисла ја користи Судот на правдата на ЕУ како тело надлежно за спроведување на правото на ЕУ. Уште повеќе, некои од општите принципи на правото на ЕУ, кои се развиени од страна на Судот на правдата на ЕУ како дел од неговата судска практика и претставуваат извор на правото на ЕУ, се извлечени директно од одредбите на Конвенцијата. Оттука, усогласеноста со одредбите на Конвенцијата и судската практика на Судот значи и усогласеност со правото на ЕУ.

Покрај тоа, сите држави членки на ЕУ истовремено се и договорни страни на Конвенцијата, со што ја прифатиле надлежноста и судската практика на Судот, а наскоро и самата ЕУ ќе стане членка на Европската конвенција за човекови права врз основа на Протоколот 14 кон Конвенцијата и Договорот од Лисабон, со што и актите на институциите на ЕУ ќе станат предмет на надзор од страна на Судот во Стразбур.

Од сето ова јасно произлегува дека примената на Конвенцијата и судската практика на Судот е од голема важност за евроинтеграциските процеси на Република Македонија. Имено, недвосмислено може да се заклучи дека добар дел од патот на Република Македонија кон ЕУ води токму преку Судот во Стразбур.

Дали адвокатите како бранители на граѓаните мора да бидат одлично подготвени за сите аспекти на ЕСЧП?

Улогата на адвокатите во заштитата и унапредувањето на човековите права е од исклучително значење. Имено, ако судството е столбот на заштитата на човековите права и владеењето на правото, тогаш адвокатите се катализаторот којшто е потребен за да се постигне тоа. Имајќи предвид дека токму адвокатите се вообичаено оние кои ги советуваат потенцијалните жалители за изгледите за успех на жалбата и ги застапуваат пред Судот во Стразбур, многу е важно тие добро да ја познаваат надлежноста и постапката пред Судот, како и судската практика на Судот.

Кога адвокатите поднесуваат жалба до Судот во Стразбур во корист на определен жалител, нивната улога во контекст на заштитата и унапредувањето на човековите права обично е двојна. Имено, тие не само што ги бранат правата на индивидуалниот жалител, туку честопати, истовремено, се исправени и пред предизвикот и можноста преку истата постапка да коригираат определен системски недостаток и да превенираат натамошни повреди на определено право, со што придонесуваат кон зголемување на степенот на заштита на човековите права во Република Македонија. Во оваа смисла, судската практика на Судот во Стразбур веќе почна полека да продира во нашите закони, а постепено се зголемува и влијанието на судската практика на Судот врз судството на Република Македонија.

Имајќи ја предвид важноста на едукацијата на адвокатите во однос на Конвенцијата и судската практика на Судот, Адвокатската комора на Република Македонија веќе започна со организација на обуки на оваа тема. Имено, само адвокати кои се доволно стручни и информирани и кои континуирано работат на својата едукација може да бидат вистински заштитници на граѓаните и нивните слободи и права.

Промовирана публикацијата „Структура и функционирање на Европскиот суд за човекови права“

Новиот Управен одбор на Адвокатската комора на Република Македонија

М.В