/ Прочитано:

16.612

СУДЕЊЕ „ПРЕТСЕДАВАЧ“: „Доведен сум во ситуација да се бранам и правдам за нешто што не сум го сторил“, тврди обвинетиот Клинчаров

Вторник, 17 јуни 2014 – „Со актот сум обвинет дека не сум спроведувал мерки и дејствија за присилна наплата во периодот од 2008 до 2012 година. Тоа е ноторна лага, невистина и измислица!“, истакна последнообвинетиот Миле Клинчаров, даночен извршител во УЈП, на денешното продолжение од судскиот процес „Претседавач“. Сите обвинети од денеска ќе се бранат од слобода откако судскиот совет по предлог на одбраната одлучи да им ја укине мерката куќен притвор.

 „Без вина – виновен и обвинет, жртва сум на сплет на околности и доведен во ситуација да се бранам и правдам за нешто што не сум го сторил. Ниту сум злоупотребил, ниту сум згрешил, ниту сум прекршил нешто. И по 8 месеци притвор не знам каде и во што имам згрешено“, рече на денешното рочиште дванаесетообвинетиот Миле Клинчаров.

Клинчаров како даночен извршител во Регионалната дирекција Скопје при УЈП, како и Елена Јанева-Димова и Сузана Пашовска исто така вработени во УЈП и обвинети кои веќе ја дадоа својата одбрана, според Обвинителството: „иако знаеле дека се водат постапки за присилна наплата на даночен долг на АД „Машинопромет“ во периодот од 2008 до 2012 година, наместо согласно Законот за даночна постапка да ги спроведат постапките за присилна наплата за даночен долг, дозволиле трговската стока за продажба која се наоѓала на залиха во АД „Машинопромет“ да биде отпишана и отуѓена со продажба како старо железо од страна на одговорните лица во Друштвото, со што на име на даночен долг нанеле шета во износ од 17.000.0003,00 денари, а за АД „Машинопромет“ прибавиле имотна корист во износ од 64.281.043,00 денари“.

Според Клинчаров, наводитe во обвинителниот акт претставуваат невистини и измислици. Тој подробно ги објасни дејствијата кои се преземени од негова страна.

„Во обвинителниот акт има обвиненија кои во целост ги одбивам, енергично ги негирам, и отфрлам со индигнација за изнесените невистини за мене. Со актот сум обвинет дека не сум спроведувал мерки и дејствија за присилна наплата во периодот од 2008 до 2012 година. Тоа е ноторна лага, невистина и измислица! Тоа така кажано го сметам како набедување, подметнување и тенденциозно намерно извртување на реалната вистина, а реалната вистина е дијаметрално спротивна. Нема дејствие што не е преземено и применето од Законот за присилна наплата: се блокира сметката на АД Машинопромет; се прави попис на робата на лагер во „Машинопромет“ како гаранција за предметот од 800 илјади денари со правење записник и проценка; од страна на Службата се донесуваат решенија за фирмите кои што должат на „Машинопромет“, киријата за закуп да ја уплаќаат директно на посебна сметка на УЈП; се продаваат два попишани зпаленети проценети локали и еден магацин…“, наведе обвинетиот.

Тој додаде дека износот од 17 милиони денари наведен во обвинителниот акт е од решение за присилна наплата од 2012, а решенијата од 2008 и 2010 година, како што рече, се наплатени адакта.

„Истовремено се донесуваат и решенија за наплата на долг од даночен должник, односно фирмите коишто должат на „Машинопромет“, киријата за закуп да ја плаќаат на посебна сметка на УЈП. Само врз основа на ова во три месеци од 2012 година и заклучно со 2013 до сега се наплатени присилно преку 6 милиони денари или вкупно со старите наплатени долгови – 23 милиони денари“, објасни Клинчаров.

Според обвинетиот, неговите наводи го дематираат обвинението во целост.

„Од една заглавена, една блокирана, од една задолжена фирма, фирма со разно разни дубиози, Управата, Службата и јас сме наплатиле 23 милиони денари. Ова е демант на обвинението дека не се работело, не се постапувало и не се применувале дејствијата за присилна наплата“, истакна Клинчаров.

Дванаесетообвинетиот Клинчаров ги потврди наводите на другите обвинети дека стоката која е предмет на обвинението, а која тој попишал за предметот од 880 илјади денри, предмет кој според него се наплатил со друго економски издржано дејствие,  била застарена и неконкуретна на пазарот.

„Дека робата на лагер е неконкуретна и не може да се продаде, а ќе се направат трошоци на старт за нејзино одземање, утовар, растовар, превоз, ускладиштување, иде и фактот дека бев на два огласи во „Машинопромет“ на кои немаше ниту еден заитересиран купец“, нагласи Клинчаров.

Во однос на наводите дека дозволил стоката да се отпише и отуѓи, обвинетиот посочи дека тој, како даночен извршител, нема ингеренции да дава такви одобренија и дозволи. Тој исто така потенцираше дека сите предмети за присилна наплата секоја година поминуваат на надворешна и внатрешна контрола на при УЈП и за истите немало забелешки.

„За цело време додека е работено со предметите за присилна наплата немало договарања, заговарања и преговарање и е работено строго согласно законските прописи“, подвлече последнообвинетиот Миле Клинчаров.

Обвинетите од денеска ќе се бранат од слобода

На крајот од денешното рочиште, по предлог на одбраната, Судот им го укина куќниот притвор на обвинетите образложувајќи дека не постои опасност од нивно бегство.

„Причините поради кои се укинува мерката куќен притвор против обвинетите се: Досега обвинетите во целост се придржуваа кон определената мерка притвор, нивното редовно јавување на сите досегашни закажани главни претреси, нивното коректно однесување пред судот без да се нарушува работата на судот и нивниот интерес што побрзо да се заврши постапката, околноста што обвинетите веќе ја дадоа својата одбрана и околноста поврзана со нивните работни обврски како и поради здравствената состојба. Горенаведените причини укажуваат дека повеќе не постои опасност од бегство на обвинетите против кои беше определена мерката куќен притвор“, образложи судијката која го води предметот, Џенета Бектовиќ.

Одбраната: Сите точки во помпезно најавуваното обвинение се сериозно се разнишани

Одбраната е убедена дека Јавното обвинителство ќе има проблем да го докаже обвинителниот акт.

„Миле Kлинчаров како даночен извршител нема можност ниту ингеренции да донесува решенија туку само да го спроведува она што ќе го добие како решение и во таа насока сите дејствија за спроведување се преземени и направени со што мислам дека во тој дел апсолутно се побиени сите тези на поднесениот обвинителниот акт“, изјави Еленко Миланов, бранител на Клинчаров.

„Со распитот на сите обвинети сериозно се разнишани сите точки на обвинителниот акт. Сметам дека на сите што го следат ова судење им е јасно нема дека нема ништо од тоа големо обвинение помпезно најавено и уште попомпезно  реализирано. Од исказот на сите обвинети и доказите кои во мал дел се споменаа во текот на оваа потстапка произлезе дека Ј.О ќе има проблеми да го докаже ова обвнинение“, изјави Стерјо Зиков, бранител на Мирослав Шиповиќ, како и на уште четворица обвинети

Судскиот процес ќе продолжи на 24 јуни во 10 часот со распит на Клинчаров, а предвидено е и да се сослушаат двајца сведоци на Обвинителството. 

Предметот за случајот „Претседавач“ опфаќа 12 лица: поранешни членови на Управниот одбор на АД „Машинопромет“, вработени во УЈП, сопственици на приватни фирми. Сите се товарат за злоупотреба на службена должност. Според Обвинителството, обвинетите прибавиле значителна корист за друг и нанеле штета на „Машинопромет“ на начин што иако знаеле дека се водат повеќе постапки за присилна наплата на даночен долг од Друштвото, како и дека од Основен суд Скопје 2 биле донесени повеќе решенија за забрана за располагање со имотот на „Машинопромет“, го обезвредниле и оттуѓиле движниот имот во вредност од 64.281.043,00 денари. Случајот предизвика бурни реакции во јавност, како и протести на опозицискиот политички блок од причина што првообвинет е Мирослав Шиповиќ, претседавач на Советот на Општина Центар. Според нив, Шиповиќ е мета на политички прогон.

>> Повеќе за предметот прочитајте тука.

(Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)