/ Прочитано:

2.662

Жртвите на дискриминација да се охрабрат да бараат заштита на своите права преку судски постапки

Основниот суд Скопје II, во постапка поддржана од Македонското здружение на млади правници во рамки на Проектот на УСАИД за заштита на човековите права, донесе првостепена пресуда со која се утврдува дека Општина Гази Баба, како тужен, сторила дискриминација по основ на јазик и етничка припадност во областа на работните односи. Во врска со пресудата Петро Јанура, адвокатот кој ја водеше постапката  и Александра Цветановска, проектен менаџер во Македонското здружение на млади правници, за Академик нагласуваат дека пресудата има големо значење во борбата против дискриминацијата.

Адвокатот Петро Јанура за пресудата со која се утврдува дискриминација по основ на јазик и етничка припадност во областа на работните односи

Како адвокат го застапувате тужителот во случајот за кој е донесена пресуда со која се утврдува дискриминација по основ на јазик и етничка припадност во областа на работните односи. Поконкретно, за каков случај и за каква пресуда се работи?

Основниот Суд Скопје II Скопје донесе првостепена пресуда со која се утврдува дека тужениот, Општина Гази Баба Скопје, го повредил правото на еднаков третман на тужителот, односно направена е дискриминација по основ на јазик и етничка припадност во областа на работата и работните односи. На тужителот и на уште еден негов колега, кои се државни службеници во Општина Гази Баба, во време на претходната локална власт им било укажано да не зборуваат на албански јазик бидејќи наводно, во согласност со законските прописи, односно Законот за употреба на јазик што го зборуваат 20 % од граѓаните во Република Македонија и единиците на локална самоуправа, службен јазик во Општина Гази Баба е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Таквото толкување произлегло од фактот што во Општина Гази Баба бројот на граѓаните Албанци е помал од 20 %. Тужителот поднел претставка до Комисијата за заштита од дискриминација против Општина Гази Баба, на што Општина Гази Баба преку претходниот градоначалник својот одговор на претставката го базирала на претходно опишаното укажување на примена на Законот за употреба на јазик што го зборуваат 20 % од граѓаните во Република Македонија и единиците на локална самоуправа.  Комисијата утврдила дека е извршена дискриминација по основ на јазик во областа на работата и работните односи. Комисијата утврдила дека во Општина Гази Баба службен јазик е македонскиот јазик и тој се употребува во комуникација со странки. Но, исто така, Комисијата истакнала дека мајчиниот јазик може да се употребува во неформална комуникација на секој вработен во Општината и тоа право не може да му биде забрането од никој. Со Мислењето е дадена препорака, во согласност со Законот за спречување и заштита од дискриминација, тужениот да ја отстрани повредата на правото на подносителот на претставката, во рок од 30 дена од приемот на препораката, при што за тоа треба да ја извести Комисијата за заштита од дискриминација. По добиеното Мислење, тужителот немаше добиено никаква информација дека Општината Гази Баба постапила по препораките. Следствено на таа ситуација, бев ангажиран да составам тужба и да го застапувам тужителот во судскиот спор. Според моето мислење како адвокат, постапувањето на Општина Гази Баба и таквиот начин на примена и толкување на Законот за употреба на јазик што го зборуваат 20 % од граѓаните во Република Македонија и единиците на локална самоуправа е дискриминаторски бидејќи правото на употреба на мајчиниот јазик е право кое не може да му биде забрането или попречено од никој,  особено кога станува збор за неформална комуникација помеѓу двајца вработени. По изведувањето на сите материјални и вербални докази, во контрадикторна постапка, Судот ја донесе пресудата, која јас ја ценам како исклучително правична и важна.

Зошто оваа пресудата е важна од аспект на борбата против дискриминацијата?

Сметам дека оваа судска одлука е многу важна затоа што покажува дека нашето општество станува сензибилизирано за овие прашања. Од друга страна, ваквата судска одлука ќе ги охрабри и останатите жртви на дискриминација да се обидат  да ги заштитат своите права во судски постапки. Дискриминацијата е девијантна општествена појава, која создава штетни последици за жртвата, од физичка и психофизичка природа, како: намалена животна активност, потиштеност, разочараност, чувство на несигурност, анксиозност и друго.

Како најдобро се превенираат таквите постапувања во практиката?

Првенствено ќе истакнам дека секој граѓанин треба да биде доволно сензибилизиран за дискриминацијата и да биде свесен за жртвата од оваа негативна општествена појава. Она што можам да го препорачам е хиерархиски повисоко поставените лица во одредена  организација, институција, трговско друштво и друго, кога ќе разберат дека има појава на дискриминација, да се обидат веднаш да го решат проблемот и да ги отстранат причините, на тој начин ќе се спречи настанувањето на штетните последици.

Александра Цветановска за пресудата со која се утврдува дискриминација по основ на јазик и етничка припадност во областа на работните односи

Какво е значењето на пресудата од аспект на општествените промени?

Значењето на оваа пресуда од аспект на општествените промени е мошне големо. Дискриминацијата по основ на етничка припадност и јазик е присутна и честа, но исто така морам да констатирам дека ретко се пријавува. Лицата кои се дискриминирани, за жал, не поведуваат постапки за да ги заштитат своите права. Најверојатно има многу причини за тоа. Ние сите во основа треба да осознаваме дека живееме во мултиетничко општество, а со самото тоа треба да изградиме добар соживот базиран на почитување. Наша заедничка заложба треба да биде градење општество без дискриминација и зачувување на темелните вредности од аспект на почитување на етничките заедници и на сите нивни обележја, а еден од начините како може да се воспостави тоа е токму преку судски пресуди во кои ќе се утврди дали постои или не постои дискриминација во поединечен случај.

Што е клучно за менување на свеста во врска со борбата против дискриминацијата?

Македонското здружение на млади правници својот фокус на работа во областа на заштитата од дискриминација пред донесувањето на Законот го насочи кон анализа на потребата од носење на lex specialis, Закон за спречување и заштита од дискриминација, за по донесувањето на Законот да го насочи фокусот на пристапот до правна заштита пред судовите, со водење на стратешки постапки и со едукација во оваа област. Сметаме дека со водењето на постапки се јакне јавната свест и дека едукацијата за основите на дискриминација, за нејзиното препознавање и за механизмите за заштита е клучен и основен предуслов за промена на свеста на луѓето. Споделувањето на успешни приказни е важен момент за охрабрување на лицата, но најбитно е градење на солидна правна рамка за заштита од дискриминација и ефикасно постапување на институциите.

Колкава улога имаат во тоа правната култура и судската практика?

Градењето на правната култура е и понатаму треба да биде базирано, пред сè, на принципите на еднаквост и достоинство. Почитувањето на човековите права се заснова на принципот дека сите сме еднакви и имаме исти права. Тргнувајќи од тие принципи ние мораме да ги разбереме и да ги почитуваме различностите. Судската пракса во оваа област се покажа како успешен инструмент за градење на свесноста на лицата. Судските постапки имаат големо влијание затоа што жртвите на дискриминација се чувствуваат навредени и деградирани од нееднаквиот третман и ставањето во понеповолна положба. Често луѓето и не сакаат да поведат постапка, или пак се плашат дека ќе станат жртви на виктимизација и стравуваат за својата иднина, но со следењето на примерот на успешни приказни тие се охрабруваат за заштита на своите права.

М.В