/ Прочитано:

1.944

СУДЕЊЕ „ШПИОН“: Обвинителството ги даде завршните зборови, Ване Цветанов ослободен од обвинението за шпионажа

Петок, 4 јули 2014 – Обвинителството на денешното рочиште, пред да го изнесе завршниот збор во судењето за првата македонска шпионска афера, го повлече кривичното дело „Шпионажа“ за ексдиректор на Управата за спречување на пари и корупција, Ване Цветанов. Сепак, нему и понатаму на товар му остануваат делата „Злосторничко здружување“ и „Злоупотреба на државна службена или воена тајна“. Сите деветнаесетмнината обвинети, кои се товарат дека давале информации на странски разузнавачки служби, како и дека уценувале македонски бизнисмени, да се прогласат за виновни побара во завршниот збор, застапникот на обвинението Лиле Стефанова.

Обвинителката Лиле Стефанова на  денешното рочиште  изврши прецизирање на обвинителниот акт со кое го повлече обвинението за шпионажа против ексдиректорот на Управата за спречување на пари и корупција, Ване Цветанов, но тој сé уште се товари за злосторничко здружување и издавање на државна службена или воена тајна. Обвинителството исто така изврши измена на правната квалификација за поранешниот генерал Горан Стојков, како и за поранешниот разузнавач Александар Диневски.

Стефанова потоа даде краток осврт на завршниот збор, кој како што рече содржи анализа на докази презентирана на 150 страници. Обвинителката се осврна на секој обвинет посебно нагласувајќи дека во текот на постапката преку бројните материјални докази  јасно се докажало дека на едната страна се обвинетите, а на другата страна се странските служби на кои биле испраќани информациите.

Според Обвинителството, првообвинетиот Марјан Ефремов, кој својата одбрана се очекува да ја даде во рамки на завршниот збор, откако во во 2009 година добил отказ Агенцијата за разузнавање формирал злосторничка група во која влегле дел од останатите обвинети и за потребите на странски разузнавачки служби прибирале тајни податоци и докази што му ги предавале на Ефремов кој, пак, преку специјални сателитски системи и техники, како и лично ги доставувал до лица кои работеле за овие разузнавачки служби.

„Марјан Ефремов ниту во истрага, ниту на главен претрес не ја даде својата одбрана иаку изврши увид во доказите. Имајќи ги предвид сите изведени докази цениме дека каква и да е одбраната во завршен збор истата нема да ја намали кривичната одговорност на обвинетиот“, истакна обвинителката и додаде дека се бројни документите кои ги создал Ефремов, а кои се најдени при претресот.

Во однос на другите обвинети Стефанова потенцираше дека нивните искази во кои негираат кривична одговорност се во спротивност со материјалните докази. Иако, како што наведе, обвинетите Иџет Абди, Алексо Ангеловски, Зоран Костадиновски, Мирослав Зафировски, Благоја Цветановски тврдат дека никогаш на Ефремов не му предале никакви документи, фотографии, како и дека информациите најдени во неговиот комјутер тој ги измислил, дел од овие документи се најдени и кај нив, а и овие тврдења се во спротивност и со ПИМ мерките, но и со снимките кои ги направил првообвинетиот. 

Обвинителката меѓу другото посочо дека во компјутерот на поранешниот контраразузнавач Александар Диневски била пронајдена електронска порака испратена до новинарот Зоран Божиновски, кој е исто така обвинет, во која Диневски јасно кажува дека заедно со Стојков и Ефремов се договориле за создавање паралелна разузнавачка служба. Исто така, бил пронајден и документ, кој бил испратен до лице означено со шифра, а во кој тој објаснува дека за потребите на странските разузнавачки служби ја шпионирале Македонија.

Обвинителството побара Судот да не им поклони верба и на обвинетите кои се дел од групата која според обвинението вршела други кривични дела.

„Барам од Судот сите обвинети, секој за што е обвинет, да ги осуди согласно законот“, подвлече застапникот на обвинителниот акт Лиле Стефанова.

Предвидено е одбраната завршните зборови да ги даде на 8, 14 и 15 јули.

Судскиот процес за првата афера за шпионажа во Македонија започна на 27-ми јануари. Деветнаестмината обвинети беа уапсени во септември, минатата 2013 година. Дел од обвинетите не се гонат за шпионажа, но  се товарат дека сториле други дела: злосторничко здружување, уцена, изнуда, измама и злоупотреба на службената положба.

Меѓу обвинетите се и новинарот Зоран Божиновски и  лицето Борис Перков, но тие не  беа дел од судскиот процес бидејќи за нив беше прекината постапката додека не станат достапни на органите на прогонот. Божиновски, веќе неколку месеци е во екстрадициски притвор во Нови Сад. Доказниот материјал за него е испратен, но српските власти сѐ уште не одлучиле дали ќе го испорачаат или не. Перков, пак, беше екстрадиран од Чешка пред неколку месеци, но само за делото злосторничко здружување. Моментно се чека дали Чешка дополнително ќе одобри да му се суди шпионажа.

(E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)