/ Прочитано:

1.673

АКРМ ЗА ЦЕЛТА НА ПРЕДЛОГ–ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТОТ: Укинување на задолжителниот нотарски акт и двојно намалување на трошоците за граѓаните

Единствената вистина е дека со новиот Закон за нотаријатот се укинуваат нотарските акти како задолжителна обврска на граѓаните двојно поскапо да ги плаќаат нотарските услуги без право на избор во повеќе правни ситуации, се вели во реакцијата на Адвокатската комора на Република Македонија во однос на „дезинформирањето на јавноста дека донесувањето на Предлог-законот за нотаријат ќе биде неповолно за граѓаните“.

slika

„Адвокатската комора на РМ реагира на однесувањето на Нотарската комора на РМ која, преку комерцијални текстови и документарни филмови со пристрасна содржина, финансирани од Нотарската комора и објавени во некои од медиумите, како и со странски лобисти, а со цел да ги зачува финансиските бенефиции кои се базираат на преземање на работата на адвокатите, ја дезинформира јавноста дека донесувањето на Предлог-законот за нотаријат ќе биде неповолно за граѓаните. Напротив, единствената вистина е дека со новиот Закон за нотаријатот се укинуваат нотарските акти како задолжителна обврска на граѓаните двојно поскапо да ги плаќаат нотарските услуги без право на избор во повеќе правни ситуации“, нагласуваат од АКРМ во денешната реакција до јавноста.

Од АКРМ истакнуваат дека новото законско решение за истовремено присуство на адвокати во постапки што се од суштинско значење за граѓаните за идентични трошоци кои се предвидуваат и кои се наплатуваат само за нотарска услуга, ќе обезбеди и зголемување на правната сигурност на странките во постапката пред нотар.

Јавноста, нагласуваат од АКРМ,  лесно може да процени  дека двојното намалување на приходите на нотарите е вистинската причина за блокада на Законот, а не интересите на граѓаните.

„Во суштината на однесувањето на  оваа мала група на луѓе – ексклузивна фиксна бројка од 180 нотари – е блокирање на Законот и одржување на нивните огромни финансиски средства“, велат од АКРМ.

„Изненадува фактот што за краток временски период од страна на пратеници на две политички партии токму на овој Предлог-закон беа поднесени 2 000 амандмани. Ова особено што 1 000 амандмани се поднесени само два дена пред распуштањето на Собранието. За споредба, Уставниот суд на БиХ неодамна ги укина нотарските акти како задолжителни, а истовремено го либерализираше нотаријатот укинувајќи ги одредбите што го ограничуваат бројот на нотарите (Во Република Македонија бројот на нотарите е ограничен)“, велат од АКРМ.

Во Хрватска, додаваат од Комората, обидот да се воведе модел на нотаријат како македонскиот, едноставно, бил одбиен без никакво сериозно разгледување.

„Во Србија, пак, адвокатите со 4,5-месечен штрајк спречија воведување на ваков лукративен и противуставен модел на нотаријат каков што 18 години, за жал, егзистира во Република Македонија и кој без оглед на добропоткрепените финансиски блокади на законски решенија еден ден ќе биде елиминиран од правниот систем на државата“, нагласуваат од АКРМ.

ДОПОЛНЕТ ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТОТ: Вградени амандмани што се однесуваат на адвокатите

АДВОКАТИТЕ И НОТАРИТЕ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕ: Јавна расправа за Законот за нотаријатот

ПРЕДЛОЖЕН Е ЗАКОНОТ ЗА НОТАРИЈАТОТ : „Присуство на адвокати при постапката за расправање на оставина, составување на нотарски и изготвување на приватни исправи“

M.В