/ Прочитано:

5.977

Постапка за добивање на овластување „регистрационен агент“ – адвокат поединец и адвокатско друштво

Понеделник, 5 октомври 2015 – Со измените на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица проширен е опфатот на категоријата „регистрационен агент“, со воведување на адвокатите како овластени подносители на електронска пријава на упис на основање, промени и бришења.

Централниот регистар за законските новини и постапка

„Со најновите измени на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица  е воведена нова категорија на подносител на пријави „регистрационен агент“ во Единствениот Трговски регистар преку Системот за е-регистрација. Со измените на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица проширен е опфатот на категоријата  „регистрационен агент“, со воведување на адвокатите како овластени подносители на електронска пријава на упис на основање, промени и бришења“, велат од Централниот регистар на Република Македонија.

Воведувањето на адвокатите како регистрациони агенти, како што посочуваат од АКРМ, ќе значи основање на сите видови друштва, но и сите промени во трговскиот регистар ќе бидат вршени од адвокати со надомест согласно адвокатската тарифа.

Барање за добивање на овластување

Во таа насока, од Централниот регистар истакнуваат дека овластувањето „Регистрационен агент“ ќе се добива врз основа на поднесено барање за добивање на овластување и прилози согласно Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица.

Барањето може да се преземе (овде).

Прилози кон барањето:

  1. Доказ за вработено лице (М1/М2 образец), истото да поседува лиценца за вршење на адвокатска дејност,
  2. Фотокопија од лиценцата за вршење на адвокатска дејност,
  3. Изјава за заштита на личните податоци, потпишана од лицето наведено во точка 1   Изјавата може да се преземе (овде),
  4. Потпишан договор за користење на Системот за е-регистрација и истиот се доставува во два примероци. Договорот може да се преземе (овде) 

Адвокатите за сите форми на трговски друштва

Од Адвокатската комора на РМ велат дека пријавата за упис на трговец поединец и трговско друштво ќе се одвива исклучиво по електронски пат преку Системот за е-регистрација. Пријавата за упис ќе се поднесува во хартиена форма само ако уписот се врши врз основа на правосилна судска одлука или одлука на орган на државна управа. Уписот на основање на трговецот поединец и трговските друштва преку Системот за е-регистрација ќе се врши без надоместок и награда. Регистрациониот агент адвокат поединец или адвокатско друштво вршат електронско поднесување на пријава за упис на трговец поединец, пријава за упис на основање, промена и бришење на сите форми на трговски друштва определени со Законот за трговските друштва во единствениот трговски регистар“, посочуваат од АКРМ.

Започнаа обуките за регистрациони агенти наменети за адвокати и адвокатски друштва

Од денеска започнаа и обуките за регистрациони агенти наменети за адвокати и адвокатски друштва, согласно измените и дополнувањата за Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица. На обуките првенствено се разгледаа прашањата за примената на софтверското решение пеку системот за е-регистрација и постапката по пријавата за упис на основање, промена и бришење на сите форми на трговски друштва. Беше посочено дека едукативниот дел во оваа насока ќе продолжи бидејќи, како што беше потенцирано, тоа е неопходен услов за добивање на овластување за регистрационен агент од Централниот Регистар на Република Македонија како надлежна институција.

Законот за изменување и дополнувањање на Законот за едношалтерскиот систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, кој се однесува на законските новини за адвокатите, ќе започне да се применува од 1 ноември 2015 година. Од Централниот регистар на Република Македонија нагласуваат дека почнувајќи со овој датум адвокатите и адвокатските друштва ќе можат да ги применуваат своите нови законски овластувања.

Адвокатската комора за законските новини за адвокатите и адвокатските друштва како регистрациони агенти

Адвокатите ќе бидат овластени подносители на електронска пријава за основање, промени и бришење на трговските субјекти

ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА ВО ИНТЕРЕС НА АДВОКАТУРАТА: Активности, предлози и констатации М.В / veljanoskim@akademik.mk