/ Прочитано:

1.113

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ: Електронска заштита на испитите во Академијата за судии и јавни обвинители

Четврток, 24 септември 2015 – Предложени се измени и дополнувања на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, кои се наоѓаат во собраниска процедура. Предложените решенија содржани во одредбите на Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители  се преземени од Законот за правосудниот испит.

Ревизија на базите на прашања два пати во годината, електронска заштита при спроведување на испитите, формирање на Комисија за ревизија на одржаните испити, се дел од новините кои се предвидуваат во измените и дополнувањата на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители.

Постојан мониторинг на блокирањето на радио фрекфенцискиот опсег

Во предложените законски решенија, се предвидува дека при спроведувањето на испитите кои се полагаат по електронски пат, овластеното правно лице кое технички го спроведува испитот ќе биде должно да го блокира радио фрекфенцискиот опсег  во просторијата за полагање на испитот за време на спроведување на испитните сесии.

Исто така, пропишано е дека Агенцијата за електронски комуникации ќе врши постојан мониторинг на блокирањето на радио фрекфенцискиот опсег во просторијата за полагање на испитот, со цел да се спречи секаков вид на електронска комуникација со околината надвор од просторијата за полагање на испитот.

„АЕК во просторијата за полагање на испитот е задолжена да инсталира мерна опрема која обезбедува електронски запис од извршените мерења во траење од 30 дена, и истите се складираат во централниот контролен систем на АЕК. АЕК формира тричлена комисија која изготвува  извештај врз основа на електронските записи складирани во централниот контролен систем на АЕК и истиот го доставува до Академијата за судии и јавни обвинители најдоцна во рок од 15 дена од завршување на испитната сесија. Исто така предвидена е глоба за овластеното правно лице кое технички го спроведува испитот, доколку не го блокира радио фрекфенцискиот опсег во просторијата за полагање на испитот“, се посочува во законското образложение.

Комисија за ревизија на одржаните испити кои се полагаат по електронски пат

Со новите измени се предвидува формирање и на Комисија за ревизија на одржаните испити кои се полагаат по електронски пат од страна на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители.  Предвидена е глоба за членовите на Комисијата доколку се утврдат неправилности во спроведувањето на испитите, а истото не се констатира во извештајот до Управниот одбор на Академијата.

Ревизија на базите на прашања два пати во годината

Се предвидува ревизија на базите на прашања два пати во годината, при што се менуваат најмалку 30% од прашањата и се предвидува донесување на решение од страна на Управниот одбор на Академијата за изрекување на забрана за полагање на испитот во траење од три години. Исто така,  се предвидува глоба од 2000 до 3000 евра за овластените претставници доколку дозволат кандидатот да постапи спротивно на законските одредби, но и глоба во износ од 100 до 200 евра за кандидатот кој постапува спротивно на законските одредби со кои се пропишува начинот на полагањето на испитот.

 Јавност

Според предложените измени, кандидатите на кои им ќе им биде е одобрено барањето за полагање на испитот и јавноста се информираат за датумот и времето на полагање на испитот, најмалку осум дена пред одржување на испитот преку веб страната на Академијата за судии и јавни обвинители и Јавниот Радиодифузен Сервис.

ПРАВОСУДЕН ИСПИТ: Што содржат новите законски измени чија цел е подобрена база на прашања и заострени казни

М.В