/ Прочитано:

1.592

СУДЕЊЕ „ПРЕТСЕДАВАЧ“: Исказ дадоа првите сведоци на Обвинителството, доказната постапка продолжува по завршувањето на судската ферија

Вторник, 24 јуни 2014 – По речиси четири месеци од стартот на судскиот процес „Претседавач“, денеска беа испитани првите двајца сведоци на Обвинителството. Се работи за возачи, вработени во претпријатие за транспорт, кои ја транспортирале стоката што е предмет на обвинението, од Скопје до Штип.

Судскиот процес продолжи со доказна постапка во рамки на која беа испитани двајца сведоци кои во улога на возачи во транспортно претпријатие ја пренеле стоката што е предмет на обвинението од АД „Машинопромет“ Скопје до магацини во Штип кои ги користеле фирмите, купци на стоката,  „Би Метали“ и „Ин-Ком“.

Првиот сведок истакна дека единствено од дванаесетмината обвинети ги познава неговите сограѓани од Штип, односно управителите на фирмите „Би Метали“ и „Ин-Ком“.

Раскажа дека во месец април 2011 година бил повикан од обвинетиот Слободанчо Георгиев, управител на „Ин-Ком“, кој побарал од него да пренесе стока од „Машинопромет“ Скопје до неговите магацини во Штип. Наведе дека само еднаш превезувал стока од „Машинопромет“ и истата била со вкупна колична од околу 1200 килограми. Како што рече, за транспортот потпишал некаков документ, но не беше сигурен дали се работи за испратница.

Многу сличен беше исказот и на вториот сведок, кој посочи дека од обвинетиот Георгиев бил ангажиран за транспорт на старо железо од „Машинопромет“ до магацините на „Ин-Ком“ и „Би Метали“. Претходно, обвинетиот Стојанчо Костадинов, сопственик на „Би Метали“ Штип раскажа дека тој го купил старото железо од „Машинопромет“, но поради финансиски проблеми го замолил Георгиев да му помогне околу транспортот и складирањето на истото.

Сведокот посочи дека за преносот на стоката како и секогаш имал уредна документација, меѓу кои и  испратница, но не е сигурен дали тој лично се потпишал на истата, бидејќи, како што истакна, се работи за нешто што се се случувало пред неколку години, а тој секојдневно врши транспорт.

Судскиот процес ќе продолжи со доказна постапка по завршувањето на судската ферија, односно термини за глaвен претрес се закажани за: 19, 20 и 26 август во 9.30.  Се очекува да бидат сослушани уште петмина сведоци на Обвинителството, сите како претставници на Управата за јавни приходи на РМ (УЈП)

На минатото рочиште  сите обвинeти беа пуштени да се бранат од слобода.

Предметот за случајот „Претседавач“ опфаќа 12 лица: поранешни членови на Управниот одбор на АД „Машинопромет“, вработени во УЈП, сопственици на приватни фирми. Сите се товарат за злоупотреба на службена должност. Според Обвинителството, обвинетите прибавиле значителна корист за друг и нанеле штета на „Машинопромет“ на начин што иако знаеле дека се водат повеќе постапки за присилна наплата на даночен долг од Друштвото, како и дека од Основен суд Скопје 2 биле донесени повеќе решенија за забрана за располагање со имотот на „Машинопромет“, го обезвредниле и оттуѓиле движниот имот во вредност од 64.281.043,00 денари. Случајот предизвика бурни реакции во јавност, како и протести на опозицискиот политички блок од причина што првообвинет е Мирослав Шиповиќ, претседавач на Советот на Општина Центар. Според нив, Шиповиќ е мета на политички прогон.

>> Повеќе за предметот прочитајте тука.

(Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)