/ Прочитано:

1.171

Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за административни службеници во врска со веродостојноста на доказите при вработување

Уставниот суд на Република Македонија поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 42, став 4 и 5 и на членот 91 став 3 од Законот за административни службеници.

akademik foto 1

Оспорените одредби, за кои поведе постапка Уставниот суд, се однесуваат на проверката на веродостојност на докази и интервју и одлуката на Владата за утврдување на додатокот на плата на административниот службеник.

Во ставовите 4 и 5 од оспорениот член 42 се предвидува дека доколку надлежните органи утврдат вина на кандидатот за доставување на лажни докази, се должни во рок од 30 дена да ја известат Агенцијата за администрација, при што кандидатот се евидентира во Агенцијата и не може да се вработи како административен службеник во период од десет години од денот на неговото евидентирање во Агенцијата.

Во ставот 5 од истиот член се пропишува дека доколку надлежните органи не утврдат вина на кандидатот за доставување на лажни докази, се должни во рок од 30 дена да ја известат Агенцијата за администрација, при што кандидатот се брише од евиденцијата на Агенцијата и има право да се пријави на следните јавни огласи.

Во членот 91, пак, се пропишува дека административниот службеник има право на додаток на плата заради прилагодување кон пазарот на трудот, за што Министерството, во соработка со Министерството за финансии и Министерството за труд и социјална политика, може да побара од Владата да одобри додаток на плата.

Во оспорениот став 3, за кој поведе постапка Уставниот суд, се вели дека доколку Владата оцени дека додатокот на плата го постигне саканиот ефект на вработливост и задржливост, ќе донесе одлука со која ќе го утврди износот на додатокот и датумот од кој истиот ќе влезе во сила.

Уставните судии, велат од Судот, изразија сомнеж во уставноста на посочените ставови од членовите 42 и 91 од Законот за административните службеници, што е и причината за поведување на постапката за оценување на нивната уставност и законитост.

Уставниот суд во месец април оваа година, на Иницијатива на Стамен Филипов, го укина членот 36 став 2 алинеја 3 од Законот за административни службеници со кој се предвидуваше дека кон пријавата кандидатите за вработување задолжително треба да прикачат и доказ дека не им е изречена казна забрана на вршење на професија, дејност или должност.

Исто така, во месец јули оваа година, на иницијатива на Народниот правобранител, Уставниот суд ги укина членот 108 и членот 109 од Законот за административни службеници, со кои се предвидуваше вработените административни службеници да достават докази за познавање странски јазици и работа со компјутерски програми до раководното лице во институцијата во која работат.

УСТАВНИОТ СУД ПОВЕДЕ ПОСТАПКА ЗА ОДРЕДБИ ОД ЗАКОНОТ ЗА СУДСКА СЛУЖБА: Противуставно доставување докази за познавање странски јазици и компјутерски програми

М.В