/ Прочитано:

556

Пратениците ќе расправаат за еколошките налепници на возилата

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за возила, кој е во фаза на прво читање, е на дневен ред на денешната 66. собраниска седница.

Во образложението на законските измени се вели дека ќе се поедностават управните постапки и во согласност со заклучоците на Владата на Република Македонија ќе се воведе еколошка налепница и еколошка категоризација на возилата, како и ќе се уреди субвенционирањето на возилата со електричен погон и со вграден уред за погон со ТНГ.

„Министерството за економија врз основа на претходното, а и добиените мислења за Предлог законот изврши дополнување на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за возила, во насока на усогласување со одредбите со Законот за општата управна постапка и донесените заклучоци на Владата на Република Македонија во врска со заштита на животната средина  гледано од агол на штетни состојки на издувните гасови од моторите на возилата, воведување на Програми за субвенционирање на дел од трошоците за: купување на возила на електричен погон или хибридни возила, за вградување на уреди за погон на ТНГ или друг вид на алтернативно гориво и за купување на ново возило со одјавување на старото возило согласно член 41 став (1), со овој закон се воведува еколошка категоризација на возилата и во зависност од годината на производство и европските Еуро емисиони стандарди на нивните мотори се добива еколошка налепница во три бои (зелена, жолта и црвена) за секое возило кое е во сообраќај на патиштата“, се образложува во законските измени.

Со програмите за субвенционирање предвидени се финансиски средства во износ од 170.000.000 денари во 2019 година, 245.000.000 денари во 2020 година и 320.000.000 денари во 2021 година.

Претходно, законските измени беа на расправа на Комисијата за економски прашања. На расправата беше изнесено мислење дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за возила треба да се доработи за да ги даде посакуваните резултати.

„Во споредба со другите загадувачи возилата имаат најмало учество во вкупното загадување на воздухот во Република Македонија. Потребно е да се изнајде трајно решение со кое нема да има финансиско оптоварување на граѓаните и подобрување на состојбата со аерозагадувањето. Во врска со решението содржано во Предлогот на закон за воведување на еколошки налепници поврзани за еуростандардите се изнесе забелешка бидејќи еуростандардите се пропишани со услови за производителите на возила коишто стандарди треба да бидат исполнети во производството на новите возила. Тие не го опфаќаат само еколошкиот сегмент, туку повеќе елементи кои се однесуваат на системите на возилата. Република Македонија не располага со сопствена автомобилска индустрија и квалификацијата согласно со овие стандарди е нелогична и ваквиот начин на категоризација на возилата не може да се примени бидејќи не станува збор само за еколошки стандарди. Доколку на пример одредено возило дојде на технички преглед со издадена зелена налепница врз основа на еуростандардите, а емисијата на издувните гасови измерена на апаратите за техничкиот преглед е поголема ќе доведе до спротивставеност на ставовите помеѓу контролорите на техничкиот преглед и техничката служба која ја издала налепницата. Негативно беше оценета еколошката категоризација на возилата преку доделување на налепници во боја бидејќи е во спротивност со веќе утврдените параметри на возилото и ќе предизвика дополнителни трошоци за граѓаните“, беше истакнато на Комисијата.

Како што објави Академик, Министерството за економија започна со подготвката на измените на Законот за возила на почетокот на оваа година.  Потребата од воведување еколошки налепници  ја истакнаа и градските власти, кои предложија возилата при регистрација да добиваат еколошки налепници во разни бои за полесно да се исклучуваат од сообраќајот кога е загадено.

Министерството за животна средина во врска со измените на Законот за возила со кои се воведуваат еколошки налепници и субвенции

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ВОЗИЛА ВО СОБРАНИСКА ПРОЦЕДУРА: Еколошки налепници и субвенции за возила на електричен погон или хибридни возила

Се воведуваат еколошки налепници за возилата и посебни таблици за такси-возилата

М.В