/ Прочитано:

2.347

АДВОКАТСКАТА КОМОРА И ЦЕНТРАЛНИОТ РЕГИСТАР: Адвокатите како регистрациони агенти се гаранција за правната сигурност и квалитетната правна услуга

Зајакнување на принципите на правната сигурност, владеењето на правото и квалитетната правна услуга се клучните цели на новините во Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, со кои се воведуваат адвокатите како регистрациони агенти. Ова денеска го истакнаа претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија, Никола Додевски и директорот на Централниот регистар на Република Македонија, Андреа Поповски, на почетокот на обуката за регистрациони агенти која се одржа во Општина Кисела Вода.

Никола Додевски, претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија, на денешниот настан истакна дека воведувањето на адвокатите како регистрациони агенти е мошне значаен чекор кој говори дека адвокатите веќе го добиваат своето заслужено место и дека, во согласност со нивната уставна и законска положба, се враќаат таму каде што треба да бидат.

 Адвокатите да бидат адвокати и никој друг да не ја презема улогата на адвокат 

„Ова е резултат на напорите на Адвокатската комора за адвокатурата да го добие своето заслужено место, адвокатите да бидат адвокати и никој друг да не ја презема улогата на адвокат со што ќе се  надмине една клима која е дисперзирана и ја минимизира улогата на адвокатите“, нагласи Додевски.

Тој посочи дека ­обуките кои сега се одвиваат се од аспект на електронското изведување на правните услуги бидејќи, како што подвлече, адвокатите се квалификувани и со самото лиценцирање и веќе се обучени да ја вршат својата работа.

Правна помош која обезбедува правна сигурност

„Воведувањето на адвокатите како регистрациони агенти го докажува токму тоа: повторно работите да си ги вршат тие кои се квалификувани и единствено имаат право да ги вршат, а тоа е правна помош која обезбедува правна сигурност на граѓаните“, додаде Додевски. Претседателот на АКРМ нагласи дека правната сигурност е особена важна и во контекст на влезот на инвеститорите во Македонија затоа што тоа говори за високо квалитетна правна услуга за регистрација на компании и за сите понатамошни промени кои им се потребни на инвеститорите во деловното работење и практика.

Директорот на Централниот регистар, Андреа Поповски, во таа насока образложи дека Централниот регистар досега извршил обуки во 12 поголеми градови во Македонија на кои учествувале над 300 адвокати, а во Скопје веќе има пријавено 450 адвокати.

Зголемен квалитет и квантитет

„Со измените на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица проширен е опфатот на категоријата „регистрационен агент“, со воведување на адвокатите како овластени подносители на електронска пријава на упис на основање, промени и бришења. Ова значи дека сите уписи во Централниот регистар, ќе добијат на квалитет и квантитет затоа што пријавите и сите поднесоци до Централниот регистар за упис во трговскиот регистар ќе се поднесуваат од овластени подносители кои квалитетно и успешно ќе ги извршуваат своите надлежности“ истакна Поповски.

„Системот функционира веќе година и пол за уписот на основање. Ги почнуваме обуките на адвокатите во Скопје. Досега извршивме обуки во 12 поголеми градови во Македонија на кои учествуваа над 300 адвокати, а во Скопје веќе имаме пријавено околу 450 адвокати. Паралелно на тоа се поднесуваат и барања за добивање овластување за регистрационен агент, рече Поповски, образложувајќи дека за таа цел креирано е софтверско решение за системот за е­регистрација.

Борба против надриписарството

Претставниците од Централниот регистар кои се предавачи на обуките, велат дека интересот за обуките е голем. Според нив, вака креираното решение на адвокатите им дава можност квалитетно да го применуваат своето стручно знаење и додаваат дека најголем бенефит од новите решенија ќе имаат граѓаните и деловните субјекти затоа што истите претставуваат и борба против надриписарството.

Обуките за регистрациони агенти наменети за адвокати и адвокатски друштв, како неопходен услов за добивање на овластување за регистрационен агент, започнаа од вчера. На обуките првенствено се разгледуваат постапката за добивање на овластување „регистрационен агент“, прашањата за примената на софтверското решение пеку системот за е-регистрација и постапката по пријавата за упис на основање, промена и бришење на сите форми на трговски друштва.

Од Централниот регистар велат дека едукативниот дел во оваа насока ќе продолжи бидејќи тоа е неопходен услов за добивање на овластување за регистрационен агент. Законот за изменување и дополнувањање на Законот за едношалтерскиот систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, кој се однесува на законските новини за адвокатите, ќе започне да се применува од 1 ноември 2015 година. Од Централниот регистар на Република Македонија нагласуваат дека почнувајќи со овој датум адвокатите и адвокатските друштва ќе можат да ги применуваат своите нови законски овластувања.

Постапка за добивање на овластување „регистрационен агент“ – адвокат поединец и адвокатско друштво

Адвокатската комора за законските новини за адвокатите и адвокатските друштва како регистрациони агенти

Адвокатите ќе бидат овластени подносители на електронска пријава за основање, промени и бришење на трговските субјекти

ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА ВО ИНТЕРЕС НА АДВОКАТУРАТА: Активности, предлози и констатации

М.В / veljanoskim@akademik.mk 6.10.2015