/ Прочитано:

1.681

(ФОТО) ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА АДВОКАТУРА

Пред бројни претставници на регионалните, европските и светските адвокатски комори и сојузи, пред претставници на правосудството, државните институции, домашната адвокатура, академската заедница и публицистика, како и пред бројни почитувачи на адвокатурата и правото, Адвокатската комора на Република Македонија го одржа 60- годишното собрание во рамки на „Деновите на македонската адвокатура“, притоа одбележувајќи го својот најсветол историски настан –  70 години македонска адвокатура.

Поаѓајќи од историскиот развој на македонската адвокатура, проткаен со имињата на епопејата на македонските адвокати-револуционери чии дела се вградени во изградбата на македонската држава и адвокатура, на почетокот на настанот беше нагласено дека историјата на македонската адвокатура е заснована на исклучителниот ентузијазам и на борба за општествена правда, човекови права и слободи.

Континуитетот на македонската адвокатура низ различните времиња на своето етаблирање, како што беше нагласено, секогаш се засновал на идеите за заштита правата и слободите, вредност која и во иднина мора да претставува водилка кон која ќе се стремат заштитниците на човековите права.

На одбележувањето на 70-годишнината од македонската адвокатура, во таа насока, низ историските контексти се говореше и за актуелните предизвици на адвокатурата, какви се нејзините проблеми и што треба да се направи за да го добие вистинското и заслуженото место во општеството, сè со цел граѓаните да бидат оние на кои ќе им бидат заштитени правата, а правната сигурност преку адвокатите да биде начело и гаранција за остварувањето на правата и слободите.

Прашањето за актуелните законските решенија со кои адвокатската заедница на доследен начин добива општествен и правен третман, кој означува и нејзино доследно почитување како фела, беше централна тема за која се дискутираше на значајниот настан, на кој исто така беше потенцирано дека секое отстапување од насоките за подобрување на улогата на адвокатите значи и директна опструкција на правата на граѓаните, што е на штета на правната држава и на владеењето на правото.

Во таа насока, адвокатите ја поздравија и изјавата на заменик- министерката за правда, Билјана Бришкоска- Бошковски, која во своето обраќање, акцентирајќи го значењето на македонската адвокатура, јасно нагласи дека Министерството за правда во целост ги поддржува проектите на АКРМ, за што изрази и огромна благодарност.

„Министерството за правда во целост ги поддржува проектите што се поврзани со адвокатурата и во согласност со своите надлежности презема активности за нивна реализација“, истакна Бришкоска – Бошковски на настанот, во таа насока осврнувајќи се и на новите измени на Законот за нотаријатот во чие подготвување била вклучена и Адвокатската комора на Република Македонија. 

„Очекуваме овој закон, кој беше изготвен  во соработка со Адвокатска комора на Република Македонија, да биде донесен во следниот период“, потенцираше Бришкоска – Бошковски, додавајќи дека и Адвокатската тарифа е неприкосновено право на адвокатите и Адвокатската комора на Република Македонија.

Претседателот на АКРМ, Никола Додевски, исто така, потенцирајќи ја плодната соработка со Министерството за правда, подвлече дека  адвокатите секогаш биеле битки за својата професија, за своето место во општеството и за своето право да ги штитат правата на другите и тоа да го чинат независно и без притисок. Според Додевски, главниот непријател на адвокатурата е менталниот склоп кој ги смета адвокатите и адвокатурата за нужно зло, за противници на државата, за противници на судиите и на обвинителите.

„Сакаме и се залагаме за понатамошен развој на адвокатурата, бараме заштита на темелните права, понатаму, воведување современи постапки во сите процедури – граѓански, кривични и нивно доследно применување во практиката. Не сакаме добрите решенија да останат празно слово на хартија. Затоа ќе се залагаме да го надминеме тоа и на тој начин ќе ја добиеме битката против луѓето чиј ментален склоп е таков што ги сметаат адвокатите за непријатели и за нужно зло и ќе победиме!“, потенцираше Додевски, повикувајќи и на адвокатско единство во битката за остварување на целите на професијата.

На годишното собрание и одбележувањето на 70-годишниот јубилеј говореше и Рутвен Гемел од Сојузот на адвокатски комори и правни здруженија на Европа, кој го истакна значењето на адвокатурата на глобално и европско ниво и бенефициите од поврзувањето и соработката на адвокатите.

Во рамки на настанот, за историскиот развој на македонската адвокатура беа предочени голем број историски податоци во чија подготовка учествувал адвокатот Ставре Џиков, за кого е позитивно тоа што истражувањето на историскиот развој на адвокатурата наидува на позитивен одек кај македонските адвокати и кај младите проучувачи на правната историја.

Покрај церемонијалниот дел, на 60-годишното собрание имаше и работен дел на кој се разгледаа актуелните прашања и состојби во македонската адвокатура, со посебен акцент на Извештајот на Управниот одбор на Адвокатската комора, во кој се елаборираат сите активности, предлози и констатации во функција на подобрување на третманот на адвокатурата и зголемувањето на обемот на работа.

ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА ВО ИНТЕРЕС НА АДВОКАТУРАТА: Активности, предлози и констатации

ЗАШТИТА НА АДВОКАТУРАТА: Адвокатската тарифа не се менува на „обуки“ на судии – таа е во исклучива надлежност на УО на АКРМ

М.В / veljanoskim@akademik.mk