/ Прочитано:

826

ПАНЧЕВСКИ: Битката на претседателите на судовите е за просперитет на судството и за ништо друго

Петок, 17 октомври 2014 – Битката на претседателите на судовите е за просперитет и успех на самото судство и за ништо друго, вака претседателот на скопскиот Кривичен суд Владимир Панчевски ги коментира написите за наводна битка помеѓу него и претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова поврзани за истрагата „Јустиција“.

„Очигледно се работи за нечие непознавање на новата кривична постапка. Се работи за бледо толкување на целата ситуација што секако е во фаза на истрага и во целосна надлежност на Јавното обвинителство и воедно се зборува без конкретно повикување на законски одредби. Не се работи за никаква наводна битка и нејасно ми е во чии глави се размислува за таква битка, битката на претседателите на судовите е за просперитет и успех на самото судство и за ништо друго. Впрочем ние сме само персонални решенија со одреден мандат секој избран врз основа на одредена програма која што ја реализира во самиот суд во кој постапува и за кој е надлежен. Затоа и не може да се замисли за каква битка станува збор“, тврди Панчевски.

Во минатонеделната акција на МВР под работен наслов „Јустиција“ беа приведени 14 судии и 11 соработници од Одделот за прекршоци поради сомнение дека застариле 8.000 предмети, а со тоа го оштетиле државниот буџет за 1 милион и 300 илјади евра.  Во меѓувреме, Судскиот совет на РМ едногласно донесе одлука за суспензија на судиите до правосилно окончување на постапката.