/ Прочитано:

856

Запрено производството на „Екстра Меин“ – Јавното обвинителство со мешовит тим ја комплетира документацијата

Четврток, 7 август 2014 – Производите на месната индустрија „Екстра Меин“, кај кои е пронајдено присуство на листерија, вчера се повлечени од пазарот, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство. „Екстра Меин“ ги демантира наводите и најавуваат суперанализа. Паралелно, Јавното обвинителство ја чека документацијата за да преземе дејствија. За таа цел, ЈО има формирано мешовит интеринституционален тим, велат за Академик од Обвинителството.

Запрено производство и повлечени производи од продажба

„Во врска со добиеното известување од Министерството за здравство за детектирано присуство на Listeria monocytogenes во производ сецкан свински врат на месната индустрија „Екстра меин“ од Куманово, Агенцијата за храна и ветеринарство веднаш ги презеде соодветните законски мерки, при што во текот на вчерашниот ден, од пазарот се повлечени производите од спорната серија, запрено е производството во оваа месна индустрија, земени се мостри од суровините, од работните површини, машините и од сите оние делови каде што евентуално може да се најде Listeria monocytogenes, за да се изврши споредување со изолатите земени од заболените лица“, соопштуваат од Агенцијата.

Од таму нагласуваат дека во врска со добиеното известување од Министерството за здравство за детектирано присуство на Listeria monocytogenes во производ сецкан свински врат на месната индустрија „Екстра меин“ од Куманово, Агенцијата за храна и ветеринарство веднаш ги презеде соодветните законски мерки, при што во текот на вчерашниот ден, од пазарот се повлечени производите од спорната серија, запрено е производството во оваа месна индустрија, земени се мостри од суровините, од работните површини, машините и од сите оние делови каде што евентуално може да се најде Listeria monocytogenes, за да се изврши споредување со изолатите земени од заболените лица.

Во исто време, Агенцијата за храна и ветеринарство им препорачува на граѓаните да не го консумираат производот сецкан свински врат од лотовите 07632 и 07633, со рок на употреба 21.07.2014 до 04.09.2014 година.

„Врз основа на добиените резултати, кои се насока за детектирање на изворот на Listeria monocytogenes, од страна на надлежните институции се вршат дополнителни испитувања. Што се однесува до другите производи од млечната и месната индустрија, операторите со храна од животинско потекло, од 30.07.2014 година, согласно извршеното надополнување на годишната Наредба за извршување на ветеринарните мерки и контроли за заштита на јавното здравство од контаминенти или резидуи кои се пренесуваат од животните или производите од животинско потекло, како дел од дополнителните превентивни мерки за превенција, намалување и елиминирање на ризикот од листерија, вршат задолжително лабораториско испитување на сите лотови од производите од животинско потекло кои се опфатени со Правилникот за посебните барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храна (“Службен весник на Република Македонија” бр. 100/14), за утврдување на евентуално присуство на бактеријата Listeria monocytogenes. Производите не се ставаат во промет се додека не се добие задоволителен лабораториски наод“, посочуваат од Агенцијата.

„Екстра Меин“ демантира и ќе бара суперанализа

„Не е можно од нашата компанија да излезе термички необработен производ. Сите производи, вклучително и сечканиот свински врат, се термички третирани, на температура од 73 до 79 Целзиусови степени, што загарнатирано ја уништува бактеријата листерија. Дополнително, компанијата подлежи на константни контроли на квалитетот на производите и го има имплементирано и спроведува HACCP системот за контрола на квалитет. Поседуваме редовен план за мостирање на готов производ, согласно со законските прописи, редовен план за земање на брисеви, како и сопствен систем за контрола со помош на уред кој детектира присуство на органска материја. Трите вонредни контроли во нашата фабрика во изминатите десет дена од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за здравство на целокупната HACCP документација и хигиенотехничките норми во објектот не покажаа никакви неправилности. Сите земени брисови и мостри од Екстра Меин се негативни“, пишува во соопштението што го испрати компанијата, од каде најавуваат дека ќе побараат суперанализа од Агенцијата за храна и ветеринарство за наведениот производ, во реномирана светска институција, како на изолат, така и на типизација.

Јавното обвинителство ја комплетира документацијата

Од Јавното обвинителство велат дека во моментов се работи на комплетирање на документацијата за да се преземат конкретни дејствија.

„Основното јавно обвинителство – Скопје има формирано тим со претставници од Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за храна и ветеринарство и активно презема дејствија. Се очекува надлежните институции  да достават соодветна документација за изнесените податоци од страна на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, по што надлежниот јавен обвинител ќе преземе дејствија за потврдување на наводите“, велат за Академик од Јавното обвинителство.

Се потврдија првичните сомнежи

Инаку, Министерството за здравство веќе поднесе кривична пријава против непознат сторител за производство и пуштање во промет на штетни прехранбени и други продукти по член 213 од Кривичниот законик, а во врска со член 217 од Кривичниот законик, потенцирајќи дека во предвид се зема и заради заболувањата од бактеријата има настапено смрт на едно или повеќе лица.
Сепак, првичните сомнежи за листеријата беа вперени кон месните индустрии. Од Агенцијата за храна првично преземаа вонредни контроли во сите поголеми производствени погони за храна, магацини за чување и дистрибуција на храна со земање на примероци за анализа. Од таму за Академик потенцираа дека контролите се насочени кон месните индустрии, посочувајќи дека според прописите примарната одговорност е нивна, повикувајќи се на законот за безбедност на храна, каде се предвидува дека примарната одговорност за безбедност на храната е кај операторите.
Како што се прецизира во Законот, операторите во рамки на имплементираниот HACCP систем, имаат обврска секој месец да земаат одреден број на мостри (5 до 10 зависно од видот и обемот на операторот) и да извршат лабораториски испитувања, вклучително и на присуство на листерија.

КЗ: Доколку настапила смрт, најмалку четири години затвор – за дело сторено од небрежност, затвор од шест месеци до пет години

„Ако операторот со храна смета или има причина да верува дека храната која е увезена, произведена, преработена, обработена или дистрибуирана, не е во согласност со барањата за безбедност на храна, мора да започне итна постапка за повлекување на храната од промет, а во случај кога храната ја поминала непосредната контрола на операторот со храна да ја информира Агенцијата за истото. Во случај кога производот стигнал до потрошувачот, операторот мора ефикасно и точно да ги информира потрошувачите за причината поради која се повлекува храната и, доколку е потребно, да ја повлече храната со која потрошувачите веќе се снабдени во случај кога другите мерки не се доволни за да се постигне висок степен на заштита на здравјето на луѓето“, се вели во член 33 од Законот за безбедност на храната. Инаку, во Кривичниот законик за кривичното дело „Производство и пуштање во промет штетни прехранбени и други продукти“ доколку настапила смрт на едно или повеќе лица, за сторителот на кривичното делото предвидува казна  затвор од најмалку четири години. Ако делото е сторено од небрежност, сторителот ќе се казни сторителот ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години. М.В/ veljanoskim@akademik.mk