/ Прочитано:

1.729

СУДЕЊЕ „ШПИОН“ – ЗАВРШНИ ЗБОРОВИ НА ОДБРАНАТА: Обвинетите не издавале државни тајни, тврдат адвокатите

Понеделник, 14 јули 2014 –  Обвинетите не собирале и не доставувале до странски разузнавачки разузнавачки служби информации за радикален исламизам, за изборите и политичките случувања во земјава и за поставеноста на безбедносните служби. Обвинението се заснова на паушални и неточни претпоставки и Судот треба да донесе ослободителна пресуда. Ова во завршните зборпви го истакнаа бранителите на дел од обвинетите во „Шпион“.

Судскиот процес за првата шпионска афера во Македонија денеска продолжи со изнесување на завршните зборови на одбраната. Според бранителот  на поранешниот разузнавач, второобвинетиот Иџет Абди, во текот на постапката не се докажало дека неговиот клиент ги сторил кривичните дела злосторничко здружување и шпионажа.

„Јавното обвинителство го претставува второобвинетиот како организатор, а не предложи ниту еден материјален доказ од кој може да се утврди дека бил организатор. План не видовме, обвинителството не наведе какви дејствија тој преземал, ниту какви материјали прибирал“, рече бранителот.

Според одбраната, на обвинетиот на товар му се ставаат товар  „голи наводи“ дека за одреден паричен надомест му предавал класифицирани документи на првообвинетиот Марјан Ефремов, кој, пак, ги предавал на странски разузнавачки служби.

„Му се става на товар дека ја анализирал работата на ИВЗ и дејствијата на вахабистите во Република Македонија и надвор. Не е јасно со што Обвинителството ги докажа овие дејствија бидејќи не е посочен ниту еден доказ“, нагласи бранителот кој побара ослободителна пресуда за Абди, поранешен вработен во Агенцијата за разузнавање.

Сашо Јанев, адвокат на третообвинетиот Алексо Ангеловски, исто така ја спореше аргументацијата на Обвинителството во однос на наводите во обвинението дека ексразузнавачот Ангеловски заедно со Ефремов, Абди и обвинетите Алексо Ангеловски и Зоран Костадиновски создал група која главно се занимавала со шпионажа соработувајќи со унгарските и грчките тајни служби.

Според Јанев, во обвинението не се дава одговор на прашањата кој, зошто, каде и за која цел вршел шпионажа. Во однос на делото злосторничко зружување, бранителот посочи дека не постои умисла ка Ангеловски, како и тоа дека отсуствуваат елементи кои укажуваат на организирана структура.

Бранителот потенцираше дека името Алексо Ангеловски билo всушност злоупотребенo од страна на првообвинетиот Марјан Ефремов.

„Алексо Ангеловски да се ослободи од обвинение бидејќи не се докажа дека е сторител на било какво кривично дело“, подвлече адвокатот Сашо Јанев.

„Каков е тој организатор на злосторничка група што не ги познава другите припадници“, запраша во завршниот збор Стерјо Зиков, адвокат на четвртообвинетиот Зоран Костадиновски, поранешен вработен во Управата за безбедност и контраразузнавање.

Според Зиков од доказите прибавени со посебни истражни мерки не се докажало дека Костадиновски е дел од злосторничка група, ниту, пак дека сторил кривично дело шпионажа.

Бранителот нагласи дека во обвинението се наведува дека Костадиновски на Ефремов му предал класифицирани документи и тоа: билтен на УБК; податоци за состав на Турската и Руската амбасада во Македонија; податоци за претседателски избори во Македонија; податоци за активности на УБК; податоци за лица кои финансирале тероризам; податоци за вахабисти; информации за извесен Екрем Авди; податоци за припадници на ЦИА кои престојувале во Скопје итн.

За Зиков е нејасно како можел Костадиновски на Ефремов да му дава главно податоци за исламски радикализам кога тој, како што рече, воопшто немал пристап до тие документи.

„Се наведува лицето Екрем Авди, па за ова лице има колку сакате податоци на интернет. Ако некој малку се разбира, може да отвори компјутер и да најде многу податоци. Затоа и ние малку „шпиониравме“ и овие податоци му ги предадовме на Судот“, истакна бранителот додавајќи дека и другите информации за одредени личности, организации и настани наведени во обвинението можат да се најдат на Интернет, како и тоа дека најголемиот дел биле презентирани во јавноста преку различни емисии и написи во медиумите.

„Сметам дека нема ниту еден доказ со кој се докажува обвинението. Оваа постапка, меѓу другото,  не’ чинеше и здравје. Судот треба да донесе ослободителна пресуда“, заклучи адвокатот Стерјо Зиков.

Бранителот на Мирослав Зафировски наведе дека петтообвинетиот, како поранешен вработен во Службата за воена безбедност и разузнавање на Министерството за одбрана, немал пристап до многу од документите за кои во обвинението се наведува дека му ги предал на првообвинетиот Ефремов.

Во однос на наводите дека собирал податоци за началникот на Генералштабот на АРМ,  генерал-потполковникот Горанчо Котевски и истите му ги предавал Ефремов, бранителот рече дека ова можело да се протолкува „како еден вид озборување“.

Одбраната меѓу другото, посочи дека петтообвинетиот никаде го нема во ПИМ мерките и дека за него треба да се донесе ослободителна пресуда.

Последен денеска завршен збор даде бранителот на седмообвинетиот  Благоја Цветановски, поранешен оперативец во Министерството за одбрана.

Според одбраната, обвинението се заснова на паушални и неточни претспоставки. Бранителот тврди дека не се докажало дека Цветановски остварувал средби со припадник на српската разузнавачка служба, како и тоа дека дека не се точни наводите на Обвинителството дека седмообвинетиот му предавал на првообвинетиот класифицирани документи.

„Ворд документите за кои Обвинителството смета дека седмообвинетиот му ги предал првообвинетиот немаат никаков степен на класификација и содржат приказни познати само на оној кој ги составувал“, истакна бранителот.

Во однос на делото злосторничко здружување, бранителот рече дека  Цветановски се познава само со Ефремов, како и тоа дека за вакво дело треба да постои умисла и дека оттука нема докази дека тој е припадник на ваква група.

Бранителот на крајот од завршниот збор истакна дека Судот треба да ги земе предвид и околностите дека Цветановски е семеен човек без „дамка“ во кариерата, кој, како што рече, секогаш работел во интерес на државата.

Предвидено е одбраната да продолжи со изнесување на завршните зборови на 18, 20, 22 и 27 август во 9.30 часот. 

Минатиот пат,  завршни зборови даде Еленко Миланов, бранител на првообвинетиот Марјан Ефремов, кој според  обвинението е „мозокот“ на наводната злосторничка група. Според Миланов обвинителниот акт е контрадикторен и Обвинителството не успеало да докаже вина кај Ефремов.

Обвинителството , пак, во своите завршни зборови истакна дека се докажало дека обвинетите се сторители на кривичните дела за кои се товарат и  побара сите деветнаесетмнина обвинети да се прогласат за виновни.

Судскиот процес за првата македонска шпионска афера започна на 27-ми јануари. Освен за шпионажа и оддавање државна тајни, дел од обвинетите се товарат за злосторничко здружување, уцена, изнуда, измама и злоупотреба на службената положба.

Меѓу обвинетите се и новинарот Зоран Божиновски и Борис Перков, но тие не  беа дел од судскиот процес бидејќи за нив беше прекината постапката додека не станат достапни на органите на прогонот. Божиновски, веќе неколку месеци е во екстрадициски притвор во Нови Сад. Доказниот материјал за него е испратен, но српските власти сѐ уште не одлучиле дали ќе го испорачаат или не. Перков, пак, беше екстрадиран од Чешка пред неколку месеци, но само за делото злосторничко здружување. Моментно се чека дали Чешка дополнително ќе одобри да му се суди шпионажа.

(E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)