/ Прочитано:

4.253

Сентенца на Врховниот суд во врска со писмена изјава на работникот за продолжување на договорот за вработување

Врховниот суд на РМ објави сентенца по правен основ работни односи, во врска со престанок на вработување. Сентенцата „Продолжување на договор за вработување по исполнување на услови за старосна пензија со изјава на работник“ во целост:

Сентенца: Писмената изјава на работникот за продолжување на договорот за вработување поднесена до работодавачот пред тековната година во која работникот исполнува услови за стекнување на старосна пензија не се смета за преуранета и работодавачот е должен врз основа на изјавата да го продолжи договорот за вработување.

Образложение

Ревизијата на тужителот во делот на одбиеното тужбено барање за поништување на решението за престанок на вработувањето и да се врати тужителот на работно место согласно неговата стручна спрема, е основана.

Основан е наводот во ревизијата за погрешна примена на материјалното право, ако се има во предвид утврдената фактичка состојба.

Имено, првостепениот суд утврдил, а второстепениот суд прифатил дека тужителот е роден на 04.06.1951 година, вработен е кај тужениот на работно место овластен градежен инспектор. На ден 08.06.2015 година од градоначалникот на тужениот донесено е решение за престанок на вработување на работник поради возраст на работникот во кое е наведено дека на тужителот му престанува вработувањето поради негова возраст заклучно со 04.06.2015 година. Тужителот до правниот сектор на тужениот, на 31.12.2014 година поднел изјава во која наведува дека сака да го продолжи работниот однос согласно член 104 од Законот за работните односи. Оваа изјава кај тужениот е заведена под бр.03-1450/1 на 31.12.2014 година. Против решението за престанок на вработувањето тужителот изјавил приговор на 13.07.2015 година, кој е одбиен како неоснован, по што ја поднел предметната тужба.

Врз основа на така утврдената фактичка состојба, првостепениот суд и второстепениот суд го одбиле како неосновано тужбеното барање на тужителот и прифаќаат дека решението за престанок на вработувањето е законито. Судовите сметаат дека тужителот можел и се стекнал со право да поднесе писмена изјава за продолжување на вработување и по исполнување на условите за старосна пензија во смисла на член 104 од Законот за работните односи, сметано од 01.01.2015 година па до денот кога навршил 64 годишна возраст 04.06.2015 година. Поради тоа прифаќаат дека поднесената изјава од тужителот до тужениот на 31.12.2014 година, е поднесена пред тужителот да се стекне со можност за поднесување на таква изјава, односно дека изјавата е преуранета во смисла од член 104 став 3 од Законот за работните односи.

Меѓутоа, по наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија судовите погрешно го примениле материјалното право и одредбата од член 104 од Законот за работните односи, кога заклучуваат дека дадената изјава од тужителот за продолжување на вработување е преуранета.

Имено, согласно член 104 став 1 од Законот за работните односи („Службен весник на РМ“ бр.62/2005…72/2015), работодавачот го прекинува договорот за вработување на работникот кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж.

Според став 2, работникот со писмена изјава до работодавачот може да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно до 65 години возраст (жена), доколку со закон поинаку не е утврдено.

Според став 3 од истиот член, писмената изјава од ставот 2 на овој член, работникот ја дава најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на договорот за вработување од ставот 1 на овој член, а за секое натамошно продолжување на договорот за вработување од ставот 2 на овој член, изјавата ја дава еднаш годишно, а најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на договорот за вработување за наредната година.

Според ставот 4 од истиот член, работодавачот е должен по дадената изјава од ставот 2 на овој член, да го продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно најмногу до 65 години возраст (жена).

Поаѓајќи од вака цитираните законски одредби, особено од ставот 3 на членот 104 од наведениот закон, произлегува дека работник писмената изјава со која бара да се продолжи договорот за вработување ја дава најдоцна до 31 август во тековната година. Со оваа законска одредба е предвиден крајниот рок за поднесување на изјава, но не се предвидени никакви последици доколку таква изјава се поднесува пред почетокот на тековната година во која работникот ги исполнува условите за старосна пензија, односно дека таква изјава е преуранета.

Од изнесеното може да се заклучи дека писмената изјава на работникот за продолжување на договорот за вработување поднесена до работодавачот пред тековната година во која работникот исполнува услови за стекнување на старосна пензија не се смета за преурането и работодавачот е должен врз основа на една таква изјава да го продолжи договорот за вработување.

Во случајот изјавата е дадена пред 31 август во тековната година 2015 година кога тужителот би навршил 64 годишна возраст. Тужителот наполнил 64 годишна возраст на 04.06.2015 година.

Со оглед да тужителот на 31.12.2014 година до тужениот поднел изјава со која бара да се продолжи договорот за вработување во смисла на член 104 став 2 и 3 од Законот за работните односи, произлегува дека тужителот навремено ја дал изјавата за продолжување на вработувањето кај тужениот, а оспореното решение со кое му престанало вработувањето на тужителот кај тужениот поради возраст, е неправилно и незаконито донесено, бидејќи тужителот имал во законски рок поднесена изјава за продолжување на вработувањето.

Од овие причини, Врховниот суд на Република Македонија побиваното решение го поништи како незаконито, а го задолжи тужениот да го врати тужителот на работа и да го распореди на работно место согласно неговата стручна спрема.

Поради наведеното, следуваше да се одлучи како во изреката на пресудата, согласно одредбите од член 387 став 1 од Законот за парничната постапка.

Одлука на Врховниот суд на Република Македонија Рев3.бр.93/2016 од 29.11.2017 година.

ВРХОВЕН СУД НА

РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Оддел за граѓански дела

Сентенца на Врховниот суд за судир на надлежност на основни судови

Сентенци на Врховниот суд во врска со парничната постапка, облигационите и работните односи  (М.В)